НЕ СЕ ГЛЕДА, АМА СЕПАК ВРТИ - бројчаникот досега „сврте“ вратени 14 милиони евра
Објавено во: Економија 30 Март, 2021
Бројчаникот, долгонајавуван од оваа власт уште на претходните избори, иако не почна да врти на зградата на Триумфалната порта како што беше првично најавен и симболично замислен, сепак, излегува дека долги години наназад во реалноста „врти“, далеку од очите на јавноста и без голема помпезност.
А за тоа колку пари се „свртени“, односно и се вратени на државата по продажба на нелегално стекнат имот, доволно говори извештајот кој го подготвила Агенцијата за управување со одземен имот, и веќе го доставила на разгледување во Владата, а до кој Фактор имаше пристап.
Извештајот говори дека само од одземен и наплатен, односно продаден имот стекнат преку криминални активности, во последните четири години државата успеала да си поврати дури над 14 милиони евра. Покрај ова, запленети се и голем број возила, од кои голем дел им се дадени како донација на бројни државни институции, за обнова на нивниот возен парк.
Всушност, извештајот се однесува на периодот за 2017, 2018, 2019 и 2020 година, и во него Агенцијата предводена од директорот Фатон Асани, кој три и пол години е на таа позиција, подетално набројува каков имот е одземен и наплатен, и колку изнесува неговата вредност.
За 2017 година Агенцијата вели дека наплатила и одземала имот, и тоа подвижен и недвижен имот, акции, парични средства и друго, во износ од 38.951.393 денари, или нешто над 633 илјади евра. Притоа, се напоменува дека за поголемиот дел од одземената стока нема направено проценка и не може да се искаже во парични средства.
Во 2017 година почнала и постапката, како и продажбата, на 86 запленети возила, наменети за старо железо. Стартувала и продажба на одземени машини за продажба на цигари, при што вкупната вредност на овие машини, согласно проценката на Бирото за судски вештачења е нешто над 5 милиони денари, или 84 илјади евра.
„Во рамките на своите законски надлежности, Агенцијата во текот на 2017 година отстапи 106 возила на други институции, за што изготви решенија за одземени предмети со правосилни одлуки за кои Владата даде одлука за согласност“, се вели во извештајот на Агенцијата.
Потоа, во 2018 година Агенцијата, како што се вели во извештајот, наплатила и одзела имот од 103.632.343 денари или 1,69 милиони евра. И во овој случај за поголемиот дел од одземената стока не е направена проценка.
Во таа година почнала и постапка за продажба на 218 хаварисани возила, а нивната продажба продолжила и во текот на 2019 година.
Додека, пак, оние возила што биле во добра состојба, 138 на број, со одлука на Владата биле отстапени на други институции.
Година која е рекордер по одземен и наплатен имот е 2019 година, во која е наплатен имот и тоа движен и недвижен, како и акции и пари, во вредност од 532.114.872 денари, или дури 8,65 милиони евра. За добар дел од одземената стока повторно не може да се направи проценка.
Во 2019 година се продале и најмногу возила, дури 612, како старо железо, како и 13 возила во возна состојба. Притоа, од продажба на хаварисаните возила е добиен имот од 8,7 милиони денари, или 141 илјада евра.
На други институции, пак, на кои им биле потребни, Агенцијата им отстапила 105 возила, и за нив се изготвени решенија.
И следува 2020 година, во кој одземениот и наплатениот имот изнесувал 142.261.941 денар или 2,3 милиони евра.
Биле отстапени и 150 возила на други инстититуции, кои од нив имале потреба и со кои бил збогатен нивниот возен парк.
Според проценките на Агенцијата, во 2017 и 2018 година била отстапена и запленета стока на други институции, и тоа облека, обувки, компјутерска опрема, алати, клима уреди, како и други педмети, во износ од 70.408 евра, потоа во 2019 година стоката што била отстапена вредела 182.731 евро, и лани, во 2020 година е отстапена стока на други институции во вредност од 148.435 евра.
Притоа, оваа стока е отстапена на Министерството за труд и социјала, за загрозените лица, МВР, и тоа за ЕБР, потоа Македонија пат, разни општини и слично, Царина, некои здравствени институции и слично.
Директорот на Агенцијата, Фатон Асани, за Фактор вели дека само пред неколку дена преку продажба на запленет имот наплатиле 270 илјади евра.
Како што е познато, Министерството за финансии ги објави податоците за трошењето на капиталните инвестиции, според кои, за два месеци, Агенцијта нема реализација на овие средства. Но, директорот Асани објаснува дека на Агенцијата за годинава и е доделена мала сума за капитални инвестиции, од околу 4.800 евра.
Сепак, се очекува во следниот период да се реализира еден крупен капитален проект.
Имено, во моментов Агенцијата запленет имот чува во Идризово, но сега ќе треба да се пресели од тој објект, кој го користеле заедно со затворот. Покрај овој, Агенцијата има магацини во Тетово, Гевгелија и Миладиновци. Но, се планира изградба на нов објект.
„Сега Агенцијата треба да добие од државата земјиште, односно парцела во Идризово, на која ќе треба да се изгради нов објект за чување на запленетиот имот, односно магацин. Агенцијата за планирање треба да ни изготви план за објектот од кој ние имаме потреба, и за таа цел деновиве имам закажано состанок со директорот на Агенцијата за планирање. Изградбата на тој магацин за нас ќе биде многу значајна, и тоа ќе биде голема капитална инвестиција“, вели Асани за Фактор.
Како што е познато, на Агенцијата и припадна и имотот на бизнисменот Сеат Кочан, во вредност од 17 милиони евра, и тоа со правосилна судска пресуда. Но, како што објаснува Асани, тој имот не е „чист“, во смисла дека голем дел од него е даден под залог, па практично се води своевидна битка со извршителите за тоа кој има предност при наплатата на имотот.
„Бројчаникот врти само ако ‘вртат’ судовите, односно, извршната власт не може да направи се ако својот дел од работата не си ја презема и судската власт“, објаснува Асани.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.