На која возраст децата имаат реална потреба да поседуваат мобилен?
Објавено во: Македонија 24 Август, 2023 07:34
Сведоци сме дека децата кај нас поминуваат многу време со телефоните во раце. На оваа тема често стручњаците упатуваат критики кон родителите. Но, треба да се разграничи употребата на телефонот за забава, за играње на игри, креирање профили на социјалните мрежи и реалната потреба од поседување телефон со цел родителот и детето да бидат во комуникација.
Психологот и семеен советник, Наташа Бекирова објаснува дека до десеттата или дванаесеттата година од животот на детето, неговата социјална средина е на некој начин физички ограничена. Тоа се движи и се дружи со дечиња во близина на својот дом или училиштето.
„На оваа возраст, активностите кои ги имаат децата се базираат на игра, натпреварување. Освен тоа, тука особено треба да се земе во предвид фактот за влијанието на смартфоните врз психофизичкото здравје на детето. Поседувањето на смартфон, би значело и ризик дека развојните потреби на детето ќе се заменат со време поминато на телефон. Затоа, мојот одговор би бил дека идеална возраст каде можеме да сме сигурни дека детето навистина има потреба од телефон би била после дванаесеттата година од животот. Сега постојат многу алтернативни можности како СМАРТ часовници кои нудат сигурност за родителите, а се добра опција за детето“, вели Бекирова.
Психологот се согласува дека кај нас децата поминуваат многу време со мобилните телефони и тоа има негативни ефекти.
„Одговорот е дефинитивно ДА. Праксата покажува дека се претерува со прерано купување на телефони, се претерува во прекумерно користење и предолго дозволување на детето да биде пред екран, и се претерува во содржината која им е достапна на децата и не се контролира. Па оттука се јавуваат родители на дечиња кои бараат помош за ирационални стравови поради штетни содржини кои ги затекнале на своите мобилни телефони“, рече Бекирова.
Децата кои со часови се окупирани со мобилните телефони страдаат и од здравствени проблеми. Последици има по видот, но и физичкиот развој.
„Најпрво е засегнат физичкиот развој на детето. Страда видот, страда моториката која не се развива, а знаеме колку е важно движењето за развојот на мозокот кај дечињата. Страдаат вниманието и концентрацијата. Децата се сè порасеани, сè потешко се концентрираат на академски материјал. Едноставно, нивното мозоче е сè понавикнато на силните светлосни, звучни дразби кои ги нуди телефонот, а не ги нуди црно-белото четиво од книгите. Со други зборови кажано, користењето на паметните телефони ги „крева” стандардите кај децата за тоа што е привлечно и што дава сетилно задоволство. Исто така страда социјалниот живот, се осиромашува меѓучовечкиот контакт. Децата губат можности да тренираат социјални вештини, да учат емпатија, да споделуваат и препознаваат емоции кај другите. Сè повеќе и повеќе уживаат во самотија и „партнерство” со телефоните на сметка на групни активности со останатите деца“, изјави Бекирова.
Во светот се направени истражувања кои покажуваат дека добар дел од децата кои не навршиле 2 години користат мобилни телефони. Многу држави веќе преземаат мерки за да ги оттргнат младите од прекумерната употреба на мобилните телефони и социјалните мрежи. Кина има за цел да го ограничи времето на екранот за деца под осум години до 40 минути, додека американската сојузна држава Јута воведе дигитален полициски час и услов за родителска согласност за малолетниците да ги користат социјалните мрежи. Франција се залага за воведување родителска контрола на уредите.
Сања Атанасовска
foto freepik.com/syda_productions
Можеби ќе ве интересира
ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ НОВОГОДИШНИТЕ ЗАБАВИ - градоначалникот најавува активности за сите генерации
ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со контрарезолуција во Собрание дека СДСМ лаже за мигранти
Предлог за разрешување на главниот обвинител Коцевски утре на седница на Парламентот
Штип ќе им додели „бонус“ од 100 евра за Нова година на 100 пензионери
АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога
Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“
ЌЕ СЕ ОДЛАГА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА АДМИНСТРАТИВЦИ – службите не се подготвени, но додатоците на плата ќе се зголемат




