07 Ноември, 2024
0.0303

Пеева Лауренчиќ: Ни требаат квалитетни луѓе без оглед од каде доаѓаат

Објавено во: Македонија 04 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Ние тука што останавме заслужуваме квалитетен живот по сите основи и мора да работиме заедно за да го изградиме тој подобар живот. Сета суштина во една реченица – разговорот со Ангелка Пеева Лауренчиќ со секој нов збор влева оптимизам дека има луѓе кои веруваат и луѓе кои работат со љубов. Таа тоа го прави секојдневно. Во борбата со секојдневието кое некогаш удира шамари, Пеева Лауренчиќ е отпорот. Успешно чекори во индустријата на маркетингот и пиарот, а нејзиното име сега се споменува како можен кандидат на Либерално демократската партија за претседател на државата. Политиката нема да и биде ново искуство, ама вели дека политиката мора да се фокусира на создавање нови можности и да создава нови пријателства.

„А можности секогаш постојат, прашање е само дали политичките лидери имаат капацитет да ги видат и да го проценат потенцијалот. Вистинските лидери го предводат патот кон тие можности. И кај нас има лидери со силен капацитет, но во последно време тие делуваат во помал круг, го напуштија јавниот живот. Потребно е да мотивираме токму такви луѓе да бидат дел од општествените процеси и да покажат едно друго лице на политиката“, вели Пеева Лауренчиќ.

Повеќе од 15 години е синоним кога маркетинг агенциите се во прашање и тоа од позиција на директор на Имиџ Пр. Ја прашав прво како го доживува сопствениот професионален раст.

„Професионалниот раст во генеричка смисла на зборот има многу едноставна формула – многу труд, посветеност и трпение. Овие три работи се клучни за било чиј успех. Мојата приказна не е поразлична во својата основа од ова. Повеќе од 20 години сум во комуникациската индустрија, а веќе 16 години во сегментот на односите со јавноста и комуникацискиот менаџмент.  На моја среќа во овој изминат период бев дел од генерацијата која ги поставуваше темелите на комуникациската индустрија во новата држава, адаптирајќи се на новите промени и односи што настанаа во општеството. Тоа не беше ни малку едноставен процес, но истовремено ни овозможи многу да учиме, да поставуваме стандарди и да создаваме многу нови можности. Секогаш на предизвикот гледав како можност, а изминатите турбулентни години носеа многу предизвици. Но и тогаш и сега верувам дека најважно е никогаш да не се откажуваш, секогаш да најдеш мотив заради кој треба да продолжиш. И денес се уште го имам истиот ентузијазам, а уште посреќна сум што работам со тим кој ги дели овие вредности и кој е спремен да се бори за секоја идеја во која верува.Јас имав можност да учам од врвни професионалци, еден од нив е секако мојот сопруг Иво Лауренчиќ, кој ни пренесе драгоцено искуство. Веќе скоро шест години тој веќе не е со нас, но принципите што ги постави се цврста основа која ние успешно ја надоградуваме, почна Пеева Лауренчиќ.


Вели дека во последните години има значаен напредок во комуникациите и дека Македонија не заостанува. Единствено негативно, вели, е големата политизација на професијата популарно наречена ПР. Тоа спред неа, довело и до големи импровизации и до создавање на комплетно погрешна перцепција дека оваа професија е поврзана со односи со медиумите, што како што вели е целосно погрешно гледање на односите со јавноста. Инаку Имиџ ПР е една од првите агенции на македонскиот пазар. Во тие 16 години агенцијата ја задржа високата репутација. Пеева Лауренчиќ е активна на многу полиња, па освен Имиџ ПР, таа е професор на Американ Колеџ, член е на Управниот одбор на Хабитат Македонија, активна во Ротари Клубот – Скопје Интернационал.

Најважна улога сепак е таа - мајка е на Вера и Ведран. Тие, покрај работата и се главниот фокус.


КАКО СЕ ДОВЕДОВМЕ ДО АПАТИЈА ВО ОПШТЕСТВОТО


Неодамна Либерално демократската партија јавно соопшти дека размислува за идеја самостојно да настапи на престојните претседателски избори. Ова не е изненадување бидејќи тоа беше случај и на минатите избори. Пеева Лауренчиќ вели дека веќе одамна не е дел од нивните активности, иако е во пријателски односи со луѓето од ЛДП.

„Партијата нема донесено формална одлука за тоа, а морам да кажам ниту јас не сум донела лична одлука дали би прифатила со оглед на фактот дека веќе подолг период не сум активна во политичкиот живот, вели Пеева Лауренчиќ.

На прашањето како ја перцепира политиката воопшто, кои квалитети треба да ги поседува политичар, кои еден претседател, вели дека тој е човекот кој треба да обдинува и да гради мостови.


„Во политичките „води“ бев активна многу одамна, уште од моите младински денови кога бев дел од тогашната Социјалистичка младина, а по промените што настапија го продолжив својот политички ангажман во Либералната партија, бидејќи и денес и тогаш во јас сум либерал по убедување. Ако споредиме како е во политиката денес, во однос на тоа како беше некогаш можам да констатирам дека ентузијазмот што постеше денес е сосема исчезнат. Верувавме во идеи и бевме спремни да се бориме за тие идеи. Таквиот ентузијазам постеше во сите политички партии без разлика за која опција станува збор. Заедничкиот интерес беше важен. Денес за жал тоа го нема во политиката, многу е ретко и е сведено само на реторика. А како што вели една мудра поговорка – „Не те дефинира каков си тоа што го зборуваш, туку твоите дела“. Ние се повеќе бегаме во политичкиот живот од принципот, од тоа што се вика дело или резултат. Тоа создаде општа недоверба и апатија во општеството. Сепак респектабилен политичар во најмала рака мора да има доверба, а не неговата поддршка да е базирана на заемни интереси. Претседателот според нашиот устав, треба да обединува, да води и да создава нови мостови за различните процеси во државата. Тој е патрон на напредокот и заедништвото во општеството. Иако немавме многу такви искуства од осамостојувањето до денес, со чест на неколку исклучоци, претседателската функција има потенцијал ако правилно се води, со визија и со чесен пристап, вели Пеева Лауренчиќ.


