Добивај вести на Viber
Кога малезискиот авион МХ 370 се урнал, најверојатно сите патници и акипажот веќе биле мртви од задушување. Авионот, со кој управувал автопилот, со нивните безживотни тела паднал во океанот, тврди најновиот извештај на австралиските истражни органи, објавен денеска.
Во извештајот на австралиската Управа за безбедност во авионскиот сообраќај, на 55 страници, истражните органи навеле дека дошле до тој заклучок, споредувајќи го овој лет со претходни несреќи, но дека немаат никакви нови информации за да ја поддржат нивната теорија.
Со извештајот се стеснува и областа каде би можеле да се наоѓаат телата на загинатите и се наведува дека постоел очигледен проблем во комуникацијата и планот за лет, како и дека постоеле други „нестандардни“ околности во несреќата.
Новите податоци сугерираат дека авионот се урнал во Индискиот Океан, но уште појужно отколку што досега се претпоставуваше, па австралиските експерти сметаат дека подрачјето на истрагата треба да се помести појужно во однос на просторот кој се пребаруваше досега.
Ова ново приоритетно подрачје на околу 2.000 километри западно од Перт, се наоѓа во многу изолиран дел од океанот, во кој се чести бури со силни ветрови и каде има масивни гребени.
Новата фаза на истрагата треба да започне во август и да трае една година, а со неа ќе биде покриено подрачје од околу 60.000 квадратни километри. Новата фаза на потрагата се проценува дека ќе чини над 56 милиони американски долари.
Исчезнатиот Боинг 777 на Малезија Ерлајнс, кој леташе на летот МХ370 од Куала Лумпур до Пекинг, е мистерија повеќе од 100 дена, а непозната останува судбината на 239 патници и членови на екипажот.