Добивај вести на Viber
Британските компании со години го селеа производството во други земји, како Kина и Индија. Тој процес е познат под називот outsorcing. Меѓутоа, сега неколку британски фирми прават reshoring, обратен процес, односно, производството го враќаат во земјата.
Зуење на машините, евтина работна сила и брзо производство. Звучи познато, но ова не е Кина. Ова се прави во Британија.
Зголемена работа
Осум години по преселувањето на фабриката, британскиот произведувач на автоделови „РДМ груп“ ја враќа компанијата во татковината, пишува „Ал Џезира Балкан“.
- Работата е зголемена изминативе две-три години, како и трошоците за транспорт за околу 100 отсто - истакнува Мајлс Гарнер, директор за маркетинг и продажба во компанијата.
Овој процес брзо се шири. Дури една од седум британски компании годинава го врати производството од странство или е во процес да го врати.
Произведувачот на модел на возови „Хернби“ е една од тие компании, како и технолошката фирма „Розбери Пи“, објави владината служба за производство, чиј директор Стивен Бар вели дека трендот го покренуваат цените, квалитетот и роковите на испорака.
Географски фактор
- Фразата што често сме ја слушале е географскиот фактор. Kомпаниите сфаќаат дека вкупниот трошок се балансира добро и оти всушност станува поевтино во многу случаи кога ќе се земат сите фактори предвид. Тоа поттикнува многу од овие мали компании производството да го вратат дома - вели Бар.
„РДМ груп“ ќе врати половина од своето производство во идните две години во новата фабрика во Kонвентри и ќе создаде десетици работни места.
Перспективата е ветувачка. Две третини од компаниите што се имаат вратено веќе забележаа пораст на продажбата. Етикетата „made in Britain“ помага во тоа. Се очекува трендот да продолжи и в година со произведувачи што сега бараат квалитет, а не квантитет.