Добивај вести на Viber
Сунитските екстремисти во Ирак објавија дека имаат целосна контрола врз нафтената рафинерија во Баиџи, северно од Багдад. Главната и најголема ирачка рафинерија за нафта беше под опсада 10 дена, а ирачките безбедносни сили во неколку наврати успеваа да ја одбранат од екстремистите.
Анонимен претставник на бунтовниците објавил дека рафинеријата ќе им биде предадена на управување на локалните племиња и истакнал оти продолжуба походот кон Багдад.
Припадниците на екстремистичката организација „Исламска држава на Ирак и Левант“ (ИСИЛ), откако ја започнаа офанзивата пред две недели, зазедоа поголеми делови северно и западно од Багдад, вклучувајќи го и Мосул, вториот по големина град во Ирак.
Од вчера, под нивна контрола се и сите гранични премини кон Сирија и Јордан, а се приближуваат и до стратешки важната брана во близина на Хадита.
Во рафинеријата во Баиџи работеа дури 15.800 работници и околу 100 странски експерти, а најголемиот дел од нив беа евакуирани пред нападите на екстремистите.
Во рамките на напорите да влијае на смирување на ситуацијата во Ирак, американскиот државен секретар Џон Кери денеска стигна во ирачкиот дел на Курдистан, каде што ќе разговара со највисоките локални претставници. Вчера во Багдад Кери се сретна и со ирачкиот премиер Нури ал-Малики, кој нагласи дека ситуацијата во Ирак претставува закана за „мирот во регионот и во целиот свет“.
Кери, пак, настојува да се постигне согласност за поделба на власта меѓу шиитите, сунитите и Курдите во Ирак, бидејќи екстремистите го користат незадоволството на сунитите со актуелната Влада за да го придобијат локалното население на своја страна.