06 Октомври, 2024
0.1703

Интервју со Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ

Николовски: Груевизмот ќе биде жестоко поразен на 12 април - довербата од граѓаните ни е најважна

Објавено во: Македонија 25 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Кога во мај годинава беше назначен за генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски најави дека заедно со коалицијата се сигурни победници на следните парламентарни избори. Тогаш навести силни внатрешни реформи, зацврстување на внатрешната организација и нови концепти и модели на функцонирање. Колку успеа во своите намери за внатрешни реформи на партијата за само шест месеци? Николовски во интервју за Фактор вели дека со нова енергија, партијата е подготвена и на 12 април оди на голема победа, граѓаните ќе изберат напредок, ќе ја запечатат европската иднина на Република Северна Македонија, а рецидивите од груевизмот кои за жал сеуште се присутни во нашата земја ќе бидат поразени. Николовски со задоволство зборува за новиот систем на работа и делување на СДСМ, за новата енергија, новиот концепт на партијата и интензивните теренски активности. На последната седница на Централниот одбор на СДСМ, Николовски беше избран за шеф на изборниот штаб на партијата за изборите предвидени за 12 април. 

Николовски, завршивте со граѓанските трибини „На прав пат“, кои ги организиравте низ цела држава. Каков е вашиот впечаток?

Николовски: Караванот граѓански трибини СДСМ го заокружи минатата недела, во Скопје, во салата Борис Трајковски на голем настан. Задоволни сме од приемот кај граѓаните, од реализацијата на над 30 трибини ширум земјава. Граѓаните даваат силна поддршка, новата енергија, новиот концепт на СДСМ ценам дека е препознаен. Организиравме над 600 маалски и урбани средби, постојано сме со граѓаните. Во тек е кампањата „Врата до врата“. Околу 6.000 наши активисти, симпатизери и поддржувачи, заедно со функционерите, посетија над 140 илјади семејства. Ги слушнавме повторно граѓаните затоа што тоа е и наша задача и точно знаеме што е она што најмногу ги интересира, ги мачи граѓаните. Прибираме идеи и предлози за новите решенија, новите мерка за изборната програма која ја пишуваме со граѓаните. Можам да кажам да изборната програма ќе биде европска, со единствена цел уште повеќе зголемување на животниот стандард на нашите граѓани. Во оваа насока, Во тек е и нов циклус активности „Агенда 20-24“.Станува збор за 11 тематски, програмски трибини на кои ќе презентираме дел од нашите мерки но главно сакаме да ја слушнеме стручната јавност, експертите, граѓанските организации, за различни области. Нивните ставови, предлози, барања внимателно ги анализираме и заеднички наоѓаме решенија кои ќе бидат дел од новата програма на СДСМ.Владата на СДСМ има огромни успеси на сите полиња, особено во економијата, социјалните политики, земјоделието и интеграциите.Затоа ќе продолжиме да зборуваме за успесите на СДСМ во овие 2.5 години, но секако остануваме посветени и на новиот концепт, на нашата програма. Да заклучам, позитивен е мојот впечаток. Со новата енергија, новиот начин на работа и делување, организираност и мотивираност СДСМ најаува голема победа на 12 април!


Рековте ги слушнавте грѓаните, што е она што најмногу ги мачи, увидовте ли каде се вашите грешки?

Николовски: Слушнавме се, од пофалби до критки. На пофалбите им се заблагодаривме, на конструктивните критики им ветивме дека ќе се поправиме. Како што споменав имаме огромни успеси, за многу краток период, на сите полиња, но најмногу во делот на економијата, социјалата, земјоделството, интеграциите, демократијата, враќањето на парите кај граѓаните. За 2.5 години направивме двојно повеќе отколку претходниците за 11 години. Секако има и слабости, ние сме свесни за тоа. Граѓаните се разочарани најмногу од состојбата во правосудството, од моментот што како што велат тие дека се уште на слобода има криминалци од времето на режимот. Свесни се граѓаните дека судската власт е независна, барем така треба да биде, но тешко е да се објасни дека станува збор за само 2.5 години, за целосно поклопен систем да може да се реформира. Ние сме со граѓаните на иста линија, ветивме правда и правда ќе испорачаме.Факт е дека дел од судиите се покажаа дека се зависни од политичари, од моќници, од олигарси, од остатоците на „заробената држава“. Токму затоа ние инсистираме на прочистување во правосудството. Криминалците кои 11 години ја урниусваа државата мора да одговраат и тука остапки нема. Секој што се огрешил пред законите има да одговара. Очекуваме институционална разрешница за сите случаи. Бегалецот, поранешниот премиер Никола Груевски поради сваровски судството успеа да побегне од државата, поранешната министерка за внатрешни работи поради сваровски судството сеуште не е на отслужување на затворската казна и можам да бројам уште многу примери. Не крваревме и не ги ставивме нашите животи на коцка на црниот 27 април, за да се пазариме со било кого. Чесно, искрено и одлучно сме ја презеле одговорноста пред граѓаните. Нема кој друг во оваа држава кој може да ја врати правдата освен ние од СДСМ и ние тоа ќе го направиме. Само така и бидеме вистинска европска држава. Прочистување на судиите и обвинителите мора да има, зашто правда може да носат само праведни судии, а не кочничари на правдата. Му се допаѓало тоа некому или не. Последните бастиони на заробената држава ќе паднат.

