ОД КАДЕ ЌЕ ДОЈДЕ ГАС ПОСЛЕ 15 НОЕМВРИ - можно ли е за згревање на топланите да влезе во игра скапиот и штетен дизел?
Објавено во: Економија 02 Ноември, 2022
На скопјани во овие топли денови можеби и не им треба многу парно, но така нема да биде веќе за неколку дена, за кога метеоролозите предвидуваат нагло симнување на надворешните температури. Но, она за што беа известени од Владата и од државната ЕСМ, е дека гас за загревање на топланите Исток и Запад е обезбеден само до 15 ноември. Или, од денеска па во наредните две недели. Од каде и како ќе се обезбеди енергенс за следниот период после 15 ноември, никој нема одговор. Единствено од државната ЕСМ која сега е одговорна за обезбедување на топлинска енергија, нагласија дека поради берзанските движења на цените, било поисплатливо да склучуваат краткорочни, наместо долгорочни договори за набавка на гас.
Од ЕСМ известија дека за периодот од овие две недели склучиле договор за набавка на гас од домашната нафтена компанија „Макпетрол“. Од државните електрани нагласија и дека единствениот конкурент на „Макпетрол“ за набавка на природен гас, фирмата ПГО, инаку препорачана од опозицијата, известила дека не е во можност да почне да испорачува од први, туку од 15 ноември, кога се очекува да аплицира со понуда за снабдување.
А, вчера од „Макпетрол испратија и соопштение до јавноста во кое информираат дека цените на гасот за ноември се намалуваат.
„Согласно договорот меѓу „Макпетрол“ и „Гаспром експорт“, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, „Макпетрол“ ги известува своите потрошувачи и пошироката јавност дека цената на природниот гас за ноември ќе се намали за 500 евра за 1.000 нормални метри кубни во однос на цената за октомври ова година“, се вели во соопштението кое вчера го испрати компанијата.
Од тие причини, загрижуваат информациите кои власта ги споделува со јавноста, а тие се дека дури и доколку не се набави гас за загревање на топланите, како опоција и останува и користењето на дизел горивото.
Јавноста, која убаво ги памети годините во кои загаденоста на воздухот во Скопје беше екстремно висока, со право си го поставува прашањето што би донело евентуално загревање на топланите со дизел.
Фактор испрати прашања и до Владата, и до ЕСМ, во кои бараме одговори на прашањата дали стратегијата на Владата и на ЕСМ е топланите да продолжат да работат на гас во текот на целата грејна сезона, со оглед што според информациите кои ги даде самото ЕСМ, набавен е гас до 15-ти ноември. Затоа, прашањето е какви се плановите на Владата и на ЕСМ за после тоа, но и каков е ставот на експертите за тоа на каков енергенс треба да продолжат да работат топланите. Се интересиравме и дали секој месец ќе биде неизвесно греењето во Скопје, но и баравме конкретен одговор дали постои размислување и алтернатива да се користи дизелот од државните резерви.
Се до подготовката на овој текст немаме добиено одговори, а штом тие ќе пристигнат, ќе ги објавиме во целост.
Дел од познавачите на оваа проблематика го поставуваат прашањето дали е можно после 15-ти ноември топланите да работат на дизел гориво, кое, пак, би се користело од државните резерви.
Имено, токму ако се земат предвид сегашните движења на пазарот и цените, поисплатливо е топланите да работат на гас, отколку на дизел гориво. Ова е факт и во однос на цената на гасот, но и поради тоа што од еколошки аспект, далеку поштетно е работењето на дизел отколку на гас.
Некои познавачи го поставуваат и прашањето дали, доколку се пристапи на загревање на топланите на дизел гориво, нема да се создадат уште поголеми трошоци, но и сомнителни тендери за надополнување на државните резерви. Односно, дали некои компании добро познати на јавноста кои се постојани фаворити на тендерите, би се јавиле како играчи за надополнување на резервите.
Со оглед што во моментов цената на дизелот е далеку повисока од онаа на гасот, нејасно е зошто воопшто овој енергенс би влегол во игра за тој да се користи за загревање на топланите. Имено, за животната средина и за здравјето на граѓаните е убедливо најопасен мазутот, кој исто така своевремено се споменуваше како можна опција за топланите. Затоа, некои познавачи ја отвораат дилемата дали „активирањето“ на овие два штетни и поскапи енергенси не исфрла некакви бизнис интереси, бидејќи во ништо друго не би можело да се пронајде логично размислување.
Н.Н.Ф.