„Ова сум јас“ – Проект за превенција од дроги во скопските средни училишта
Објавено во: Мои пари 10 Јуни, 2014
Во Културно информативен центар-Скопје (КИЦ) вчера се одржа завршниот настан од Проектот „Советувалиште и едукација за превенција од дроги меѓу средношколската популација во град Скопје”. Проектот е финансиски поддржан од Град Скопје во износ од 1.300.000 денари, а го реализира Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А.. „ОВА СУМ ЈАС“ е мултимедијален настан на којшто на едно место се претставени различните творби на младите, средношколците коишто беа дел од едногодишниот проект за превенција од употреба на дроги.
Ова е втора фаза во спроведувањето на проектот. Изминатата година, во проектот беа вклучени 9 средни училишта, а во оваа фаза се вклучени 12 училишта кои се под ингеренции на Градот Скопје. Во реализацијата на овој проект учествуваат единаесет средни училишта од град Скопје, меѓу кои СУГС: „Јосип Броз Тито“, „Браќа Миладиновци“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „8-ми Септември“, „Зеф Љуш Марку“, „Панче Арсовски“, „Димитар Влахов“, „Здравко Цветковски“, „Васил Антевски – Дрен“, „Михајло Пупин“ и „Владо Тасевски“.
Во рамките на овој Проект беше отворено првото советувалиште за превенција од употреба на дроги во Град Скопје и беа изготвени акциски планови од средните училишта за активно вклучување на средношколците во превентивни активности. Приоритетна цел на Град Скопје е унапредување на здравствената заштита, подигнување на јавната свест и здравствената култура, односно унапредување на квалитетот на живеењето на младите што опфаќа: образование, спорт и рекреација, слободно време, култура, градење на професионална ориентација, грижа за сопственото здравје.
Во темата превенција од употреба на дроги има неколку битни моменти, а тоа е да им помогне на младите кон афирмирање на здрави стилови на живеење, но исто така да им помогне и на нивните родители, наставници и поширокото опкружување кон нивно правилно насочување од аспект на промена на ставовите и однесувањето кај младата популација.
„Сите заедно треба да ги учиме младите како да го развиваат својот креативен потенцијал, а еден од начините да им се доближиме е да работиме на развој за свесноста за себеси и развој на самодовербата кај нив. Учениците, професорите и стручните служби преку реализацијата на овој Проект креираа најразлични активности кои имаа за цел на еден позитивен и отворен начин да ги информираат своите врсници и соученици, а со тоа и да создадат безбедна атмосфера каде што секој може да добие помош и поддршка за овие проблеми“, рече Даниел Калајџиески, програмски координатор на млади во Х.Е.Р.А.
На завршниот настан во КИЦ, средните училишта се вклучија со различни активности како театарски претстави, музички точки, изложба на фотографии и сл. а беше избрана победничка фотографија, насловена како „Отворена среќа“, а авторот Кристина Панчевска како награда доби велосипед.