Од Европската федерација за новинари не можат да го посетат Божиновски?
Објавено во: Македонија 25 Септември, 2016
На претставници на Европската федерација за новинари не им се дозволува да го посетат во затвор новинарот Зоран Божиновски, кој штрајкува со глад.
Од Кривичниот суд воопшто не одговориле на нивното барање. Во интервју за порталот НоваТВ, генералниот секретар Рикардо Гутиерез вели дека до сега федерацијата не се сретнала со случај каде новинар е обвинет за шпионажа и уцена.
Европската новинаска федерација го алармирала Советот на европа за сомнителноста на случајот со Божиновски, по што Советот ќе побара објаснување од македонската влада.
Гутиерез вели дека обвиненијата против новинарите во Македонија се несериозни и несериозни и неиздржани. Од Федерацијата на нив гледаат како на стратегија да се изврши притисок врз новинарската фела.
Според Здружението на новинари на Македонија процесот против Божиновски е монтиран политички процес чија цел е да се заплашат новинарите. Се бара Божиновски да се ослободи од притвор.
Предметот „Шпион“ во кој е обвинет Божиновски го презеде Специјалното јавно обвинителство. За време на собраниската расправа за отчетот на СЈО, јавната обвинителка Катица Јанева изјави дека смета дека обвинетите во овој предмет треба да бидат ослободени бидејќи предолго време се наоѓаат во притвор.