ВМРО ДПМНЕ повторно ја турка Северна Македонија во бездна

Ветуавте многу пред да дојдете на власт, се создава впечаток дека не исполнивте многу од ветувањата, особено економските?

Николовски:  Фактите го демантираат таквиот впечаток. За само две ипол години ние успеавме Северна Македонија да ја спасиме од бездната во која не туркаше ВМРО ДПМНЕ, од заробена држава станавме светол пример. Слободата и демократијата повторно ги живееме, гордо, достоинтвено. Во делот не економијата одржавме лекции. Нема економска сфера каде за две ипол години нема подобар резултат споредбено со цели 11 на ВМРО-ДПМНЕ. Од -1,8 отсто во 2017 година економијата сега има раст од 3,6 проценти, а во 2019 имавме најголем раст од 4,1 отсто. Целосно го спроведовме концептот „Парите кај граѓаните“. На овој концепт сум посебно горд затоа што и јас како министер за земјоделство дадов придонес и еве гледаме дека можело, со чесно и одговорно работење, парите наместо во нечии џебови да завршат назад кај граѓаните. Ги покачивме минималната плата за 5.500 денари и сега изнесува 14.500, пензиите во просек по 900 денари, просечната плата за над 2.200 денари и веќе е многу блиску до платата од 500 евра, околу 26.000 денари. Вработените во градинките, образованието, културата, здравството, армијата, центрите за социјална политика имаат зголемени приходи како никогаш досега, поголеми од 20 отсто .Придобивките од социјалната реформа, денес директно ги чувствуваат над 120.000 наши сограѓани. Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти. Над 27.000 деца во моментот земаат детски додаток. Образовниот додаток го земаат 8 и пол илјади деца. Социјална пензија користат над 4 илјади возрасни лица. Ние згриживме 12 илјади стечајни работници. Сите тие добиваат над 8.000 денари месечно, се до нивното пензионирање. Тука е и проектот Мој ДДВ, со овој проект веќе граѓаните почнаа да добиваат си враќаат пари од државата за прв пат досега. И можам уште многу да набројам, што се е направено на полето на инфратруктурата, колку патишта се изградени, реконструирани, можам да набројам што се направивме за 320 илјади земјоделци на што сум особено горд. Направивме многу за 2.5 години, неспоредливо. Само што разликата помеѓу нас и ВМРО ДПМНЕ е што ние работиме, а ВМРО ДПМНЕ не работеше ништо, сите пари ги трошеа на лавови, споменици и со пари на граѓаните ги лажеа истите граѓани, преку скапо платени реклами дека наводно многу работеле. И истото тоа ВМРО ДПМНЕ повторно ја турка Северна Македонија во бездна, ги блокира процесите важни за иднината, кочи закони во Собрание од интерес на граѓаните. Замислете, тие беа против покачувањето на минималната плата, против решението за стечајците, против покачување на платите за специјалистите, го кочат покачувањето на пензиите, го кочат Законот за одбрана. Гледаме една деструктивна политика на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет. Сега последно ги слушам ќе го поништеле Договорот од Преспа. Ете тоа сакаат они, да не растат платите, да не бидеме дел од НАТО и ЕУ, да се вратиме назад во изолација а парите да завршуваат во џебот на фамилијата.  Сакам да порачам дека СДСМ тоа нема да го дозволи. Мицкоски или Груевски без разлика, бидејќи се знае дека тојкомандува се уште во најбогатата партија во Европа ВМРО ДПМНЕ се очајни, тие немаат ништо што да им понудат на граѓаните. Тие нудат само лаги, манипулации, онака како што владеаа 11 години. Погледнете го ВМРО ДПМНЕ и ќе забележите дека се работи за истите ликови, Мицковски, советник на Груевски, некои велат Груевски од Будимпешта сеуште ја води партијата, Анотнио Милошоски, креатор на лажни вести, демантиран од сите амбасади, осомничен за неколку кривични дела, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев, Илија Димовски, Иво Котевски, практично целата груевистичка машинерија која душата и ја извади на македонските граѓани. Е ова е изборот кој го нуди ВМРО ДПМНЕ. Ако е ова изборот, а очигледно дека е тој, тогаш СДСМ како државничка партија сигурно нема да дозволи земјава повторно да потоне во мизерија. ВМРО ДПМНЕ, на изборите на 12 април ќе доживее тежок пораз. Остатоците на режимот ќе бидат поразени. Режим никогаш повеќе. Нема враќање назад во изолација, во мрак, поделби, конфликти. Продолжуваме напред на прав пат. Така што, за нецели 2.5 години колку што сме на власт успеавме земјава да ја внесеме во НАТО, и да станеме држава за пример. Да не беше француското вето, денес сигурно ќе почневме и преговори со ЕУ. Нашата цел останува ЕУ и оваа втора стратешка цел на нашата татковина ќе биде реализирана.


