НЕМА ГОРИВO НА ПУМПИТЕ ВО БРИТАНИЈА: Војската ќе биде ангажирана да ги вози цистерните со бензин и нафта
Објавено во: Свет 28 Септември, 2021
Британската армија е подготвена да помогне поради кризата
предизвикана со недостаток на гориво
на бензинските пумпи ширум Обединетото Кралство. Се проценува дека на
Британија и недостасуваат повеќе од 100.000 возачи на камиони, заради што и дојде до оваа криза.
Британската армија е подготвена да помогне со проблемот со испорака на гориво во текот на четвртиот ден од долгите редови и затворањето на бензинските пумпи.
Околу 150 воени возачи на цистерни ќе се подготват за испорака до станиците што останаа празни поради паничното купување гориво во текот на претходните денови. Зголемувањето на побарувачката следеше поради стравот дека синџирот на снабдување со гориво ќе биде засегнат од недостатокот на возачи на цистерните, иако има доволно гориво во рафинериите.
Недостатокот од повеќе од 100.000 возачи на камиони, во Британија предизвика и проблеми во сите индустриски сектори во последните неколку месеци, вклучително и испорака на храна во супермаркетите.
Владата на Велика Британија соопшти дека ја става армијата во состојба на подготвеност, како дел од мерките за решавање на кризата со снабдување, што доведе до недостаток на гориво на бензинските пумпи. Возачите на воени цистерни ќе поминат специјализирана обука пред да бидат ангажирани. Поради големата побарувачка за гориво, 50 до 90 отсто од бензинските пумпи во некои делови на Британија останале без гориво.