АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ТВРДАТ: Христијан Пендиков не бил тепан зашто се чувствува како Бугарин
Објавено во: Македонија 31 Октомври, 2024
Христијан Пендиков не бил тепан зашто се чувствува како Бугарин, велат адвокатите на обвинетите.
Во охридскиот основен суд денеска од почеток почна постапката против Илија Спасески и Борче Ангелоски, кои се обвинети за тепањето на Христијан Пендиков, кој се чувствува како Бугарин, а по случајот доби и државјанство на Бугарија, пренесе „СДК.мк“.
Пендиков не присуствуваше во судницата, но обвинетите одбија вина за овој случај.
Судот треба дополнително да одлучи дали ЦД со изјава на Пендиков за бугарска телевизија ќе биде прифатено како доказ. Според одбраната, тој доказ е потребен за утврдување на правната вистина и да докаже дека оштетениот немал повреди, затоа што го дал интервјуто.
Адвокатот на Пендиков, пак, се противи изјавата на момчето да биде доказ, затоа што снимката според него не била релевантна.
Инцидентот со Пендиков се случи на 19 јануари минатата година пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид.
Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство што тогаш лично му го врачи потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Бугарските власти тогаш тврдеа дека Бугарите во Македонија се тепани и прогонувани.