17 Ноември, 2025
0.1501

Ниски удари, но и добри идеи за Скопје - Што научивме ново за Ѓорѓиевски и Мециновиќ

Објавено во: Анализа 29 Октомври, 2025 09:49

Добивај вести на Viber

За првпат во историјата на локалните избори во Македонија во вториот круг за градоначалник на град Скопје ќе се натпреварува кандидат кој не доаѓа од СДСМ туку од трета политичка опција против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа само по себе ги направи овие предвидливи избори многу поинтересни, што доведе и до првиот дуел меѓу Амар Мециновиќ и Орце Ѓорѓиевски.

ТВ дебатата на Канал 5 започна со ниски удари меѓу двајцата кандидати, па така јавноста практично дозна дека Мециновиќ се уште не е дипломиран политиколог и дека неговиот татко, со кого инаку не живее, поседувал деловен објект во Чаир кој е дивоградба.

Мециновиќ се обиде прв да зададе удар врз интегритетот на противкандидатот Орце Ѓорѓиевски претставувајќи како транзициски политичар и човек кој растел во привилегии затоа што неговиот татко бил пратеник и затоа што од млад својата кариера ја градел преку ВМРО-ДПМНЕ како најмоќна македонска партија.

Но, настрана ниските удари и личните пресметки, дебатата во вториот дел понуди многу поконкретни теми, особено за идеите на двајцата кандидати за развојот на Скопје и решавањето на елементарните проблеми.

Ѓорѓиевски покажа повеќе знаење за функцијата градоначалник, што е и разбирливо бидејќи веќе зад себе има еден мандат во општина Кисела Вода и е претседател на ЗЕЛС, додека Мециновиќ и покрај тоа што бил советник во град Скопје потфрли на репликите на ривалот околу бројот на градски институции, нивните вкупни долгови и актуелна состојба.

Исто така Мециновиќ пропушти златна шанса еднаш засекогаш да се дистанцира од Данела Арсовска и нивната претходна соработка во град Скопје од која произлегоа и повеќе градски функции за членови на Левица. Можеби дел од тие функционери повеќе не се партиски активисти и можеби промениле партиски дрес, но Мециновиќ дефинитивно требаше поревносно да се „откаже“ од Арсовска како најнеуспешниот градоначалник во историјата на Скопје.

Ѓорѓиевски пак, од друга страна продолжи со преголемата самоувереност и кампањската реторика дека ќе ги реши сите проблеми и дека ги знае сите околности во град Скопје, и секако не ја изостави веќе славнат максима дека ќе го исчисти градот за 72 часа.

Мециновиќ, тој месијански наратив, дека само Ѓорѓиевски може да го спаси Скопје успешно го разби со барањето директен одговор - Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи кандидатот на Левица во Советот на град Скопје каде веќе имаат мнозинство доколку Мециновиќ победи на изборите. Ѓорѓиевски иако уверен дека победата е негова, сепак изусти дека не планираат да го блокираат градот во Советот ако победи Мециновиќ и дека секогаш соработката зависи од носителот на функцијата, во случајот самиот градоначалник.

Ѓорѓиевски и Мециновиќ дефинитивно имаат добри идеи за организирање на јавните претпријатија, и промена на моделот на јавниот превоз кој освен со автобуси треба да се збогати и со шински превозни средства, па така ветија унапредување на градската железничка мрежа и воведување нови возни линии.

За проектот БРТ се согласни дека во првичната верзија како што ја претстави Шилегов не се вклучени битни делови од градот на северната и јужната страна и дека истиот мора да се продолжи се до Драчево и Радишани за да опфати повеќе населби и патници.

Мора да се набават нови автобуси кои ќе бидат еколошки, но и да се воведат нови сообраќајни решенија кои ќе го дестимулираат возењето автомобили во централниот дел на градот, но најпрво треба да им се понуди алтернатива на граѓаните, а не истите да бидат казнети.

Истата логика ја понудија и за решавање на дел од загадувањето на воздухот кое се должи на загревањето на домаќинствата со продолжување на градската парно мрежа, а таму каде нема услови да се субвенционираат домаќинствата со топлотни пумпи како најеколошки системи на греење.

За македонската демократија секако е добро да има дебати и директни соочувања на политичките противници, да се видат нивните ставови, да се запамтат добро нивните ветувања и да се побара од нив одговорност за функциите кои ги вршат, особено затоа што ги плаќаат граѓаните.

Можеби по вториот дуел тие кои се уште не се одлучни за кого ќе гласаат ќе добијат појасна слика за капацитетот и можностите на кандидатите и нивните програми, но во секој случај и двајцата кандидати, и Мециновиќ и Ѓорѓиевски се новите политички ѕвезди на македонската политичка сцена, а во кој правец ќе се развиваат, секако ќе решат и граѓаните. 

Х.С

Можеби ќе ве интересира

Моника Ризовска Таневска: Да се формира национално тело за ВИ за Македонија да биде дел од глобалната трка

Моника Ризовска Таневска: Да се формира национално тело за ВИ за Македонија да биде дел од глобалната трка

Вештачката интелигенција ќе ја замени демократијата со „алгократија“

Вештачката интелигенција ќе ја замени демократијата со „алгократија“

Европа се реиндустријализира, но не е се така розово - Годишно гинат 175 илјади работници

Европа се реиндустријализира, но не е се така розово - Годишно гинат 175 илјади работници

Вештачката интелигенција ќе троши струја како „луда“ - Каква е македонската перспектива

Вештачката интелигенција ќе троши струја како „луда“ - Каква е македонската перспектива

Уште колку Мицкоски може да го издржи притисокот од Брисел - Уставни измени или замрзната иднина

Уште колку Мицкоски може да го издржи притисокот од Брисел - Уставни измени или замрзната иднина