Добивај вести на Viber
Љубица Гојгиќ е уредник во српската Б92 телевизија. Таа е новинар која долги години ги следи евроинтегративните процеси на Србија. Во моментот е во Брисел, од каде известува за историскиот почеток на преговорите на Србија со ЕУ. Фактор разговараше со Гојгиќ за тоа како Србија после сите поминати премрежја со Слободан Милошевиќ стана лидер на Западен Балкан и како Македонија од челник се најде на опашката кон евроинтегративниот процес.
Фактор: Ве прашувам како новинар кој следи евроинтеграции, каков е вашиот впечаток, откако Србија доби датум за почеток на преговорите со ЕУ ?
Гојгиќ: Ова е историски момент за граѓаните на Србија, иако сум сигурно дека ако нив денеска ги прашате ќе ви кажат дека можеби тоа и не го препознаваат така борејќи се со проблемите, голема невработеност, сиромаштија бидејќи ЕУ и понатаму им изгледа како на еден проект за кој ќе бидат многу години потребни за да се реализира. Како што кажа премиерот Ивица Дачиќ ова е крај на еден процес и почеток на еден потежок и комплициран процес, кој можеби граѓаните на Србија не го препознаваат, но од реформите корист ќе имаат сите граѓани. Од друга страна мислам дека еден дел од граѓаните на Србија ќе ве потсетат дека цената за почеток на преговорите која Србија ја платија е многу голема и дека српската власт и граѓаните на Србија мораа да се подготват и да прифатат потполна нова реалност во односите со Косово. Мислам дека за голем дел од граѓаните останува како превисока цена дури и за евроинтегративниот процес.
Фактор: Дали е ова Пирова победа или триумф на Србија?
Гојгиќ: Не би рекла дека е ова Пирова победа, прашање е дали е победа. Ова е напредок на Србија во еден правец за кој граѓаните на Србија се одлучија пред 13 години кога го срушија режимот на Слободан Милошевиќ, демократската власт која тогаш победи вети влез на Србија во ЕУ, се сеќавате дека тогаш се лицитираше дека во 2005 година ќе биде полноправна членка на ЕУ, значи од тогаш граѓаните на Србија константно на избори и во испитувањето на јавното мислење покажува дека мнозинството од нив сакаат ЕУ. Мислам дека во овој момент непосредно корист имаат Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ, а граѓаните на Србија допрва ги очекуваат добродетите од ЕУ интеграциите.
Фактор: Србија преживуваше тешки моменти со Милошевиќ, а тогаш Македонија беше лидер на Западен Балкан. Како Србија успеа да стане лидер, а Македонија да заврши на опашката?
Гојгиќ: Ха, ха...Тоа е прашање кое треба да им го поставите на македонските политичари, но секако тема и за граѓаните на Србија и на Македонија. Ние секогаш едни со други се претекнуваме и заостануваме. Никогаш, ниту една земја не држеше во некој долг период тоа лидерство. Можеби е сега моментот на Србија, но ние долго и гледавме на Македонија зад грб. Можеби е сега моментот да се размисли за иницијативите, без разлика на минатото и на тоа што земјите се одвија и сега се самостојни можеби треба да се разговара за некаков заеднички настап или да најдат некој заеднички именител по прашање на ЕУ интеграциите, така што не би си гледале едни на други зад грб, туку би се подржувале во овој процес. Секако мислам дека местото во овој процес на ЕУ интеграциите зависи од самите земји и од Македонија и од Србија, но многу зависи како ќе се сложат коцките во Брисел и што е нивни интерес, па потоа ние се вклопуваме тука со нашите интереси.
Фактор: Кои реформи ќе бидат најтешки. Сега се отвораат поглавјата?
Гојгиќ: Знаете како, вистинската работа допрва почнува. Долготрајните и макотрпни преговори по 35 - те поглавја од кои едно е посоебно болно, а ставено е на почеток. Политичката одлука на Брисел, значи прашањето за Косово, понатаму сеопфатните реформите во општеството, тоа е нешто што бара време, во Србија се зборува за напредок кон ЕУ, но исто така се зборува и за нови предвремени парламентарни избори тие го одвлекуваат вниманието, политичките борби внатре во Србија исто така го одвлекуваат вниманието од целата - влез на Србија во ЕУ. Мене ми се чини дека 2018 година или 2020 година кои себе си си ги задоа Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ се доста амбициозна цел, па ќе видиме дали ќе се оствари.
Фактор: Која е вашата прогноза, кога Србија ќе биде дел од ЕУ?
Гојгиќ: Знаете што, во Белград кружи една шега која можам да ви ја понудам како одговор на ова прашање, а тоа е дека Србија ќе влезе во ЕУ кога со ЕУ ќе претседава Турција (ха ха). Шегата настрана, процесот ќе биде сигурно долготраен и мислам дека ниту еден сериозен аналитичар, политичар не би се впуштал во давање прогнози. Сепак, мислам дека 2020 е навистина оптимистички рок.
И.М