Насилството врз жените расте, идните парламентарци ќе мораат сериозно да се позанимаваат со овој проблем
Објавено во: Македонија 13 Декември, 2016
Насилството
врз жените не е само политичко прашање,
туку е општествен проблем.
Во Македонија секоја трета жена е жртва
на насилство. Политичарите
не можат и не смеат да молчат пред овој
реален проблем- вели за Фактор, Елена
Димушевска, извршна директорка на
Националната мрежа против насилство
врз жените и семејно насилство. Според
неа треба да се направи еден чекор
понапред од личните идеологии и верувања
и да се овозможи заедничко делување за
да се стави крај на овој проблем.
Во идниот парламентарен состав заложбата на политичките партии поинтензивно да почнат да работат на овој проблем и да му пристапат со должното внимание кое го заслужува треба да биде преку конкретни мерки, а не само како декларативни заложби.
Изборите на кои денеска граѓаните ќе гласаат за идните народни избраници треба да бидат предизвик за лична но и колективна одговорност како партиите ќе пристапат кон ова прашање.
“За оваа појава или се молчи, или пак жртвите се принудени сами да се борат за своите права, бидејќи со години наназад изостанува поддршка од институциите. Владата на Македонија, иако ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство - Истанбулската Конвенциија, до денес не е ниту ратификувана, ниту пак се направени конкретни чекори за поддршка на оваа маргиналзирана група. Реперкусиите од ингнорирањето на овој проблем се далекусежни и оставаат простор, жените жртви на семејно насилство да се вбројат во групата на потенцијални бездомници, со што додатно ќе се влошат условите за дистоинсвен живот и нивна ресоцијализација”- потенцира Димушевска.
Една од најранливите групи која што се судира со проблемот на исклученост од правото на домување се жените жртви на семејно насилство. Можноста за нивно згрижување во шелтер центри е три месеци. Ваквата безизлезна ситуација вели често ги приморува да се вратат кај насилникот. Оттука се потребни интервенции во Законот за социјална заштита за да се зголемат заштитните механизми.
“Системот за заштита за жените жртви на семејно насилство затајува. Правењето на план за напуштање на насилникот секогаш го вклучува и домувањето. Многу мал дел од жените во Македонија имаат имот на свое име или пак живеат во стан во нивна сопственост. Затоа и напуштањето на заедничкото живеалиште значи или враќање кај родителите, или изнајмување стан под кирија која најчесто неможат ни да си ја дозволат. Опцијата е или бездомништво, или насилство. Овој факт неретко е и една од причините за останување во насилната средина. Државата покрај обезбедување на доволен број на Шелтер центри за згрижување на жените жртви на семејно насилство и останати сервиси за поддршка, мора да развие и мерки за нивна ресоцијализација кои е неопходно да вклучуваат и решавање на проблемот со домување“ – додава Димушевска.
Лидери и официјални претставниици од 16 политички партии во пресрет на изборите ја дадоа својата поддршка и ја потпишаа Заедничката Декларација со која се обврзаа да ја ратификуваат Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство, како и да обезбедат финансиска оддржливост на специјализираните сервиси за жртвите преку развивање на програми за финасиска поддршка на национално и локално ниво.
Крајно загрижувачки според неа се сознанијата дека во Македонија нема постоечки систем за заштита на жените со попреченост кои се жртви на некоја форма на насилство и дека и оние малку специјалзиирани сервиси кои постојат не се пристапни и не се прилагодени за потребите на оваа ранлива група. Дополнително, во државата како што вели не постојат податоци за тоа колкав број од лицата со попреченост се жртви на некаква форма на насилство.
Истражувањата во светски рамки, покажуваат дека дури 25% од девојчињата и жените со интелектуална попреченост имаат историја на сексуално насилство. Друга студија пак, вели дека 49% од лицата со интелектуална попреченост, во текот на својот живот ќе доживеат сексуално насилство 10 или повеќе пати. С.Б.