Во јавноста изминатиов перод постојано се споменува дека можно е изборите да не се одржат на 12 април догодина?

Николовски: Избори ќе има на 12 април догодина и на овие избори ќе победи СДСМ. Можеби одложувањето е желба на ВМРО ДПМНЕ за да купат уште малку време. Единствено е вредно да се размисли доколку продолжи оваа очајна политика на ВМРО-ДПМНЕ да ги блокира важните закони во Собранието за покачувањето на пензиите, на платите.... Но, сметам дека не треба да се одложуваат изборите. СДСМ е фаворит на овие избори, сите релевантни анкети покажуваат предност пред ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев е политичар со убедливо најголем рејтинг а Мицкоски има помал рејтинг дури и од неговата партија. Јасно е дека на изборите победник е СДСМ. Затоа што граѓаните сакаат напредок а не враќање назад, сакаат слобода а не режим, сакаат повеќе пари кај нив а не кај фамилијата.  Ќе потсетам, ние баравме изборите да бидат и кон крајот на декември годинава, но опозицијата избега. Но, на 12 април нема да избега. Конечно дојде време за пораз на рецидвите на груевизмот кој за жал се сеуште евидентни. Граѓаните сакаат јасна чиста европска перспектива, со јасен политички срав. Тоа ВМРО-ДПМНЕ не е, и затоа на 12 април ќе доживеат пораз.

Во петок ќе се донесат одлуки за тоа кои ќе бидат претставници на СДСМ во техничката влада

До каде се прегворите за техничката влада, се шпекулираше и вашето име дека вие ќе бидете технички премиер?

Николовски:Во петок, на 26-ти декември, ќе се одржат седниците на Централниот и на Извешниот одбор на партијата каде што ќе се донесат одлуки за тоа кои ќе бидат претставниците на СДСМ во техничката влада која треба да ги спроведе изборите. Можам да ви потврдам дека јас нема да бидам технички премиер, впрочем јас веќе сум избран за шеф на изборниот штаб кој ќе донесе нов четиригодишен мандат на СДСМ.

Честопати се наоѓате на мета и од поранешни функционери на СДСМ?

Николовски: Нивно право. Во тоа е убавината на слободата и демократијата. Секој да зборува слободно, да пофали, да ве критикува, да каже мислење, став. И така ќе остане. Тоа е вредност од победата врз режимот и ние ќе ја гаиме таа вредност. Секоја критика е добродојдена, но доколку е конструктивна. Се останато е веќе препознаено од јавноста. Кога некој поранешен функционер ве критикува неосновано, тогаш сигурно барал нешто неостварливо, па не добил, затоа што салто-мортале е опасна дисциплина. Тргнуваш да рушиш режим и оддеднаш стануваш дел од истиот тој режим кој си го рушел. Кога ја говориш вистината? Како ќе ги погледнеш граѓаните? Но, тоа е нивна работа. Во СДСМ има место за сите добронамерни и искрени критичари кои се за европски вредности. Јас можам да соопштам дека веќе имав средба со наши поранешни спартијци кои долго време се надвор од политичката арена. Имав средба и со поранешните генерални секретари на СДСМ, со основачите на партијата, баравме заеднички начини и успеав да ги вклучиме.  Тоа е придобивка. Јас сум отворен човек, секој е добредојден што искрено сака да помогне. Сметам дека имам изградено одлични релации со нив, ги слушам нивните предлози и ги применувам. Позитивното искуство го пресликав и во општинските организации на СДСМ. Вака обединет СДСМ е грантор на иднината на државата. 


