Добивај вести на Viber
Не стивнуваат реакциите за изборите кои во неделата се одржаа на Косово , како први вакви избори на целата територија на покраината која прогласи независност во 2008 година.Можност за гласање имаа 1,7 милиони луѓе, заедно со околу 120.000 Срби.
Со овие избори, како што оцени Телевизија Русија во својата репортажа, Белград призна дека Косово не е Србија со тоа што им дозволи на „сепаратистите“ да организираат избори.
„Албанските власти спроведоа избори, добивајќи поддршка од САД, ЕУ, па дури и од Белград. Само никој не ги праша косовските Срби дали се согласуваат со тоа. Тие изјавија дела Белград ги измамил и не сакаат да живеат под власта на албанските сепаратисти“, објави телевизијата која додава дека малиот број косовски Срби, кои сепак излегле на гласање, се соочиле со растурени бирачки места.
Косовскиот премиер Хашим Тачи смета сека Косово успешно ги исполни меѓународните стандарди за легитимни избори со излезност од 22 отсто во северниот дел. Изборите ги поздрави и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, која ги нарече круцијални избори за иднината на Косово.
„Ги следев со големо внимание локалните избори на Косово и им честитам на гласачите за нивното учество. Овие избори беа од клучно значење за иднината на Косово. Јас би сакала да ја изразам мојата благодарност до ОБСЕ за напорната рбаота во олеснувањето на изборите на северот на земјата и на набљудувачката мисија на ЕУ за напорната работа и денешниот прелиминарен извештај“, изјави Ештон.
Според известувачот на Европскиот парламент за Косово, Улрике Луначек, треба да се повтори гласањето на локалните избори во северниот дел на Косовска Митровица. Тој упати критики што имало премалку припадници на косовската полиција на денот на гласањето.
„ Во северниот дел на Митровица во секој случај изборите мораат да бидат повторени, било тоа да е на 1 декември или порано“, истакна Луначек за виенски „Стандард“.
Таа, нагласи дека за повторување на изборите мораат да се воспостават безбедносни услови и побара радикалните како што ги нарече, мафијашки лица што побрзо да бидат уапсени.