ПАВИЌЕВИЌ АПЛИЦИРАШЕ НА 10 СВЕТСКИ УНИВЕРЗИТЕТИ, ГО ИЗБРА ХАРВАРД: По борбата за правата на средношколците, сега стипендист на најпрстижниот универзитет
Објавено во: Македонија 21 Септември, 2023
Македонија има
уште еден Харвардец. Лука Павиќевиќ, кого македонската јавност го знае како
претседател на Сојузот на средношколци и кој изминативе години се бореше за
правата на своите соученици, својата понатамошна едукација ќе ја надгради на
најпрестижниот Универзитет во светот, Харвард. Во изјава за Фактор, младиот
Павиќевиќ, кој средното образование го заврши во престижната гимназија НОВА и
кој неодамна се збогува со најблиските, вели дека аплицирал на 10-тина светски
универзитетит на кои сите бил примен, но секако се одлучил за оној кој со
години е прворангиран на Шангајската листа, Харвард. Она што вреди да се
потенцира, е дека Павиќевиќ добива целосна стипендија од најуспешната
високообразовна институција во светот и тоа во конкуренција кога Харврад прима
најмал број на студенти.
-Процесот на апликации го започнав пред една година, конкурирајќи за место на повеќе светски факултети, претежно во САД, Велика Британија и Канада. Чинам беа околу 10 на број. При одлучувањето каде да аплицирам приоритет ми беше фактот дали институцијата нуди стипендија (и) за меѓународните кандидати со цел да можам да си го дозволам студирањето. Честопати овие факултети многу високо котираат на светските ранг-листи, што значи дека конкуренцијата само се зголемува. За моја среќа, јас бев примен на сите универзитети на кои аплицирав, а одлучив да се запишам на Харвард – прворангираниот универзитет во светот, којшто се наоѓа во Кембриџ, Бостон, Масачусетс и ги покрива сите мои трошоци поврзани со студиите и престојот. Значајно е дека бев примен на Харвард во годината со втората најниска стапка на примени студенти во историјата на Универзитетот. На 24 август пристигнав во САД поради обврската да посетувам ориентациски сесии организирани од самиот факултет. Предавањата започнаа на 5 септември, а одбрав да ги слушам следниве четири предмети: Американска правна историја (1776-1865), Антички ритуал и модерна теорија, Интеграли, редови и диференцијални равенки, и Политиката на американското образование.
Додека го надоградувам своето знаење од областа калкулус, истражувам за верските ритуали во Античка Месопоматија, користејќи современи теоретски рамки од областа на антропологијата, асирологијата и психологијата. Учејќи за раната американска правна историја го храни мојот интерес да откријам во колкава мера американските уставни норми потекнуваат токму од британските.
За публиката можеби најинтересен е предметот Политиката на американското образование. Овој предмет за мене е логичен следен чекор имајќи го предвид мојот претходен ангажман во Сојузот на средношколци. Низ овие три недели создадов впечаток дека македонскиот и американскиот образовен систем навистина делат мноштво заеднички проблеми иако меѓусебно се мошне различни.
На почетокот на ноември ќе ги изберам предметите кои ќе ги слушам во вториот семестар од првата година, а веќе на почетокот на втората година од студирањето ќе треба да се определам за една област – концентрација. Во мојот случај, ова најверојатно ќе биде историјата, посочува Павиќевиќ за Фактор.
Павиќевиќ својот мандат во Сојузот на средношколци го заврши на 10 јуни 2023 година. Сојузот организираше нови избори на кои учествуваа двајца кандидати – Берин Мухамед од Скопје и Ива Трпески од Кичево. На 11 јуни Берин Мухамед беше избран за нов претседател на Сојузот, а Ива Трпески за прва потпретседателка од страна на Третиот конгрес на ССРСМ.
Анита Буховски
Фото: Инстаграм