Невработеноста кон историски најниска стапка, но се топи и активното население
Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2025 10:01
Невработеноста постојано се намалува во последните дваесетина години и доколку продолжи трендот за првпат во историјата на Македонија ќе достигне едноцифрена бројка, односно стапка на невработеност под 10 отсто.
Со таква стапка на невработеност би сакала да се пофали секоја влада, како еден од клучните макроекономски показатели.

Но, ако се гледа само бројот на невработени не се добива целосната слика за состојбата со пазарот на трудот. Тоа што најмногу загрижува од трендовите е намалувањето на активното население од каде економијата го црпи потенцијалот за ангажирање вработени.
Во 2017 година 669 илјади лица биле вработени, околу 191 илјада биле невработени, а околу 657 илјади луѓе биле неактивни, односно ниту работеле ниту активно барале работа.

Споредено со последните достапни статистички податоци во 2024 година состојбата била следна: за речиси 19.500 повеќе вработени или повеќе создадени работни места, бројот на невработени е намален за околу 93.500 луѓе, но бројот на активно население е намален за околу 68.000
Значи дека за седум години бројот на активно население, односно луѓе кои се вработени или бараат работа се намалил за речиси 68.000 или околу 8 отсто. Истовремено расте и бројот на неактивни лица во овој период, односно за околу 10 отсто за последните седум години.
Најголемо намалување на активното население на пазарот на трудот има во годините по глобалната пандемија со Ковид 19, имено околу 19.000 лица во 2020 година или пад за 2.2 отсто, околу 19.500 во 2021 година или пад од 2.3 отсто, и околу 16.500 лица во 2023 година, или пад од околу 2 отсто на годишно ниво.

Иако падот може да се препише на карантините и прекинот на работниот процес во текот на првиот шок од пандемијата, тој тренд иако е ублажен во годините на опоравување, сепак и натаму е многу висок.
Главниот проблем според работодавачите се негативните демографски трендови, односно иселувањето, особено на младите и квалификуваната работна сила.
Од друга страна за работниците главните проблеми се несоодветни услови за работа, ограничен кариерен развој и можности, но и општата состојба во државата која ги тера да најдат подобра алтернатива во странство.
Делумнот наплив на работници од странство може да ги задоволи потребите за работници на македонската економија и се очекува тој тренд да се зголемува во следните години, особено со работници од Истокот.
Неформалниот сектор, односно т.н. сива економија се проценува на околу 25 отсто од реалната економија, па дел од неактивното население се смета дека е работно ангажирано без никаква документација што создава нелојална конкуренција но, и сериозно нарушување на работничките права.
Х.С.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





