НОВАТА ГОДИНА НОСИ ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО АГЕНЦИЈА ЗА ЦИВИЛНО ВОЗДУХОПЛОВСТВО: пак ќе растат платите, еве ги деталите
Објавено во: Финансии 09 Јануари, 2024
За некого Новогодишните и Божиќните празници носат пријатни изненадувања. Не дека и претходно им беше лошо, ама новата 2024 година ќе им донесе уште поголеми плати на вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Согласно финансискиот план на АЦВ доставен во Собранието, годинава оваа институција ќе потроши уште повеќе пари за плати на вработените. Ако за 2023 година биле планирани 126,7 милиони денари, или 2,06 милиони евра, оваа година буџетот или ставката за плати на вработените е уште поголема.
Имено годинава за плати АЦВ ќе потроши 150,9 милиони денари, или 2,45 милиони евра.
Ова значи дека бруто платите на вработените во оваа институција значително ќе се зголемат. Бројките говорат дека месечно АЦВ за своите вработени ќе троши 12,6 милиони денари за плати.
Имено, согласно последниот годишен извештај за работата на Агенцијата во неа работат 72 лица, што значи дека секој од нив грубо би имал бруто примања од 174,588 денари.
Сепак, со оглед на фактот дека секаде има систематизација и хиерархија на работните места, очекувано е дека вработените на повисоките места ќе имаат повисоки плати, додека оние кои се на пониски работни позиции ќе имаат помала плата од 174 илјади денари месечно.
Исто така треба да се има предвид дека станува збор за бруто плата, од која се плаќаат придонеси за вработените, што значи приливите на сметките на вработените ќе бидат помали и ќе достигнуваат околу 120 илјади денари месечно.
Агенцијата која надлежна за воздухопловството во земјава, тема која е особено актуелна деновиве по мега скандалот кој настана во М-НАВ, веќе четрии години ја раководи Томислав Тунтев, кој доби и втор мандат како прв човек на оваа значајна институција.
- Примањата на вработените треба да се во согласност со меѓународните стандарди и препораките за нивото на платите во државните надзорни тела усогласени со платите што се земаат во сујбектите од авиоиндустријата.
Нивото на платите на вработените, особено на високо стручните воздухопловни кадри од основната дејност, мора да обезбеди мотивациона активност за остварување на квалитетен надзор врз учесниците во авиосообраќајот, да создава услови за подигање на одговорноста во работењето и професионалниот однос, а со тоа и подигнување на нивото на безбедност и сигурноста на воздушниот сообраќај во државата.
Со овој финансиски план се обезбедени средства за нови вработувања, во согласнсот со донесениот Годишен план за вработување на Агенцијата за цивилно воздухопловство во 2024 година, изработен врз основа на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и реално утврдените потреби од стручен кадар – се образложува во финансискиот план доставен во Собранието, потпишан од директорот Тунтев.
Дополнително покрај платите, за вработените оваа институција годинава ќе потроши уште 2,5 милиони денари за трошоци како што се испратнини за одење во пензија и јубилејни награди за вработените. За службени патувања ќе потрошат 5,9 милиони денари, додека пак за разни едукации 4,8 милиони денари.
За потсетување, директорот Тунтев е поранешен пратеник, кој го напушти Собранието за да директорува со АЦВ. Иако Агенцијата е финансиски независна, таа за својата работа одговара пред Собранието.
Оваа инситуција во минатото имаше проблеми со приходите, дури се јавуваше како должник во УЈП, но тоа е минато, бидејќи со развојот на авиосообраќајот во земајва нивните приходи значитено се зголемија, што се одрази позитивно на работењето на институција и секако примањата на вработените во неа.
П.О.