ПАРИТЕ ДА НЕ БИДАТ ЦЕЛ


Во услови на подолг турбулентен период во земјата констатира дека мора да најдеме сили да зилеземе. Заедно да работиме за да градиме подобар живот. Оптимист е дека на Македонија и следуваат подобри денови.

„Потребно е лидерство. Без лидерство кое ќе биде засновано на визија не можеме да очекуваме резултати.  Дали имаме капацитет.  Јас сум вечен оптимист и верувам дека овде има потенцијал. Во политиката како и во сите сфери, мора да има принципи и морални вредности, а нив ги создаваат лидерите. Политиката мора да се фокусира на создавање на нови можности и да создава нови пријателства, вели мојот соговорник.

Самата и порано велеше дека ако работите само за пари тие никогаш нема да дојдат. Истото го тврди и сега.


„Ако не вложите љубов, посветеност и помалку луд ентузијазам не очекувајте резултат, а ниту материјална придобивка. Парите се средство не се цел, а секој успешен човек тоа го знае. Мора да имате дух, страс и голема љубов кон тоа што го работите, бидејќи тоа е предуслов да бидете спремни да се жртвувате и да вложите голем труд за да дојдете до посакуваната цел. Тоа е невозможно да го направите ако ги немате првите предуслови.  Кај нас луѓето повеќе се склони кон полесниот начин во животот и што е уште пострашно кон изговорите. Сите ние можеме да најдеме изговори зашто не може да се дојде до одредена цел. Но, изговорот е само внатрешна одлука дека нема да ја постигнете целта, а истворемено и залажување дека има друга причина за тоа. Филозофијата на успехот е едноставна  - Никогаш не се откажувај, ако паднеш истреси се од прашината и продолжи понатаму. Мислам дека победничка филозофија ни недостасува и таа треба да ја градиме, вели Пеева Лауренчиќ.

Не е склона да прави споредби за тоа дали полот е ограничувачки фактор за некој да е успешен.


ВЕРА И ВЕДРАН


„Без оглед на тоа колку динамичен живот имам секогаш имам доволно време за моите деца. Тие се главна причина за се што правам, нивното постоење ме прави подобар човек и ми дава простор да видам и една друга димензија во животот, која е многу важна. Вера мојата постара ќерка има 16 години и е средоношколец. Таа се изгради во една одговорна личност која покажува грижа за другите луѓе и тоа многу ме радува. Како тинејџер ја интересираат сите работи што се нормални за нејзината генерација, а покажува и афинитети кон општествени збиднувања. Активна е на многу полиња и тоа е добро, јас ја поддржувам бидејќи така ќе открие што најмногу ја привлекува. Ведран има 13 години, тој го завршува основното образование и е посветен на спортот. Тренира кошарка, а се занимава и со скејт и сноуборд. За мене како родител најважно е тие да се изградат во добри личности, кои ќе имаат почит кон околината и ќе бидат добри и среќни луѓе. За тоа најмногу разговараме и гледам преку личен пример да им испратам порака за вистинските вредности во животот. Колку и да се тие вредности денес напуштени, секогаш се на цена, раскажува Пеева Лауренчиќ.

Вели дека секогаш наоѓа време за драгите пријатели. Тоа ја релаксира и така го храни духот. Нејзините зборови, најверојатно го хранат духот и на нејзините деца и на пријателите.

Автор Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

НОВ СЛУЧАЈ: Девојче почина на Детската клиника

НОВ СЛУЧАЈ: Девојче почина на Детската клиника

Уставен суд ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за пасошите со „Северна“

Уставен суд ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за пасошите со „Северна“

Отворена постапка за одговорност за судијата кој му додели домашен притвор на бегалецот од ОВК - Блерим Рамадани

Отворена постапка за одговорност за судијата кој му додели домашен притвор на бегалецот од ОВК - Блерим Рамадани

Инспекција: Затворени две приватни образовни институции за давање дипломи

Инспекција: Затворени две приватни образовни институции за давање дипломи

ВО ТИРАНА: Македонскиот јазик влегува во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици

ВО ТИРАНА: Македонскиот јазик влегува во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици

КОС: Очекуваме Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку

КОС: Очекуваме Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку

СРДЕЧЕН ПОЗДРАВ И ДИСКУСИЈА ЗА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА - премиерот Мицковски во посета на Будимпешта

СРДЕЧЕН ПОЗДРАВ И ДИСКУСИЈА ЗА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА - премиерот Мицковски во посета на Будимпешта

ЈА ОБВИНУВААТ ДЕКА ГО БЛОКИРАЛА СИНДИКАЛНОТО ДВИЖЕЊЕ - Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична против ексминистерката Петровска

ЈА ОБВИНУВААТ ДЕКА ГО БЛОКИРАЛА СИНДИКАЛНОТО ДВИЖЕЊЕ - Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична против ексминистерката Петровска

ЌЕ ЗБОРУВА ЛИ ТЕЛЕФОНСКИ ПУТИН СО ТРАМП? Еве што вели Песков

ЌЕ ЗБОРУВА ЛИ ТЕЛЕФОНСКИ ПУТИН СО ТРАМП? Еве што вели Песков