НЕМА ЕНДОПРОТЕЗИ ЗА КОЛКОВИ И КОЛЕНА, ПАЦИЕНТИТЕ РЕВОЛТИРАНИ ЧЕКААТ ОПЕРАЦИИ: ГОБ „8 Септември“ чека од ФЗОМ да одобри пари за набавка
Објавено во: Македонија 16 Септември, 2022
Дел од пациентите
кои треба да подлегнат на хируршка интервенција на колкови или колена се
соочуват со проблем бидејќи ендопротезите се потрошени во ГОБ „8 Септември“.
Велат дека за операција мора да чекаат и неколку месеци, но кај некои од нив
состојбата е итна и едноставно немаат време да чекаат да заврши тендерската
постапка за набавка на нова количина ендопротези.
-Изминати се повеќе години од мојата операција на колк и веќе лекарите специјалисти силно ми препорачуваат дека мора да се направи замена и тоа што поскоро. Затоа, поведуваќи се од фактот дека во Градската општа болница во Скопје, ГОБ „8 Септеври“ има навистина одлични ортопеди закажав термин во таа здравствена установа. За жал, по направените прегледи и консултации бев информирана дека нема ендопротеза, односно дека бројот кој е на товар на ФЗОМ, се потрошени и дека се чека нова количина, но откако ќе заврши тендерот. Понудено ми е да ја направам операцијата приватно, а таа чини околу 1.700 евра и тоа само за едниот колк. Не можам, односно не смеам да чекам, бидејќи здравствената состојба може нагло да ми се влоши и да доведе до траен инвалидитет. Останува да направам консултации и во други здравствени установи, и секако крајна варијанта е да подигнам кредит и да ја направам операцијата за 1.700 евра по колк. Навистина се прашувам до кога јавното здравство во Македонија ќе тоне. Приватно може се, а за нас осигурениците, од чии плати редовно ни одат убави суми на пари во ФЗОМ, еднаш во животот кога ќе ни затреба вакво нешто, нема, вели 45 годишна пациентка од Скопје која итно треба да направи замена на старата ендопротеза на колкот, а која за нејзиниот случај разговараше со Фактор.
Фактор побара одговор од раководството на ГОБ „8 Септември“ и според кажувањата на директорот, д-р Христијан Костов, навистина се потрошени ендопротезите и тоа пред истекот на оваа година, пред се заради големиот број пациенти. Истовремено посочува дека уште во август се обратиле до Фондот за здравствено осигурување и побарале дополнителни финасиски средства за набавка на потребните материјали.
-Точно е дека се потрошени ендопротезите и тендерската постапка е во тек. Ако некому е понудено да направи операција приватно, тоа значи дека станува збор за дополнителна дејност. Но не протезите не ги делиме на приватни или на товар на фондот, или има ендопротези или нема. Проблемот е во тоа што ние оваа година ги потрошивме за само осум месеци пред се заради навала на пациенти. Поради ковид пандемијата пациентите кои немаа итност од такви хируршки зафати не беа оперирани. Но, откако почна се нормално да функционира се случи во неколку месеци да има огромен број пациенти заради што и ендопротезите се потрошија. Чекаме одговор од ФЗОМ да ни одобрат средства за набавка на нови количини. Истите пари кои сме ги планирале за конкретно ваква набавка за ендопротези во изминатите најмалку пет години, биле сосема доволни за цела година сега ги потрошивме во текот на летото заради како што реков навала на пациенти. Инаку, една ендопротеза за колк е отприлика 1.200 евра, за колено е уште поскапа, околу 2-2 и пол илјади евра. Станува збор за најквалитетни ендопротези американски и германски. Огромен број пациенти со инфекции на ендопротезите инсистираат да бидат оперирани во ГОБ „8 Септември“ каде што треба да им се направи замена, а една ревизиона протеза е дури 20.000 евра. Такви пациенти има околу 30-тина. Средства не се одобрени, се чека одговор од ФЗОМ, вели директорот Костов.
Во дописот до ФЗОМ, од оваа здравствена установа наведуваат дека доколку не се обезбедат навреме дополнителни средства за набавка на ендопротезите, нема да може да се изведуваат операциите и листите на чекање на пациентите уште повеќе ќе се зголемуваат.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.