Одложено рочиштето за Мариглен Демири, Левица тврди дека е под прогон
Објавено во: Македонија 23 Септември, 2016
Судот го одложи рочиштето за демолирање на народната канцеларија на претседателот, овој пат против Мариглен Демири, како трет член на раководството на Левица против кој се води кривична постапка. Причината е барањето на Државното правобранителство кое побарало повеќе време за да се разгледаат доказите на одбраната и да се подготват за произнесување на штетата.
- Ова е отворен политички прогон врз највиското раководство на Левица. Како што се наближуваат изборите, тој прогон од кривичен продолжува во физички. Ова е трет член од највисоките партиски органи кој се гони за дело кое не постои. Правниот тим на Левица, заедно со адвокатите немаат намера да признаат вина. Ние ќе се судиме до крај - изјави Димитар Апасиев од Левица.
Кривични пријави освен против Демири има и против Здравко Савески и Владимир Куновски од Левица кои чекаат ново судење откако им беше изречена мерка на претпазливот, но се пуштени да се бранат на слобода. Демири на суд треба да се појави на 22 ноември, на презакажаното рочиште.