09 Ноември, 2024
0.0349

ПАМУК, ЛЕН, СУСАМ, АФИОН, ХМЕЉ: Кои култури ги снема на наше тло, а кои се во ризик дека ќе им се случи истото?

Објавено во: Македонија, Агробизнис 08 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Повеќе култури веќе ги нема на нивите во Македонија поради неколку фактори, а други се во опасност дека во иднина ќе ги снема.

Постарите се сеќаваат дека се садело афион, памук, лен, шеќерна репка.  Соња Ивановска, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје вели дека после војната, кога Југославија се обновувала, во Македонија се воспоставувало комерцијално земјоделство – преку задругите. Така земјоделците добивале семе, ѓубриво, заштита и сè што им треба за одгледување, а родот им го откупувале задругите.

„Во тоа време на големи површини се одгледувале и некои култури кои се денес изгубени (главно индустриски): памук, хмељ, афион, сусам, лен, како и шеќерна репа која не се одгледува од 2008 година. Потоа многу легуминозни култури се загубени, како уров (високоенергетска добиточна храна главно за воловите со кои орале во тоа време), граор, па дури и луцерката, наутот и леќата. Лејката (народно црпка) тогаш ја одгледувале за црпење на течности, денес ретко, за декорација или за лек за синуси, а таа содржи многу гени за отпорност и може да се користи како подлога за калемење или во селекцијата за вкрстување, за тиквата и лубеницата. И воопшто сите тие култури имале уникатни гени за отпорност кон суша, високи температури, болести... или пак имале гени за оригинален вкус, арома и квалитет. Затоа секаде во светот интензивно се собираат старите сорти кои понатаму се користат како материјал за селекција – што значи на новите високоприносни сорти да им се внесат гени за вкус или за отпорност“, вели Ивановска.

Додава дека се загубени или крајно загрозени од исчезнување многу сорти од речиси сите култури. Многу ретко наоѓаме зимски или есенски лубеници и дињи. Не се толку благи како летните, но траеле до Божиќ, некои и до следната берба.

„Денес, со пристапот до пазарите, имаат друго овошје преку целата година и не ги одгледуваат. Сортите грав со разновидни зрна (различни бои, шари, форма), крупниот грав или биволар (друг вид на грав), папудата, како и пченката пуканка со црни, виолетови, бордо зрна се поретко ги наоѓаме само во некои пооддалечени села. Сите тие сорти, понекогаш се одгледуваат само за да се зачува семето и традицијата (наследено од мајка или свекрва) дури и ако не ги користат за јадење. Најчесто се одржуваат затоа што им даваат постабилен принос од новите бидејќи се добро адаптирани на локалните услови, како и поради вкусот на кој жителите се навикнати. На пример, старите сорти пченка наменети за варење се многу повкусни и побрашнести од новата шеќерна пченка. Афионот денес се одгледува на околу 100 хектари. Некогаш во Македонија се одгледувал афион со најголема содржина на морфин во светот.  Везената пиперка, која е уникатна во светот и се одгледува само кај нас, најчесто ја знаеме како долга, лута или блага. Но, ние собравме семе од везени пиперки од сите можни форми – од најкрупни, широки и меснати, па сè до везени феферони и гамби, од екстремно лути до благи, па и благи со лута арома. Таквите форми многу поретко се одгледуваат и набргу може да исчезнат. Во сите тие села, старите беа крајно загрижени дека ќе немаат на кого да му го остават семето“, објаснува професорката.

Освен горенаведените причини, иселување на младите и напуштање на земјоделството, има и многу други. Најкритичниот фактор е иселувањето, од секој регион точно се забележува во кои земји се селат луѓето. Тоа како што вели професорката ќе биде уште поинтензивно бидејќи сега повеќе пријатели и роднини имаат во странство отколку дома. Тоа предизвикува и нов проблем: кога си доаѓаат на одмор на родителите им носат семиња од странство.

