НИ ЛАНСКАТА ГОДИНА НЕ МУ ДОНЕСЕ СРЕЌА НА АМЕРИКАНСКИ „ВАБТЕК“ - загубата е 2,5 милиони евра, ако е за утеха, помала е од 2023!

Објавено во: Економија 20 Март, 2025 08:20
Ако во јануари годинава донесе одлука да ја покрива загубата од 3,7 милиони евра од 2023 година со идно позитивно работење, треба да се признае дека ниту ланската година не и донела многу голема среќа на странската компанија „Вабтек“, односно поранешно МЗТ, која откако е во сопственост на американскиот инвеститор, се занимава со производство на сопирачки за шински возила.
Имено, Билансот на успех на Вабтек говори дека компанијата ланската 2024 година ја завршила со загуба од 2,53 милиони евра, што е намалување во однос на 3,7 милиони евра, но сепак е значаен негативен финансиски резултат.
А, ова се случува во време кога Вабтек очекува да се префрли во зоните и таму да ја лоцира својата инвестиција, во што има поддршка и од властите.
Билансот на успех на компанијата говори дека таа остварила лани приходи од продажба од одлични 49,43 милиони евра, што е раст за 29 отсто во однос на 2023 година.
Овде најголемите приходи од продажба се остваруваат на странскиот пазар, и тоа лани биле 48,32 милиони евра, што е раст за 27 отсто.
А, она што лани е за пофалба, е дека има огромен раст на приходите од продажба на домашниот пазар, кои се инаку мали по обем, односно лани изнесувале 1,11 милиони евра, што е раст за фантастични 1.237 проценти.
Оперативните расходи и натаму се повисоки од приходите. Тие изнесуваат 50,5 милиони евра, што е раст за 21 отсто. Најголема расходна ставка се трошоците за суровини и мартеријали, кои изнесувале 27,3 милиони евра, што е раст за 21 отсто, додека, пак, за 25 проценти пораснале услугите со карактер на материјални трошоци, кои изнесувале 7,6 милиони евра.
Она што е за пофалба е дека компанијата и во услови на голема криза и загуби, сепак, води см,етка за своите вработени, па тие лани пораснале на 6,9 милиони евра, односно имаат зголемување за 35 отсто.
Сето ова довело до оперативна загуба на компанијата од 731 илјди евра, но фактот што Вабтек имал и големи финансиски расходи од 1,95 милиони евра, за разлика од минималните 155 илјади евра како финансиски приходи, доведфува до тоа ова АД да ја заврши годината со нето загуба од 2,53 милиони евра.
„Финансиските расходи во пресметковниот период од деловната година се поголеми од финансиските приходи од деловната година во износ од 110.391 илјади денари, што од своја страна го намалува нето финансискиот ефект од работењето на Друштвото и Друштвото оствари загуба од редовно работење на износ од 155.316 илјади денари“, велат од компанијата во своето образложение.
Оттаму уште и навеле во образложението дека вложувањата во недвижности, постројки и опрема за периодот јануари – декември 2024 година изнесуваат 85.944.000 денари, или 1,4 милиони евра. Вкупните обврски по долгорочни кредити на 31.12.2024 година изнесуваат 30.706.000 денари или 6500 илјади евра, и се на исто ниво во споредба со истиот период од минатата година, додека обврските по краткорочни кредити изнесуваат 2.479.758.000 денари или 40,3 милиони евра, и се на исто ниво во однос на истиот период од минатата година.
Фирмата засега не сака да го прекине производството, ни да отпушта работници, но мерки секако ќе бидат неопходни, меѓу кои и промена на планот или целосно одлагање на некои планирани инвестиции.
„Последиците од кризата од Ковид-19, директно влијае на оперативното и производното работење на нашето Друштво како и врз продуктивноста, ликвидноста, наплатата на побарувањата и сл. Доколку дојде до продолжување на кризата Друштвото наидува на размислување и за стратегиски промени во обемот на работа. Во однос на стратегиските промени главно ќе се практикуваат мерките за заштита, прилагодување и подобрување на техничките услови за работењето се со цел да нема прекин во производствениот процес. Воедно, Друштвото размислува да превземе некои финансиски мерки како што се: рационализација на трошоците на работење, промена или целосно одлагање на планираните инвестиции, мерки за одржување на ликвидноста. Во однос на човечките ресурси ситуацијата не е променета, освен нормалната флуктуација на кадри и сл. Друштвото ги следи економските трендови во националната, регионалната и глобалната економија со цел да се здобие со информации корисни за процесот на одлучување. Вабтек МЗТ АД Скопје продолжува да работи во насока да го подобри производството, а со тоа максимално задоволување на потребите и очекувањата на купувачите и рационализација на трошоците на работење и да ја одржи пазарната позиција со производи на високо и квалитетно ниво со цел да ги исполни планираните активности за 2025 година“, се вели во образложението.
Инаку, во јануари годинава, како што информираа од ТИРЗ, со цел успешна реализација на инвестицијата од страна на Вабтек, директорот Гоце Димовски, имал редовна координативна средба со Паоло Босио, генерален директор на компанијата. Средбата главно била насочена кон постигнатите резултати, како и кон следните чекори за имплементација на проектот.
Димовски го потенцирал значењето на инвестицијата на Вабтек, земајќи предвид дека таа е веќе присутна на македонскиот пазар.
Генералниот директор на Вабтек, Паоло Босио, нагласил дека проектот напредува според планот, и ја нагласил важноста за континуирана соработка.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
ЕПЛ КАЗНЕТ ВО ФРАНЦИЈА - треба да плати 150 милиони евра

„ВЛАДАТА ДА ЗАСТАНЕ НА СТРАНА НА РАБОТНИЦИТЕ“: ССМ во среда излегува на протест

НАФТАТА ПОСКАПУВА ТРЕТА НЕДЕЛА ПО РЕД - стравувања од тарифна војна вршат притисок врз „црното злато“
ВО СРЕДА СЛЕТУВА ПРВИОТ АВИОН ОД ПАРИЗ - Скопје наскоро ќе се поврзе и со Барселона и Лион

АХВ ОДЗЕДЕ ПРОИЗВОДИ СО ПОМИНАТ РОК - се продавале на пазар за стари работи, изречена казна

ИТНО СЕ ПОВЛЕКУВА ПОПУЛАРНО ЧОКОЛАДО ВО ГЕРМАНИЈА - може да содржи метални делчиња, сите кои го купиле да го вратат

„БЛОКИРАЊЕТО НА ДРУГИТЕ САМО ЌЕ ГИ ПОПРЕЧИ ВАШИТЕ ПАТИШТА“: Кина сака преговори, но подготвена е да се бори

Инвеститор од Емиратите ја посакува Големата плажа во Улцињ

Од април вработените во основните и средни училишта со зголемена плата
