Неизвесно доаѓањето на Лавров во Скопје
Објавено во: Македонија 13 Ноември, 2023
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција рече дека и натаму е неизвесно доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на конференцијата на ОБСЕ во Скопје.
Прашан дали имаат комуникации со Кабинетот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дали ќе присуствува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, Османи посочи дека се уште нема потврда за неговото доаѓање.
-Ние ги процесуираме барањата на сите членови на руската делегација за визи и за доаѓање во Северна Македонија. Во моментот кога ќе имаме решение сигурно ќе информираме, рече министерот.
Тој минатата недела на средба со новинарите рече дека добил писмо од рускиот министер Лавров во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во земјава, но и дека за тоа „постојат одредени предизвици“, бидејќи македонскиот воздушен простор е затворен за државни руски авиони.
На Министерскиот состанок на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје од 29 ноември до 1 декември ќе учествуваат 76 делегации од земји-членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 гости