ПАЦИЕНТИТЕ СО ВИСОК, НО И СО НИЗОК ПРИТИСОК ВО ГОЛЕМ РИЗИК ОД ТОПЛОТНИОТ БРАН: Лекарите предупредуваат на опасност од мозочни и срцеви удари
Објавено во: Македонија 12 Јули, 2024
Високите
температури не попуштаат веќе неколку дена, но загрижува фактот што
метеоролозите и за наредната цела недела прогнозираат дека термометрите нема да
се спуштат под 40 степени. Дури и за Скопје се предвидува дека во среда ќе
бидат измерени 41 степени, што би била прва највисока температура во текот на
летово. Топлината може да влијае на секого, но некои луѓе имаат поголем ризик
од сериозни здравствени оштетувања, а секако поранливи се постарите луѓе и
бебињата.
Во оваа насока, лекарите појаснуваат што предизвикува екстремната топлина на човековото тело и предупредуваат дека пациентите со висок притисок, но и оние кои имаат низок крвен притисок може да имаат големи проблеми и тешки последици по здравјето.
-Како што телото станува потопло, крвните садови се отвораат. Ова доведува до намалување на крвниот притисок и го тера срцето да работи понапорно за да ја турка крвта низ телото. Ова може да предизвика благи симптоми како што се чешање поради топлотен осип или отечени стапала бидејќи крвните садови се шират. Во исто време, потењето доведува до губење на течности и сол, заради што на удар се пациентите кои имаат константно низок притисок. Ова, во комбинација со намалениот крвен притисок, може да доведе до топлотна исцрпеност. Симптомите вклучуваат: вртоглавица, гадење, несвестица, конфузија, мускулни грчеви, главоболки, засилено потење, замор. Ако крвниот притисок премногу се намали, ризикот од срцев удар се зголемува, велат матичните лекари кои деновиве се соочуваат со поголем борј пациенти.
Истовремено, како што велат, дехидратацијата, е состојба која настанува при големо потење предизвикано од високите температури, а тоа ја прави крвта погуста и потешка за пумпање, па може да го зголеми крвниот притисок.
-Во вакови случаи, во голем ризик се пациентите кои имаат хронично висок притисок, и ако тој дополнително се покачи, опасноста од мозочни удари е огромна. Затоа и советуваме и апелираме во овој период сите оние кои страдаат ов висок крвен притисок да бидат крајно претпазливи. Тоа посебно важи за повозрасните. Не мора да се оди на пазар во 10 часот, па натоварени да се враѓаат дома во 12, 13 часот напладне. Гледаме дека влегуваат во автобусите, а ретко каде е пуштено ладењето. Оваа група е посебно ранлива, но мора да внимаваат и да се придржуваат до нашите препораки. Најважно од се е секако редовното земање на препишаната терапија.
Смртоносните топлотни бранови ги горат градовите на четири континенти, што е знак дека климатските промени може повторно да „помогнат“ да се поттикне рекордната топлина која може да го надмине минатото лето како најтопло во последните 2.000 години.
Температурите кои уриваат рекорди во последните денови предизвикаа стотици, па и илјадници смртни случаи низ Азија и Европа, а Светската метеоролошка организација вели дека има 86 отсто шанси една од следните пет години да ја надмине 2023 година и да стане најтоплата досега. Научниците велат дека топлотните бранови ќе продолжат да се интензивираат доколку светот продолжи да ослободува емисии кои ја затоплуваат климата од согорувањето на фосилните горива.
Анита БуховскиФОТО: EPA-EFE/AHMED JALIL
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.