НЕМА ГРАНИЦИ ЗА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА: Колумбиецот Јанко со македонски песни ја освојува публиката
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2024
Јанко Пенафорт, професионален музичар и пејач од Богота, Колумбија на своите настапи во различни делови од светот ги пее македонските народни песни. Ова момче воедно има потекло од Украина, односно неговата мајка е од Киев и вели дека се заљубил во македонската народна музика затоа што е полна со емоции. Во 2023 година и на почетокот на 2024 година, престојувал во Македонија заедно со Исамар од неговиот бенд и е воодушевен од македонскиот фолклор. Вели дека тој е вистинско богатство. Но, и претходно овој млад музичар доаѓал во земјава.
„Првиот пат кога ја посетив Македонија беше во март 2022 година! Ги посетив Охрид и Скопје и таму поминав околу 2 месеци. Патував низ Европа повеќе од 2 години, најмногу во балканските земји и се заљубив во Македонија! Не можев да останам повеќе од 90 дена, па патував во други земји и повторно се вратив по 90 дена. Ги посетив и Битола и Прилеп, и ги засакав. Најчесто изведувам музика во градовите и земјите што имам можност да ги посетам. Така, кога пристигнав во Скопје, побарав на интернет неколку македонски песни и ја најдов „Македонско девојче“. Подоцна открив неверојатни и прекрасни изведувачи како Влатко Миладиноски, Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски, Анета и Група Молика и други. Имав дури и прекрасна прилика да го видам Влатко Миладиноски со неговиот брат и оркестарот на Концерт во живо во Битола за време на фестивалот „Зимска приказна“ во декември 2023 година, и тоа беше толку возбудливо и инспиративно! Ме мотивираше да учам сè повеќе македонски песни!“, објаснува Јанко.
Тој вели дека македонската музика е апсолутно неверојатна. Иако, како што додава, Македонија географски е мала земја, нејзината музика е огромно културно и музичко богатство.
„Тоа ги одразува длабоките влијанија на различните историски периоди и различното етничко потекло на земјата. Го сакам фактот што толку многу луѓе во Македонија се горди на својот идентитет и сè уште слушаат традиционална музика! Изведувачите се виртуози и професионални; користат вистински, автентични инструменти, а се чувствува нивната длабока музичка позадина во нивната професионалност и виртуозност! Се разбира, многу карактеристичните мелодиски орнаменти на балканската музика се нешто многу посебно, како и необичните ритми како 7/8, 12/8 или 9/8, кои не ги слушаме често во други земји. Хармонијата на македонските песни е толку богата, а не е многу застапена во традиционалната музика од други земји и култури“, додава Јанко.
Вели дека ужива да ги учи текстовите на македонските народни песни и тоа не му е тешко, со оглед на фактот дека неговата мајка е Украинка и тој зборува украински јазик.
„Имам некои планови и цели поврзани со музиката. Во мојата земја, Колумбија, сакам да им го покажувам на луѓето богатството на музиката од целиот свет, и секако, мојата длабока љубов кон македонската музика ме мотивира да ја изведувам каде и да одам! Еден од моите музички проекти има доста голема публика меѓу Украинците, бидејќи изведуваме и украинска музика со „латино вкус“, па имам шанса да ги запознаам со некои од овие неверојатни македонски песни! Дури напишав песна на украински инспирирана од 7/8 и хармонијата на македонската музика, а за тоа зборувам со мојата украинска публика. За следната година планираме да направиме концерти во Европа, а јас би сакал, од срце, да имам можност да настапам и во Македонија“, вели Јанко.
Има повеќе македонски песни, патриотски, но и други кои сака да ги научи во иднина. Во однос на уличната музика вели дека од земја до земја има разлика.
„Што се однесува до уличната музика, тоа зависи од многу фактори, од градот каде што свирите. Тоа зависи и од личното искуство и репертоарот. За нас, најдобрите места се во Источна Европа! Во Македонија ни беше многу добро затоа што луѓето се многу топли, а полицијата ни дозволи да настапиме на улица без никаков проблем. Посебно ни беше добро во Битола и Прилеп! Настапивме и во Охрид и Скопје, а и таму беше одлично. Други земји кои беа многу приемчиви за нашиот настап беа, секако, Украина, Пловдив во Бугарија и во Црна Гора. Во Романија и Турција луѓето се толку љубезни и приемчиви, но полицијата не ни дозволува да настапуваме на улица. Настапувавме и во Грција, но поради некоја причина луѓето не беа толку приемчиви. Сонувам да се вратам во Македонија и да настапувам низ целата земја“, раскажува Јанко.
Македонските граѓани ги видоа видеата од неговите настапи во Канада каде со бендот пее македонски песни и доби многу пофалби. Тој е голем промотор и на украинската музика и култура.
Сања Атанасовска