„На пример, претходната година посетивме села во мавровско и во струмичко. Жителите имаа проблем со дивите животни - компир не садат поради дивите свињи. Пченка поради птиците. Грав и овошки поради мечките. Животните се спуштаат во селата од неколку причини: климатските промени доведоа до суша, во многу години во шумите има малку храна поради тоа. Второ, знаат дека луѓето нема ништо да им направат затоа што се заштитени или затоа што свеста кон животните напредуваше кај новите генерации. Друг фактор што некои култури или сорти се губат е што даваат помали приноси на ваква клима (високи температури). На пример, алармантно е во последните години тоа што тетовскиот грав дава помали приноси (на жешко или долготрајно влажно време му паѓаат цветовите и новоформираните мешунки). Каде и да одиме по регионите (ние лично од 2014 до денес сме посетиле над 500 села) секаде добиваме исти податоци и се соочуваме со истиот проблем. Отсекогаш, старите сорти, и земјоделство воопшто, ги одржувале постарите луѓе. Младите или се вработуваат во администрација и индустрија, или се селат. Го разбирам и го поддржувам, тоа. До најдалечните села често нема асфалтиран пат. Имаше села и без вода. Услови за спорт, култура, и забава речиси и да нема“, додава Ивановска.

Афионот првпат почнал да се одгледува кај нас во 1835 година во близина на градот Штип. Веројатно бил донесен од провинцијата Афион во Турција, по што го добил името. Локалните жители почнале да го одгледуваат и од неговите недозреани чушки, со засекување добивале полусув опиум. Кон крајот на XIX век, 28 отсто од вкупното производство на опиум во Отоманската Империја потекнувало од македонскиот афион. Според содржината на суров морфин (14 - 16 отсто), македонскиот афион се рангирал највисоко во светот. Се одгледувал низ целата земја, но најдобар квалитет имал во регионите на Кавадарци, Струмица и Велес.

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

Мицкоски: Ја разбирам Кос, требаше да го помине „хирингот“ на кој гласаат и европратеници од нашиот источен сосед

Мицкоски: Ја разбирам Кос, требаше да го помине „хирингот“ на кој гласаат и европратеници од нашиот источен сосед

И ПО ЦЕЛО ДЕНОНОЌИЕ, СЕ УШТЕ НЕ Е ПРОНАЈДЕНА ИСЧЕЗНАТАТА ЖЕНА ОД ЈУРУМЛЕРИ - граѓаните бараат повеќе детали за да помогнат

И ПО ЦЕЛО ДЕНОНОЌИЕ, СЕ УШТЕ НЕ Е ПРОНАЈДЕНА ИСЧЕЗНАТАТА ЖЕНА ОД ЈУРУМЛЕРИ - граѓаните бараат повеќе детали за да помогнат

МЛАД БИТОЛСКИ МАНИЈАК МАЛТРЕТИРАЛ ДЕВОЈКИ, СЕГА Е ВО ПРИТВОР - Обвинителството го товари за силување

МЛАД БИТОЛСКИ МАНИЈАК МАЛТРЕТИРАЛ ДЕВОЈКИ, СЕГА Е ВО ПРИТВОР - Обвинителството го товари за силување

ДЕНЕСКА ЌЕ ОДИ И ДО 19 СТЕПЕНИ, АМА УТРЕ НЕМА ДА БИДЕ ТАКА - еве какво време не очекува

ДЕНЕСКА ЌЕ ОДИ И ДО 19 СТЕПЕНИ, АМА УТРЕ НЕМА ДА БИДЕ ТАКА - еве какво време не очекува

ПРЕДМЕТОТ Е ПРЕДАДЕН ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ОЈО СКОПЈЕ - МВР отворило постапка за сертификатот на Бојан Христовски

ПРЕДМЕТОТ Е ПРЕДАДЕН ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ОЈО СКОПЈЕ - МВР отворило постапка за сертификатот на Бојан Христовски

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Фетаи добил смртни закани и бара безбедносни мерки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Фетаи добил смртни закани и бара безбедносни мерки

ШТО ЌЕ ПОНУДИ КОМПЛЕКСОТ АЛЕКСАНДРИЈА - еве што открива Александар Стефанов во „Бизнис муабети“ на Фактор

ШТО ЌЕ ПОНУДИ КОМПЛЕКСОТ АЛЕКСАНДРИЈА - еве што открива Александар Стефанов во „Бизнис муабети“ на Фактор

АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ БАРААТ ПОВЕДУВАЊЕ ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ ЧЛЕН НА СУДСКИ СОВЕТ - за судир на интереси и пристарсност

АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ БАРААТ ПОВЕДУВАЊЕ ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ПРОТИВ ЧЛЕН НА СУДСКИ СОВЕТ - за судир на интереси и пристарсност

АКО ТРЕБА, ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ ЌЕ ПОБАРАМЕ ПРИЈАТЕЛСКИ СОВЕТ ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА - најава од претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски

АКО ТРЕБА, ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ ЌЕ ПОБАРАМЕ ПРИЈАТЕЛСКИ СОВЕТ ОД ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА - најава од претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски