Нов државен рекорд! Која банка од камати направи чисти 50 милиони евра за шест месеци?
Објавено во: Економија 01 Август, 2024
Нето приходи од камати 50 милиони евра, солиден е приходот од надоместоци, пристоен раст на кредитирањето со соодветно зголемување на резервациите. Сума сумарум 29 милиони евра нето добивка за половина година. Умерен и пристоен раст по сите основи, зајакнување на пазарната позиција, ова се клучните поенти кои ќе ги зарадуваат сите акционери на Стопанска банка Скопје. И да се знае, во овие шест месеци нивото на депозити и заштеди е зголемено за една милијарда денари.
И Стопанска банка Скопје има бројни и убави новости за своите акционери. Умерен раст по сите витални параметри, подобрување на пазарната позиција, раст на кредитното портфолио. Стопанска банка Скопје во чекор со својата конкуренција носи бројни убави новости за своите акционери и ја зголемува атрактивноста за идните инвеститори.
Во првите шест месеци годинава оваа банка оствари извонредни нето приходи од камати. За прв пат во нејзината корпоративна историја нето приходите од камати надминаа 50 милиони евра. Во споредба со истиот период лани резултатот е подобар за 7,8 милиони евра. Очигледно дека којнјуктурата на европско тло, а и оперативната политика на напата централна банка со каматните стапки и тоа како им оди во прилог на големите банки. Тие добро знаат да ја менаџираат својата поставеност во финансискиот систем на Македонија.
Втората по големина приходна ставка книжи за нијанса послаб резултат од лани. Нето приходите од провизии и надоместоци се на ниво од 7 милиони евра. Од останати приходи реализацијата е 4 милиони евра. И плус од курсни разлики вреден 1,28 милиони евра.
Сума сумарум Стопанска банка Скопје за првите шест месеци годинава направи нето приходи од сите дејности во вредност од 62,5 милиони евра. Евала!
На трошковната страна најголема ставка се резервациите за кредити. Но тоа не значи дека тоа ќе биде расход. Тоа е само резервација која ако нема ризички кредити ќе ги зајакне приходите и во крајна линија добивката. Заради својата кредитна активност банката во овој период резервирала 12,38 милиони евра. Односно нешто повеќе од 1,5 милиони евра повеќе од лани.
Втора односно реално најголема расходна ставка се трошоците за вработените. За нив банката издвоила 9,14 милиони евра. Исто како и кај конкуренцијата и оваа банка ги зголемила своите трошоци односно грижата за вработените за еден милиони евра во споредба со истиот период претходната година.
Кога ќе се подвлече цртката Стопанска банка Скопје е во добивка 29 милиони евра. При тоа со 3,2 милиони евра платен данок спрема државата.
Од билансот на состојба е видно дека умерено расте кредитирањето. На крај на јуни годинава е на ниво од над 1,5 милијарди евра. Односно нето кредитирањето овие шест месеци пораснало за 16,26 милиони евра повеќе во однос на 31 декември лани. Но затоа пак вложувањата во државни обврзници пораснале за безмалку 50 милиони евра. На крај на јуни годинава оваа банка (во најголема мерка н.з.) во обврзници на нашата држава чува 233,5 милиони евра.
Депозитната база е на ниво од 1,65 милијарди евра.
Р.Ф.