НОВА - успешна приказна во справувањето со ризикот од ковид-19 во училишна средина
Објавено во: Македонија 05 Мај, 2022 07:16
Пандемијата на ковид-19 влијаеше буквално врз секој сегмент од живеењето на луѓето, оневозможувајќи ги нормално да ги извршуваат приватните и професионалните обврски. Пандемијата го внесе во употреба и терминот „новото нормално“ како ознака за сите активности кои се применуваа за да се намали ширењето на вирусот, а кои во голема мера ги сменија условите во кои се одвиваа работните процеси, наставата во училиштата, организирањето собири и сл.
И покрај отежнатиот начин на функционирање во секојдневието, во земјава може да се најдат позитивни примери на установи кои многу успешно се изборија со предизвиците кои ги наметна пандемијата. Еден од тие примери е и Меѓународното училиште НОВА, образовна установа која за две години од пандемијата со имплементирање на различни активности и заштитни мерки успеа да организира непрекината настава со физичко присуство за речиси сите ученици, како и ефективна онлајн настава за учениците кои во одредени моменти останаа дома поради владините препораки за учење од дома, поради задолжителен карантин или изолација. Преземените мерки и залагањето на тимот на НОВА овозможија училиштето да организира и успешна програма на вонучилишни спортски и академски активности за децата од предучилишна возраст, основците и средношколците во најголем дел од двете учебни години што се одвиваа за време на пандемијата.

„Уште од самиот почеток на пандемијата брзо се прилагодивме на новонастанатата ситуација и презедовме мерки за да создадеме сигурна средина за нашите ученици и вработените, како и да овозможиме безбедно одржување на наставата и спроведување на наставните програми. Креиравме детален прирачник со сите протоколи и процедури користејќи ги искуствата од релевантните меѓународни и национални организации и институции, како и искуства од други меѓународни училишта. Деталното и внимателно спроведување на протоколите и процедурите во НОВА резултираше со лимитирање на ризикот од пренос на вирусот во рамките на училиштето“, вели Александар Ристовски, координатор на Комитетот за безбедност и здравје во НОВА.

Ристовски објаснува дека безбедносните протоколи и процедури во НОВА постојано се ревидираа во изминатиот период на пандемијата и се адаптираа во согласност со најновите сознанија и насоки од релевантните институции. Уште на самиот старт на пандемијата, НОВА имплементираше најразлични мерки со кои создаде услови за одржување на физичка настава безбедна за учениците, но и за вработените во НОВА. Училиштето инсталираше термални камери на влезовите во училишните згради и станици за дезинфекција, постави плексиглас паравани во училниците и училишните кафетерии, а постави и пречистувачи на воздух во сите простории на училиштето за да ја подобри нивната вентилација, кои по потреба и дополнително ги дезинфицираше со користење на УВ ламби.

„Многу корисна мерка беше креирањето и користењето на „НОВА ковид-19 книшки“ во кои учениците или родителите на учениците од пониските одделенија секојдневно одговараа на сет прашања поврзани со здравствената состојба и потенцијални ковид-19 симптоми, како и контакти со ковид-19 позитивни лица. Ваквите „НОВА ковид-19 книшки“ содржеа и информации за тоа дали ученикот има стекнато имунитет на ковид-19 преку инфекција или вакцинација и беа прегледувани секое утро при влезот во училиштето“, објаснува Ристовски.
За време на ковид-кризата, тимот на училиштето го зголеми бројот на простории на отворено достапни за учениците и вработените со цел да овозможи побезбедно одвивање на наставата со физичко присуство. Исто така, НОВА отвори и опреми ковид-изолациски простории во училишните згради кои се ставени на располагање на сите ученици или вработени.

Покрај спроведувањето на овие протоколи НОВА им го олесни пристапот на своите вработени до вакцините против ковид-19, овозможувајќи им на сите што сакаат да добијат прва, втора и трета доза. Ваквиот пристап кон вакцинацијата овозможи постигнување на процент на вакцинираност од над 92 отсто кај вработените. Дополнително, НОВА постигна и околу 50 отсто вакцинираност кај учениците чија возраст дозволуваше да се вакцинираат.

Од НОВА истакнуваат дека покрај сите преземени мерки, големо значење во успешното справување имала и континуираната едукација на заедницата во НОВА составена од учениците, вработените и родителите за сите аспекти на пандемијата, како што се начинот на пренесување на вирусот, начините на заштита, значењето на вакцинацијата, мерки за намалување на ризикот. Сето тоа дало значителни резултати и искуства кои ќе се користат и во иднина.

„Од започнувањето и во текот на пандемијата, успеавме да изнајдеме корисни решенија во интерес на нашите вработени и фамилии. Овозможивме непрекинато одвивање на наставата со адаптација на програмата и имплементација на технолошки алатки, како и преку имплементирање на безбедносни и здравствени протоколи, за да обезбедиме континуитет во образовниот процес во услови кога тоа беше тешко остварливо. Вистински сме горди на тоа што го постигнавме во изминатите две години. Веруваме дека ова искуство ни помогна и во нашиот понатамошен развој, овозможувајќи ни полесно да се справиме со следниот потенцијален предизвик“, вели Иван Новаковски, директор на Меѓународното училиште НОВА.
Можеби ќе ве интересира
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината




