29 Март, 2024
0.0372

ОЧЕКУВАМ РАСТ НА ИНФЕКЦИИТЕ, НО НЕ И ПРЕПОЛНУВАЊЕ НА БОЛНИЦИТЕ: Проф. Даниловски за есенскиот бран и за вакцинацијата на децата разговара со Фактор

Објавено во: Македонија 08 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Делта варијантата не ја одминува ниту нашава земја. Веќе имамем неколку потврдени случаи, но истовремено бројките на новозаразени се на многу ниско ниво на дневна основа, па засега остануваме безбедна земја, со празни болници и според оценките на експертите со добро темпо на вакцинација против Ковид-19. Сметаат дека и децата се важна алка во стекнувањето на колективниот имунитет и дека Во оваа насока, професорот Драган Даниловски, еден од најистакнатите епидемиолози во Македонија во разговор за Фактор оценува дека и натаму ќе бидеме земја во т.н. зелена зона.

-Очигледно е дека веќе летово ќе почне полека да расте бројот на случаите, но ако успешно се неутрализираат жариштата – идентификација и изолација на сите нивни контакти – нема да има нивно разгорување. Не верувам дека повторно ќе бидеме ризична земја. Во моментов сме меѓу ретките земји во светот во т.н. зелено подрачје. Тој статус уште долго ќе го имаме, вели професорот.

Што се однесува пак, до евентуален есенски бран на корона вирусот, проф. Даниловски вели дека интензитетот на тоа што се предвидува за од септември натаму, зависи од неколку работи.

-Секому е јасно дека, штом сме дел од еден затворен систем на врзани садови, неизбежно е и кај нас да се прелее новиот сој. Така и се случува. Есенскиот „бран“ може да има облик на грба (од камила), брдо или планина. Каков облик ќе поприми, зависи од:

-Успешноста на сопирање на влезот на инфицирани поединци од странство преку барање негативен ПЦР тест за секој патник;

-Локализирање на настанатите жаришта на локално ниво;

-Достигнатиот праг на колективен имунитет до настапување на есента.

За да се минимизира ризикот од епидемиско ширење, потребен е праг од 80-85 проценти на колективен имунитет. Во моментов, се проценува дека, врз основа на прележување и вакцинирање, тој се движи некаде околу 70 проценти или околу 1,2 милиони (во однос на вкупно население од 1,8 милиони, според евиденцијата на ФЗО). Тоа ниво на колективен имунитет очигледно беше доволно да го потисне алфа сојот („британецот“) и да нѐ доведе во „зелена“ зона според на висината епидемиолошките ризици. За делта сојот 9 („индиецот“), кој е за околу 70 проценти попренослив од алфа, потребно е ниво од околу близу 85 проценти (1,5 милиони). Со сегашната динамика на вакцинирање од близу 15.000 дневно, а имајќи предвид дека интерес за вакцинирање пројавиле 492.000 граѓани (дел од нив сигурно се веќе прележани) – со малку среќа – верувам дека целта од 1,5 милиони имуни луѓе ќе биде достигната до септември. Инаку, ако продолжи трендот на зголемување на случаите каков што е последниве неколку дена, 14-дневната инциденција на 100.000, која денес е 5 (при ефективен репродуктивен број од околу 1,4), ќе ја достигне граничната вредност од 20 за околу 2-2,5 месеци – значи, некаде во септември. При таа вредност, ќе излеземе од зелената зона на ризици (според Европскиот центар за контрола на болести – ЕЦДЦ), појаснува професорот Даниловски.

И покрај ова, како што посочува, не очекува преполнување на болниците во нередниот период, пред се поради фактот што делта варијантата пред се се шири меѓу помладата популација која се уште не е вакцинирана, а помладите, како што објаснува проф. Даниловски болеста ја поминуваат со полесна клиничка слика.

-Делта варијантата се шири меѓу невакцинираните и вакцинираните само со една доза – во преку 99 проценти од случаите, според искуството во Велика Британија, САД и други земји. Тоа се претежно луѓе од помладите генерации, кои и инаку болеста ја поминуваат полесно. Оттаму, очекувам пораст на инфекции, но преполнување на болниците не треба да се очекува, вели тој.

Неговиот став околу вакцинацијата на децата, која и кај нас започнува од понеделник е дека епидемиолошки е оправдано да се вакцинираат и тие, пред се поради фактот дека ако вирусот остане да кружи меѓу најмладите, ќе го направи ендемичен. Истовремено, како што посочува, не постојат никакви докази дека вакцината против корона вирусот предизвикува стерилитет, за разлика од тоа дека една од можните сериозните последици по прележан ковид е стерилитет.

-Децата се дел од вкупната популација и вирусот, во своето циркулирање низ неа, не ги поштедува ниту нив. Во колективниот имунитет не може да не се смета и на нив. Со зголемување на процентот на вакцинирани (и имуни, воопшто) граѓани меѓу полнолетните граѓани, вирусот ќе се префрли да циркулира претежно меѓу нив. Настрана фактот што тие лесно ја поминуваат болеста, но фактот што тој ќе кружи меѓу нив ќе го направи ендемичен. Непреченото пренесување („пасажа“) на вирусот меѓу децата ќе го зголеми ризикот и за појава на мутации. Оттаму, следи заклучок дека, ако имаме цел да го ерадицираме вирусот, епидемиолошки оправдано би било да се вакцинираат и децата. Се разбира, мора прво да се вакцинираат полнолетните граѓани – особено оние со хронични болести и други фактори на ризик. И не би се согласил со наводите за стерилитет од вакцината. Само ќе потсетам за една сериозна последица што се јавува кај децата, при која се зафатени повеќе органски системи, т.н. мултисистемски воспалителен синдром (мultisystem inflammatory syndrome - MIS-C). Тој се јавува само при инфекција со ковид! Тоа за стерилитетот е обична будалаштина. Не постои ниту еден доказ дека било која вакцина предизвикува стерилитет. Но, затоа, пак, постојат докази дека после прележан ковид може да се појави стерилитет.

Истовремено, проф. Даниловски смета дека училиштата треба да ги отворат вратите конечно од 1. Септември.

-Наставата конечно треба да почне „во живо“. Наспроти растечките ризици, тоа мора да се стори, зашто во септември сѐ уште времето е топло и постојано ќе може да се вентилираат училниците, па дури наставата би можела понекогаш да се одржува и на отворено – ова во случај на појава на заразен ученик, на пример. Дали ќе се остане на настава „во живо“ илине, ќе зависи од развојот на епидемиолошката ситуација.

И за крај во нашиот разговор, проф. Даниловски заклучува дека за да си ја заштитиме државата и да останеме во зелената зона, добро е да се засили контролата на границите со барања за ПЦР тестови и други потврди за прележан ковид или сертификат за вакцина, иако, како што појаснува за делта сојот ниту ваквите потврди не се гаранција.

-Во изминатиов период, јас постојано јавно изјавував дека е потребно да се бараат негативни ПЦР тестови за сите што влегуваат во државата – наши државјани и странци – или барем брзи антигенски тестови. Видовме дека кај нас тоа не се воведе. Нелогично е ние тоа да не го бараме за патниците, а соседните држави тоа го бараат за наши луѓе, иако тие имаат неспоредливо поголем број случаи со делта сојот – а ние сме сѐ уште во зелена зона! Ако така остане, вирусот слободно ќе си биде внесуван, а нам на располагање ќе ни биде само „герилски“ приод – да ги ловиме и локализираме појавените жаришта.

Инаку, за делта сојот потврда за прележаност или сертификат за вакцинираност веќе не обезбедува доволна гаранција дека лицето не е инфицирано.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница