30 Април, 2024
0.0252

Не се разбирам од „Doing Business“

Објавено во: Економија, Колумни 05 Април, 2016

Добивај вести на Viber

Нека ми простат моите колеги економисти, но економијата никогаш не сум ја сметал за егзактна и веродостојна наука. Затоа што главните варијабли од кои истата зависи никогаш не се иманентно економски. Со тоа „егзактноста“ со која економистите оперираат всушност е статистичка операција на последиците. Но, нејсе, тоа е веројатно мој ненаучен и со тоа неоснован став и затоа еве, го оставам само како можност за полемика со овој текст. Дополнително разгорувајќи ја со признанието дека единствено што сигурно разбирам и што ме интересира од економија се две нешта: мојата плата и цените на производите, или со други зборови - како да преживеам!? Во нашата високорангираност на листата на DoingBusiness, ама ич не се разбирам, а ниту нешто ми сменило да ви кажам искрено од првиот момент кога почнавме да се искачуваме на истата.

Она што во меѓувреме се смени и што се разбира мене лично ми значи е следново. Од кога закуќив куќа пред 11 години и самиот почнував да набавувам намирници по продавници за семејството, цената на сирењето што го јадам порасна од 180-200 денари, на 280-300 денари. За сличен процент пораснаа и цените на истите маслинки кои еве веќе 11 години ги купувам. А цените на чоколадата ми се двојно поскапи, заради тоа што сега купувам по две, се разбира за двете братчиња, мои синчиња. Може ќе кажете дека се размазени и дека би можеле едното да го делат, но тоа е приговор што ризикувам да го прифатам, но сега е надвор од темата. За да не предизвикам пак и дополнителен револт и да помислите дека, скраја да е, кукам и се жалам, покрај толку далеку победни од мене, ќе кажам дека личниот пример го земам само како најверодостоен и ништо повеќе од тоа. Далеку од тоа дека не сум свесен дека сум еден од ретките благословени во оваа држава што се сметаат за средна класа. И сполај му на Севишниот за тоа и на никој друг, особено не на некој вожд.

Но, ајде сепак да не го експлоатирам само личниот пример и да ја универзализираме троа приказната. На ова ме наведоа две средби со мои пријатели кои веќе одамна фатија „усвет“ и немаат ниет да се враќаат во оваа држава. Едниот е во Англија. Според неговите признанија заедно со сопругата дома носат нешто над 3000-3500 фунти. Странците се движат горе-долу околу оваа цифра, за Англичаните ова е премалку. Но и со тие пари, нештата стојат вака. Прво, тоа е нето плата, од која државата таму прибира нешто околу 18%. Погледнете си ја вашата бруто плата и проверете колку проценти оди кај државата!? Второ, од таа плата на крајот од месецот, според неговото признание,им остануваат 1000-1200 фунти како заштеда - значи со платени кирии, бензини, осигуровки, потрошувачка кошничка, облека, патувања... За да ви биде појасна сликата пак, што подразбира таму „потрошувачка кошница“, еве една полунаучна, ама сепак издржана компарација. Според методологијата на ССМ потрошувачката кошничка во Македонија изнесува вкупно 32.252 денари.Тоа значи дека, ако просечната плата во РМ е околу 22.000 денари, да претпоставиме дека едно семејство има месечни приходи од 44.000 денари! Тоа секако е преценето, затоа што просекот е „сарма“ - некому му следува месото, некому листот од копривата, или поконкретно во Македонија скоро 50% од луѓето работат за плата помала од 12.000 денари. Но, ајде да прифатиме дека во едно семејство сепак некако чудесно влегуваат 44.000 денари. И при една ваква најоптимистичка варијанта, ви остануваат едвај 1/4 од вашите приходи на крајот од месецот „заштеда“. Дали сепак ви остануваат, вие најдобро си знаете. А дека на мојот пријател во Англија му остануваат најдобро се гледа што после 3 години веќе се решава да купи куќа, за која ратата би му била помала од сегашната месечна кирија.

На сето ова, секој што некогаш имал прилика да престојува троа подолго во некоја до нормалните земји, ќе види дека згора на ова пак некои цени и услуги се дури и поевтини од овде. Некои секако се поскапи, но само ако ги споредувате со сопствениот стандард. Тука ви го пренесувам искуството на вториот мој пријател со кој разговарав за неговиот живот во Чешка. И така, тој во Чешка може да купи пиво во продавница за 15 денари! Да, за 15 денари. А во не толку фенси кафич за 30 денари. Не бадијала го почнувам споредувањето со пивото, и тој го започна со тоа, а верувајте, тоа му значи! Ако сме малку посериозни, ќе кажеме на пример дека во Прага можете да купите килограм сирење/кашкавал за 220 денари. Годишната карта за севкупниот јавен превоз во Прага е 7500 денари, во Скопје месечен, значи месечен, само за автобус (оти друг превоз нема се разбира), е 1500 денари. Едноставно е да пресметате колку е годишно, зарем не?Не пресметувајте ЈСП нуди и годишен и чини дупло - 15.400 денари. Од Прага пак за Брисел, Лондон...летате за 10 евра, а за исто толку се возите и со автобус за Минхен, да речеме. Оти пак нам не ни треба таа клета Европа и Европска унија, не можете на пример да разговарате по мобилен со сите земји членки како што тоа можат жителите на Чешка за 500 денари месечна претплата. А да, можете секако да добиете и далеку поразновидни понуди за сè, па така, во ресторант можете да налетате и на порција „македонска плескавица“ со попуст „2 порции за 400 денари“. Секако ваквите земји ќе ве разгалат со тоа што ќе можете да си дозволите и да крстарите по Волтава, на пример, за 300 денари. Но, тоа е веќе луксуз, драги мои.

Вакви и слични компарации можам да ви изведам и од личното искуство, но веројатно и самите вие. Па колку и да не се разбирале од економија и DoingBusiness рангирања. Мене, а веројатно и вам сето тоа, толку малку ви значи кога ја добивате платата и се обидувате да го преживеете месецот.

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи