03 Мај, 2024
0.0284

Паралелна подземна економија

Објавено во: Економија, Колумни 22 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

По се‘ што разбравме за начинот на владеење на актуелната власт, секој умен си го поставува прашањето, како може да се развива бизнис кога актуелната власт воведе паралелна подземна  економија  која речиси целосно ја супституира  декларираната пазарна економија. Слободата на претприемништвото и конкуренцијата се длабоко нарушени, додека власта преку невидените антипазарни популистички мерки, ја користи позицијата за непречено одржување на подземното работење. А притоа, додека гази по патот кој самата го трасираше во името на народот, без чувство на одговорност и срам постојано нагласува  дека во земјата има добра бизнис клима. Но, што е добро кога за власта бизнис клима е и кога стопанствениците се изложени на уцени, кога се  реализираат селективни инспекции, кога се вршат изнудувања, најчесто во обезбедувањето на поддршка во изборите. Бизнис клима за власта (не според мене, туку од она што можевме да го слушнеме од снимките,  а што веќе е потврдено од повеќе места дека е веродостојно) се и тешките прекршувања на јавните набавки, корумпираноста на високи државни функционери, злоупотребите на институциите, злоупотребите на државните ресурси за партиски интереси. Бизнис клима е и партизираното судство, како и  ригорозните казни се‘ со цел да се влее страв кај бизнисмените, а не да се корегира однесувањето. Газeњето на правата и слободите на луѓето и граѓаните не ќе беше можно во такви размери како што се случи, доколку тоа не беше постојано поддржувано со популистички мерки со кои божем се покажуваше грижа за ранливите слоеви во општеството, а во суштина се обезбедуваа гласачи за одржување на власта. Условувањето на  мерките со остварување на таква цел генерираше и страв кај луѓето да не се промени власта, па евентуално да се загубат стекнатите привилегии, на ниво на одржување на гола егзистенција, или да се изјаловат ветувањата за вработување по партиска препорака. И овде треба да се отфрлат илузиите за „грижата“ на власта. Треба да се свати дека во досегашните мерки нема   ништо специјално и невообичаено што го прави власта во грижата за граѓаните, а што не би го направила и демократски определена власт преку соодветна социјална политика. Разликата е во тоа што автократската власт постојано  нагласува дека таа води грижа за нив (и со тоа манипулира, изнудувајќи поддршка), додека демократски ориентирана власт тоа ќе го операционализира како обврска на надлежните институции утврдена во развојните програми на државата, независно од тоа кој е на власт (со што се елиминира можноста за уцени и страв од власта). Да не забораваме дека автократската власт има интерес што поголем број луѓе да се сврстат во редот на луѓето што се борат за преживување, бидејќи со помалку пари, преку притисоци и страв, ќе обезбедува повеќе гласачи. За неа не е важно што таквиот пристап има сериозни неповолни последици во функционирањето на вкупната економија. Веќе видовме дека социјалната поддршка од 50-100 евра ја детерминира минималната плата од 150 евра, а таа стана  репер според кој  се цементира просечната плата во земјата,на ниво на 20-тина илјади денари.  Притоа, се заборава дека со сувенционирање на платите за нововработените  ќе се изврши дополнителен притисок на просечната плата во насока да стагнира или да се намалува. Веќе се гледа дека намалената врска меѓу платите со економскиот раст и со порастот на продуктивноста на трудот, што се манифестира последниве неколку години, наполно ќе исчезне. Во недостиг на вистинско синдикално организирање работниците, од „преголемата“ грижа на државата, поголем дел ќе се најдат на дното од општеството. А општествената нееднаквоста уште повеќе ќе се зголеми. И што може да се очекува во развојот на економијата во такви услови? Слабостите предизвикани од подземната економија не можат да ги надокнадат  ниту огромните средства од буџетската потрошувачка (кои се десеткувни преку нерационалното трошење и незаконско присвојување од страна на поединци и групи), ниту брзиот пораст на долговите спрема странство, ниту директните странски инвестиции, за чие привлекување направивме повеќе арч отколу што имаме корист. Се‘ е поочигледно дека  пропагандната егзалтираност на власта за најповолната бизнис клима за странските инвеститори како добро решение воопшто не држи, бидејќи со постојниот концепт на привилегии и олеснувања се нарушува системот на пазарна економија. Точно е дека тие се најповолни за странците, меѓутоа, катастрофално е што, и покрај вообичаени олеснувања за странски вложувања во високо техничко  технолошки капацитети,  на странците им се субвенционираат и трошоците за даноци и социјалните придонеси. Им се создаваат услови профитите да ги зголемуваат и на сметка на буџетските средства собрани од домашниот бизнис и граѓаните. И наместо да ги преиспита таквите мерки, власта оваа можност, во актуелната кампања за зголемување на вработеноста, ја прошири и за домашните бизнисмени. Загрижен за нарушениот имиџ премиерот сам ја промовира оваа мерка, како да е магично стапче за враќање и зголемување на  довербата меѓу граѓаните. Притоа,  никој не се прашува зошто и досега не се сетил на оваа мерка. Тој се сетил, но знае дека таквата мерка претставува директен упад во пазарот на трудот, со кој сериозно се искривоколчува цената на трудот. Но, сега ситуацијата е малку поинаква. Премиерот се наоѓа во  нокдаун, треба да се исправи, а за да се исправи односно да се стигне до целта средства не се бираат. Намерата е, со намалување на цената на трудот, да ги поттикне бизнисмените да вработат нови работници. Тоа и ќе се деси во некои случаи. Но, до кога? Неколкуте години ќе поминат брзо. А како бизнисмените ќе гледаат на веќе вработените кои ги чинат многу поскапо (за износот на субвенциите)? Нема ли да се случи да почнат да отпуштаат веќе вработени за да вработат нови со помали плати  и субвенциониран персонален данок и социјални придонеси. Да не се чудиме ако наскоро и досега „замрзната просечна плата“ почне да се намалува. И така, долго ќе се истражува која е главната причина за тоталната општествено-економска и политичка криза во која западна Македонија, со цел, никојпат повеќе да не се повтори. Дилемата, каде „лежи зајакот“ останува-дали во дерогирањето на политичките определби утврдедни во уставот и законите што заврши во  автократски систем и партизирана држава   или во разнебитувањето на пазарниот стопански систем со намера за негово ставање во функција на остварување на политичките желби и интереси на премиерот. Јасно е дека нивните влијанија можат да се набљудуваат и поодделно, меѓутоа,  очигледно е дека за забрзување на  одот кон кризата силно придонесе нивното интеракциско делување. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

НОВА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЧЛЕН 368 ОД ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ - тој е негативен за приватниот сектор

НОВА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЧЛЕН 368 ОД ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ - тој е негативен за приватниот сектор

КОЛКУ ДИВИДЕНДА ЌЕ ДОБИЕ СИМОН, А КОЛКУ САШО НАУМОСКИ - прилепска „Витаминка“ го објави планот, еве ги деталите

КОЛКУ ДИВИДЕНДА ЌЕ ДОБИЕ СИМОН, А КОЛКУ САШО НАУМОСКИ - прилепска „Витаминка“ го објави планот, еве ги деталите

ЦРН ДЕН ЗА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА: Гигантот го прекина производството по 30 години - позната компанија ја изгуби трката со кинеска фирма

ЦРН ДЕН ЗА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА: Гигантот го прекина производството по 30 години - позната компанија ја изгуби трката со кинеска фирма

АСО ја охрабрува Владата за измени на Тарифникот за авто-осигурување

АСО ја охрабрува Владата за измени на Тарифникот за авто-осигурување

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија