Обвинителката не се појави, одложено рочиштето за Савески и Куновски
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2016
Судeњето против Здравко Савески и Владимир Куновски од партијата „Левица“ денеска повторно е одложено.
Савески на својот Фејсбук профил објасни дека обвинителката поради семејни причини не се појавила на рочиштето.
„Поминаа речиси 6 месеци, половина година, од нашето приведување. Од околу 10 одржани рочишта, само на 2 се работеше. И по 6 месеци, судскиот процес е на самиот почеток. Очигледно, бидејќи не можат да докажат дека сме виновни, сакаат да спроведуваат казнување без докажана вина. Сакаат да нѐ скршат со одолговлекување на судската постапка до бескрај па ние да се умориме од малтретирањето па да признаеме вина за КОНЕЧНО да ни заврши маката. Но, нема да им помине! Не сме ние направени од млеко! Знаеме што е мака. И знаеме да издржиме. Колку сакаат нека одложуваат рочишта, еднаш судењето ќе мора да заврши!“ - пишува Савески.
Минатиот пат судијката соопшти дека го одлага рочиштето затоа што судот очекува податоци од МВР за прекршочните постапки кои се водат за истото дело.
Савески и Куновски претходно беа во куќен притвор. Тие се товарат за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, односно за демолирање на Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов за време на протестите во април кога беа аболицирани 56 политичари и нивни соработници.