Изминатиов период воопшто владата е изложена на критики?

Николовски: Пак ќе повторам секоја критика е добредојдена. Но, доколку е конструктивна. Се друго сигурно е со некаква цел. Само ќе порачам - да знаеме да си ја цениме слободата. Оти имам впечаток како да заборавивме од каде излеговме во 2016 година. Како да заборавивме на бомбите, на сите злодела на режимот. Како добрите вести да не ни станаа доволно вредни. Отворени сме за секоја добронамерна критика и подготвени тоа што треба, што е посочено да се корегира.

Коалицијата со ДУИ е функционална. Нормално, по некои прашања и теми имаме различни мислења, како на пример за една изборна единица

Фактор: Опозицијата ги користи вашите слабости и пропусти направени во мандатот. Што мислите на што е се подготвена опозицијата?

Николовски: Во минатото видовме дека опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е подготвна буквално на се, на секаква злоупотреба, за да дојде или остане на власт. Најсилен, но и најмонструозен доказ за тоа е насилството од 27 април, случаите со масовното прислушување, притисоците кон граѓаните и медиумите, изборните нерегруларности, но и низ други случаи. И денес не е ништо променето во матрицата на ВМРО-ДПМНЕ. Гледате едно зборуваат дома, друго надвор, немаат став за клучните прашања, блокираат закони во Собранието, работата против покачување на плати и пензии. Деструктивна матрица во континуитет. Од друга страна гледаме дека ништо не се променило во ВМРО-ДПМНЕ. Имаат незаконски долг од 400 илјади евра за претседателските избори. Граѓаните слушнаа дека во овој најнов скандал се вмешани и фирми на Орце Камчев. Е сега истрагата ќе покаже кој треба да сноси одговорност за овој скандал и каква е улогата на ВМРО-ДПМНЕ во т.н. случај „Рекет“. Што финансирал Орце Камчев во ВМРО-ДПМНЕ и за какви цели? Да не ги споменувам бројните случаи за кои се уште се водат судски постапки. Нема ВМРО-ДПМНЕ никаков кредибилитет се додека не се реформира, не се промени и не застане на сраната на државните интереси наместо на страната на Груевски како што е сега.Суштинската разлика е што немаат поддршка од граѓаните и немаат никаква моќ која може да ја злоупотребат. И со Мицкоски таа партија функционира по инструкциите на Груевски од Будимпешта. И денес сме сведоци на нивното деструктивно однесување и противење на се што е добро за граѓаните. Видовме сите дека во Собранието, онаму од каде што добиваат плата од граѓаните, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Комисија го кочеа носењето на Законот за минимална плата, ги кочат измените за Законот за стечајци, не сакаат минималната плата да биде 14.500 денари, не сакаат уште повеќе стејачци да бидат обезбедени. Граѓаните тоа го гледаат, го чуствуваат. Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ преку закани, уцени и притисоци насилно доаѓаше до гласови. Денес, тоа го нема и затоа на фер, слободни и демократски избори на 12 април граѓаните одново ќе ја поразат деструкцијата на ВМРО-ДПМНЕ, нема да дозволат да се случи обнова на режимот, проджуваме напред. На 12 април СДСМ оди на уште една голема победа.

Фактор: Како ги коментирате новите снимки кои излегоа поврзани со случајот Рекет?

Николовски: Како ново светло на целиот случај и испливување на вистината на виделина, вистината која некој очигелдно намерно сакал да ја сокрие и во јавноста да претстави нешто друго. Не знам кој снимал и како се објавени овие снимки, по она што го следам од медиумите очигледно некоја внатрешна борба во ВМРО-ДПМНЕ е тоа, но да не шпекулирам, очекувам истрагата да ги даде сите одговори. Ќе повторам секој што се огрешил да си одговара пред закон. Сепак јасно е од овие снимки дека ВМРО ДПМНЕ и тајкуните на режимот се во тесна врска со „сваровски“ судството. Сега кога почнува да се отплетува клопчето многу работи стануваат појасни. Разоткриени и разголени се сите. Затоа овој случај мора до крај да се расчисти.

