НЕМА НАДЕЖ ЗА ПОДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ: домашната економија се бори со „институционални кочници“, потребни се структурни реформи
Објавено во: Економија 18 Април, 2024 07:53
Македонија оваа година според ММФ треба да ја заврши со раст на економија од 2,7 проценти, додека следната година со 3,7 отсто, а во 2026 - 3,5 проценти. Бројките говорат дека нашата земја има меѓу најниските прогнозирани стапки за раст на економијата. Понизок проектиран раст од соседите има само Грција, која не е меѓу земјите во развој, туку веќе развиена земја, каде стапките на раст очекувано се помали со оглед на достигнатото економско ниво.
Бугарија слично на нас се очекува да има раст од 2,7 отсто, Србија 3,5 проценти, Босна и Херцеговина според ММФ ќе има раст на економија од 3 отсто, како и Хрватска. Што се однесува пак до Албанија, таму економскиот раст ќе биде 3,1 проценти, додека Косово 3,8 и Црна Гора со 3,7 отсто.
Иако Македонија има најниска проекција, домашните економисти сметаат дека разликите меѓу земјите од Балканот не наметнуваат голема загриженост. Напротив според нив, состојбите во земјите на Балканот се слични, поради што разликите може да се одраз на моментален напредок, но не и драстично разидување.
- Не мислам дека разликите во регионот се драматично различни по овој основ. Земјите од Западен Балкан делат слични структурни карактеристики и многу економски политики се слично поставени. Така што, евентуалните разлики во стапките во последните извештаи/прогнози на меѓународните финансиски институции се само одраз на моменталната состојба на економските текови и економските политики и околности кои се на сцена во тој момент – укажува професорот Марјан Петрески од Американ колеџ.
Професорот појаснува дека моменталните стапки на раст на економијата се одраз на забавувањето кое е присутно неколку квартали по ред, како последица на забавувањето кај надворешната трговија и кај инвестициите, а што е детерминирано главно од кризите низ кои помина Европа, а со тоа и нашата економија.
- Гледано во контекст на аспирацијата да имаме раст кој е значајно повисок, 5 отсто и повеќе, моменталните стапки се и одраз на структурната поставеност на економијата, во која според мене моментално доминира неефикасноста на институционалниот поредок кој е кочница на растот низ една среднорочна перспектива.
Додека краткорочно, изборите може да извршат одредено влијание врз забавување на некои економски текови, но не мислам дека се клучна детерминанта на растот кој се проектира за годинава – појаснува Петрески.
Меѓу препораките на ММФ за подобрување на домашната економија е подобра наплата на акцизите и даноците, но и воведување данок на загадување.
Сепак, нашиот соговорник потенцира дека земајта не е подготвена за раст на даноците, истакнувајќи дека се соочуваме со голема стапка на неформална економија.
- Генерално, не сме подготвени за поголеми даноци на доход и/или потрошувачка, бидејќи се соочуваме со многу голема сива економија. Без да се реши сивата економија барем во одреден обем, повисоки даноци на формалната економија само ќе до-мотивираат деформализација на одредени економски текови. Значи, да, на земјава и требаат повисоки даноци и даноци со одредена прогресија, меѓутоа тоа е тема за следните 5-10 години, откако ќе се решат другите системски проблеми како што е сивата економија. Во делот на даноците сврзани со јаглеродните емисии, тоа е друга тема и таму има простор да се делува со цел побрза енергетска транзиција и посилна и побрза заштита на животната средина – појаснува професорот.
Петрески за Фактор укажува дека нема голем оптимизам за подобри резултати на нашата економија, што посочува е резултат на моменталните расположливи ресурси.
- Не сум голем оптимист. Очекувам дека годинава ќе ја завршиме со стапка меѓу 2 и 3 отсто, што секако не е задоволително, но е одраз на моменталниот контекст. За осетно зголемување на овие стапки на раст, потребна ни е решителна посветеност и конзистентност на структурни реформи, особено во делот на непристрастното и ефективно работење на институциите во функција на тој раст. Ниту една структурна реформа не дава резултати преку ноќ, но важно е да се почне сега, за да дојдеме до поповолни исходи на некој среден рок. Според мене, клучно ќе како новата влада ќе се зафати со реформските процеси – заклучува професорот.
П.О.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
Можеби ќе ве интересира
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета




