НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР: Административците болни од ковид или во самоизолација добиваат цела плата, за оние во приватниот сектор таа е од 70 до 90 отсто
Објавено во: Економија 01 Април, 2021
Нема правда за работниците од приватниот сектор во однос на оние од администрацијата, па дури ни во поглед на боледувањата.
Па така, сега излегува дека вработените во јавниот сектор доколку седат дома затоа што се болни од корона или се во самоизолација, ќе си земат цела плата, односно 100 отсто, но тоа нема да важи и за работниот народ во приватниот сектор, каде боледувањето е меѓу 70 и 90 отсто, зависно од деновите во кои не се доаѓа на работа.
Имено, во време кога дневните бројки на новозаразени од коронавирусот надминуваат над 1.000 граѓани секојдневно, повторно се актуелизира проблемот со тоа во колкав износ ќе им бидат подмирени боледувањата на работниците кои или се заболени од коронавирусот, или не можат да доаѓаат на работа бидејќи се во самоизолација со решение на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Пред неколку дена Синдикатот на вработените во управата и правосудството, УПОЗ, се пофали дека вработените кои се во изолација од ковид 19, ќе добиваат полн износ на надоместок на плата. Тој заклучок Владата го донела на седница одржана на 16 март годинава, откако Синдикатот на УПОЗ во повеќе наврати и укажувал дека оние вработени во управата што ќе заболат од ковид или ќе одат во самоизолација, не смеат да бидат доведени во тешка материјална состојба.
„Во изминатиот период Синдикатот на УПОЗ неколку пати реагираше до Владата и Министерството за труд и социјална политика, укажувајќи на фактот дека Владата како работодавач треба да се грижи за безбедноста и здравјето на вработените и да има предвид дека задршката на плата на вработените кои се заразени од Ковид -19 или се во самоизолација ќе направи сериозен удар врз материјално – социјалната положба на вработените.Врз основа на нашите барања, Владата на седница одржана на 16 март донесе заклучок со кој висината на надоместокот за привремена спреченост од работа за вработените да остане непроменет и да се исплаќа во полн износ, а решението од Државниот санитарен инспекторат да биде и оправдание за привремената спреченост од работа“, се вели во објавата од Синдикатот на УПОЗ.
А деновиве со барање излезе и Конфедерацјата на слободни синдикати, КСС, кои сметаат дека треба да земаат стопроцентна плата оние кои ќе се разболат од ковид и оние кои поради изолација нема да можат да одат на работа.
„Согласно Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени изложени на биолошки штетности, САРС-КоВ-2 е запишан како корона вирус од фамилија coronaviridae, што е во согласност со дополнувањето на Европската Директива за биолошки агенси...“, се вели во објавата од КСС.
Фактор на оваа тема разговараше со Дарко Димовски, претседател на најголемиот и најрепрезентативен синдикат во земјава, ССМ.
Димовски вели дека е среќен што вработените во јавниот сектор ќе земаат целосна плата доколку се дома поради ковид или самоизолација, но дека сега излегува дека вработените во приватниот сектор навистина се онеправдани во однос на нив. Вината за тоа ја гледа кај некои невладини организации, како што се Гласен текстилец и Хелсиншкиот комитет.
„Како што е познато, сега, согласно законските прописи, работниците во приватниот сектор кои отсуствуваат од работа до седум дена, за тој период земаат 70 отсто од платата, потоа до 14 дена земаат 80 проценти, и за период од 15 до 28 дена боледување земаат 90 отсто од платата, што е на товар на работодавачите. А доколку отсуствуваат од работа над тој период, тогаш боледувањето е на товар на државата, односно на Фондот за здравство“, објаснува Димовски.
Но, синдикатот смета дека ковид 19 треба да се смета како професионално заболување, бидејќи многу од работниците го добиле токму на работа, за време на вршењето на работните задачи.
Димовски вели дека уште во ноември лани, Сојузот на синдикатите на Македонија успеал да постигне согласност со Организацијата на работодавачи, односно со нејзиниот прв човек Ангел Димитров, за вработените од приватниот сектор, кога ќе се разболат од ковид или ќе одат во самоизолација, газдите да продолжат да исплаќаат исти процент како и досега при болест, но остатокот до целосна плaта да на работниците да им го надоместува државата. Всушност, за работодавачите тоа не менува ништо, па тие се согласиле со ова решение.
А, ова решение го прифатила и Владата, па таква одлука и донела на една од своите седници, а изјава во таа насока дал и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Но, на ова се побунија Гласен текстилец и Хелсиншки комитет, не знам од кои причини, нагласувајќи дека доколку се донесе, тоа ќе значи некаква дискриминација, еве и јас не знам каква, па дури се заканија и со тужби. Од тие причини Владата се повлече и си остана да важи боледувањето за вработените во приватниот сектор да биде од 70 до 90 отсто, а додека кај оние во државната управа платата да биде целосна и кога се дома поради ковид или поради самоизолација“, вели Димовски.
Според него, сега токму вработените во приватните фрми се дискриминирани во однос на оние од јавниот сектор во поглед на висината на боледувањата.
Инаку, токму во ноември лани имаше жестока кавга на релација ССМ - Гласен текстилец и Хелсиншки комитет на оваа тема.
Тогаш од ССМ изјавија дека кога побарале 100 отсто плата за болните од ковид, наишле на разбирање и конструктивен дијалог од Владата.
„Согласно договореното Владата на својата седница одржана на 3 номври лани донесе заклучок за исплата на 100 отсто боледување за вработените болни или во изолација од вирусот корона и истиот ни беше доставен во ССМ. Изненадени сме што на седницата на Владата одржана на 17.11.2020 година е дадено известување дека боледувањата за вработените болни или изложени на вирусот ќе се исплатуваат согласно закон и колективен договор, што според сегашните одредби значи намален износ на плата за време на боледување“, нагласија тогаш од ССМ.
Тогаш реагираа и од Гласен текстилец, од каде нагласија дека бараат ист третман на вработените во приватниот сектор со тие од јавниот. Бараа уште еден состанок со ССМ, за да се испеглаат недоразбирањата.
„Би сакале да разјасниме во врска некакви обвинувања кон “Гласен Текстилец”. Сведоци сте дека се трудиме да направиме промени во приватниот сектор, зборуваме и реагираме за злоупотреби и прекршувања на права на вработените во приватниот сектор, особено на оние од индустријата за текстил, кожа и обувки.
Потенцираме дека како здружение најважна ни е солидарноста и затоа бараме вработените од јавниот и приватниот сектор да бидат еднакво третирани, согласно ратификуваните конвенции и Уставот како највисок орган. Од почетокот на оваа криза предизвикана од пандемијата Ковид – 19, здружението Гласен Текстилец дава апели, препораки, ја следи состојбата на терен, дава бесплатна правна помош и прави анализи кои ги приложува до Владата, надлежните министерства и соодветните институции од областа на заштитата на човековире и работничките права“, изјавија тогаш од Гласен текстилец.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.