Фактор: Какви се односите со ДУИ?

Николовски: Коалицијата со ДУИ е функционална. Нормално, по некои прашања и теми имаме различни мислења, како на пример за една изборна единица. Ние не водиме задкулисни игри, отворено кажуваме во јавноста, затоа рековме дека поднесувањето илјадници амандмани заедно со ВМРО-ДПМНЕ е лоша порака. Ние веруваме во една изборна единица, нашиот став останува непроменет, тоа е добро за демократијата.


Фактор: Се крчкаат ли веќе листите за пратеници?

Николовски: Ветивме дека ќе одиме со родова рамноправност дека 50 отсто ќе бидат жени на листите. За други информации дополнително ќе се разговара во телата на партијата на Централниот одбор и Извршниот одбор.  СДСМ ќе воведе нов иновативен начин на селектирање кандидати. Ќе формираме посебна комисија која ќе го врши процесот на селекција. Целиот процес ќе вклучува експерти од различни дејности кој нема да бидат исклучиво партиски луѓе. На овој начин ќе овозможиме континуитет во отвореноста на нашата партија, но и селектирање на најдобрите кандидати.

Р.Ф

Можеби ќе ве интересира

ПРЕСТРЕЛКА ВО ЧАИР, МАЖ ИМА ЧЕТИРИ ПРОСТРЕЛНИ РАНИ: Пукано е од автомобил

ПРЕСТРЕЛКА ВО ЧАИР, МАЖ ИМА ЧЕТИРИ ПРОСТРЕЛНИ РАНИ: Пукано е од автомобил

И ДОЖД И ВЕТЕР, НО ТЕМПЕРАТУРИТЕ НАД 20 СТЕПЕНИ: Детална метео анализа за утре и за следната седмица

И ДОЖД И ВЕТЕР, НО ТЕМПЕРАТУРИТЕ НАД 20 СТЕПЕНИ: Детална метео анализа за утре и за следната седмица

ИНЦИДЕНТ ВО АВТОКОМАНДА, АМАДЕУС БЕНД САКАШЕ ДА ГО ПРЕКИНЕ КОНЦЕРТОТ: „Се налутија на тонецот“

ИНЦИДЕНТ ВО АВТОКОМАНДА, АМАДЕУС БЕНД САКАШЕ ДА ГО ПРЕКИНЕ КОНЦЕРТОТ: „Се налутија на тонецот“

МАЛИЌИ СТАНА ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НА МЕКСИКО: Во Скопје е отворен конзулатот за зајакнување на односите меѓу Мексико и Македонија

МАЛИЌИ СТАНА ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НА МЕКСИКО: Во Скопје е отворен конзулатот за зајакнување на односите меѓу Мексико и Македонија

ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ДЕВЕ БАИР: Инвестиција од 1,6 милиони евра за граничниот премин со Бугарија

ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ДЕВЕ БАИР: Инвестиција од 1,6 милиони евра за граничниот премин со Бугарија

СТИГНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ ЗА ЛИБАН: Обединетите Арапски Емирати доставија 40 тони лекови и други материјали

СТИГНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ ЗА ЛИБАН: Обединетите Арапски Емирати доставија 40 тони лекови и други материјали

„КОНТИ“ СОГОЛЕ И МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ЗА ДЕСЕТИЦИ МИЛИОНИ ЕВРА: Администраторот се огради од одговорност, а нема ниту кривична пријава до МВР

„КОНТИ“ СОГОЛЕ И МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ЗА ДЕСЕТИЦИ МИЛИОНИ ЕВРА: Администраторот се огради од одговорност, а нема ниту кривична пријава до МВР

ПО ПОЧИНУВАЊЕТО НА БЕБЕТО ДСЗИ ВЛЕГУВА ВО ДЕТСКАТА КЛИНИКА И ВО „КОЗЛЕ“: Имало ли пропусти во лекувањето?

ПО ПОЧИНУВАЊЕТО НА БЕБЕТО ДСЗИ ВЛЕГУВА ВО ДЕТСКАТА КЛИНИКА И ВО „КОЗЛЕ“: Имало ли пропусти во лекувањето?

КОНТАМИНИРАНА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО СТРУМИЦА: АХВ наложи нови мерки за “Комуналец” од Струмица

КОНТАМИНИРАНА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО СТРУМИЦА: АХВ наложи нови мерки за “Комуналец” од Струмица