НЕ СЕКАДЕ СЕ ИЗДАВААТ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ: Граѓаните негодуваат, правилата не важат за сите – Институциите тврдат: Контролите се прават неселективно
Објавено во: Економија 23 Ноември, 2023
Двојни аршини или двојни правила. Голем број граѓани преку социјалните мрежи, но и воопшто во меѓусебна комуникација постојано се жалат дека во нашата земја правилата не важат еднакво за сите граѓани. Голем број граѓани сведочат дека при набавка на разни производи фискални сметки се добиваат само во средини каде доминира македонско или мешано население, но дека во региони како популарно наречената Пластичаркса улица во Скопје, во населбите Чаир и Бутел исто така во Скопје, но и Тетово и Гостивар набавките се прават без фискални сметки, а доколку побарате може да добиете парагон блок.
На оваа тема дебатираа голем број граѓани на социјалните мрежи што не поттикна да прашаме во Управата за јавни приходи како се одвиваат процедурите за контрола на компаниите во нашата земја. Дали има региони каде помалку се котролира, или пак региони каде помалку се почитуваат законските одредби и што преземаат за надминување на чуството меѓу граѓаните дека правилата повеќе се применуваат од одредени региони, односно дека правилата не се применуваат секаде согласно законот.
Од УЈП посочуваат дека законите за нив се исти и бараат примена на истите во сите деловни субјекти кои ги посетуваат
- Управата за јавни приходи континуирано и интензивно спроведува контроли согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања (ЗРГП) низ целата територија на државата. Пристапот е целосно објективен и неселективен. Согласно расположливите човечки и материјални капацитети, се стремиме кон рамномерна територијална опфатеност со посебен фокус токму кон региони и дејности за кои постојат објективни показатели дека се даночно „недисциплинирани“ без селекција по етничка или било каква друга припадност – укажуваат од Управата.
Од оваа институција за „Фактор“ потенцираат дека потврда за нивната неселективна работа говори и фактот што УЈП навремено и транспарентно ја известува јавноста преку прес конференции и редовни брифинзи за новинари за бројот на спроведени контроли, утврдени неправилности, опфатот на даночни обврзници и територијалната застапеност.
- Како што беше соопштено на последниот брифинг за новинари кој се одржа на 9 ноември 2023 година во периодот од 01.01.2023-30.10.2023 година, извршени се вкупно 3.712 надворешни контроли по Законот за регистрирање на готовински плаќања од кои 1.948 се со констатирани неправилности. Од нив на територија на Регионалната дирекција Тетово (Тетово Гостивар, Кичево, Дебар, Центар Жупа, Маврово ) во посочениот период беа извршени вкупно 531 контрола од кои 343 се со констатирани неправилности – посочуваат од УЈП.
Од таму додаваат дека во координирана акција со МВР, на територија на Тетово извршени се контроли по основ на ЗРГП и кај приредувачи на игри на среќа при што се констатирани неправилности, како и извршени контроли кај деловни субјекти во Арачиново и на пластичарска улица во Скопје
- Управата за јавни приходи контролите по ЗРГП ги врши на редовна дневна основа, по пријави и претставки на граѓани, како и во координирани заеднички контроли со други органи. Оттука, сметаме дека перцепцијата на граѓаните дека во одредени региони помалку се казнува е субјективна и дека чувството на нееднаквост се темели можеби повеќе на индивидуална засегнатост на даночни обврзници на кои им била извршена контрола и/или на кои евентуално им била изречена глоба за непочитување на законот – посочуваат од УЈП.
Од оваа инситуција укажуваат дека во насока на сузбивање на сивата економија важна е да се спомене и соработката со Инспекцискиот совет. Доколку при спроведување на контролите по Законот за регистрирање на готовинските плаќања , овластените службени лица на УЈП констатираат нерегистрирано вршење на дејност, за истото се известува Инспекцискиот совет кој понатаму ја проследува на постапување до Државниот пазарен инспекторат.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.