19 Декември, 2025
0.0467

ПЕНДАРОВСКИ ПРЕТСТАВИ ПЕДАНТНО НАПИШАНА ПРОГРАМА, ВО ФОКУСОТ СЕ ГРАЃАНИТЕ - пет клучни точки, еве кои се главните поенти

Објавено во: Македонија 06 Април, 2024 18:34

Добивај вести на Viber

Од Кабинетот на кандидатот за претседател и актуелен ќшеф на државата Стево Пендаровски, ја објавија неговата програма.

Педантно изработен и прецизен документ за тоа што да очекуваат граѓаните во следните пет години доколку тој повторно ја добие довербата да биде нивни претседател. 

Ја пренесуваме во целост.

Драги сограѓани, Ви благодарам за довербата и честа да бидам ваш претседател во изминатите пет години. Извршувањето на должноста претседател, за мене, беше најважната задача во мојот професионален живот, а вашата доверба огромна одговорност. 

Се трудев функцијата Претседател на Република Северна Македонија да ја извршувам совесно и одговорно, со целосно и бескомпромисно почитување на нашиот Устав и закони и во интерес на благосостојбата и напредокот на сите наши граѓани и на државата во целина. 

На почетокот од мојот мандат реков дека од првиот до последниот ден на мојата функција ќе се борам за правата и слободите на сите граѓани без да ги делам по каква било основа. Мојата цел беше да покажам дека основната задача на претседателот е да ги обедини, а не да ги дели граѓаните. Сакав да покажам дека поинаква политика од онаа на којашто сме навикнати е возможна и достижна. За остварување на таа цел ги отворив вратите на мојот кабинет, а многумина од вас запознав или на средби во мојот кабинет или на средбите патувајќи низ прекрасните села и градови на нашата татковина.

Се борев достојно да ги претставам и да ги заштитам интересите на нашата држава пред претставниците на странските држави и во меѓународните организации. 

Во рамките на мојот мандат имавме можност заедно да се радуваме на нашето членство во НАТО со што ја остваривме нашата децениска стратешка цел. И покрај сите пречки и неправди ги започнавме пристапните преговори за членство во Европската Унија. 

Полноправното членство во ЕУ е цел за која се надевам дека ќе ја оствариме во следниот мандат. Заедно поминавме низ тешкотиите на пандемијата во која многу наши сограѓани ја изгубија битката со болеста, а економските тешкотии сè уште ги чувствуваме. 

Но, сите предизвици со кои се соочивме и со кои се соочуваме ме убедија дека единствено доколку имаме јасна визија, прецизна стратегија и граѓанско единство можеме да ја оствариме нашата цел да живееме во уредена држава којашто почива врз принципот на владеење на правото, економски напредува, обезбедува социјална правда и целосна еднаквост на сите наши граѓани без оглед на потеклото во нашето мултикултурно македонско општество. Зад себе немам ниту една корупциска афера или пример на користење на функцијата за остварување на лични интереси. Затоа на претстојните избори ја барам вашата поддршка и доверба за втор мандат. 

Имам визија и енергија да продолжам со борбата за благосостојбата на нашите граѓани и на нашата држава. На следните страници ви ја претставувам мојата визија за Македонија во следниот мандат преку мојата изборна програма. Како и секогаш, јас и мојот тим сме отворени за сите ваши предлози и сугестии. 

1. ГЛАС НА ГРАЃАНИТЕ - ЗАШТИТНИК НА ПРАВАТА И СЛОБОДИТЕ 

Претседателот на државата е институцијата којашто го симболизира државното единство. Уште со стапувањето на должноста во 2019 година се обврзав дека функцијата претседател ќе ја извршувам независно од какви било центри на политичка или економска моќ и влијание, а единствено во интерес на сите граѓани, и на тие коишто ме поддржале, но и на тие коишто поддржале некој друг кандидат. Се обврзав дека мојот кабинет ќе биде отворен за сите граѓани и дека кон проблемите на сите граѓани ќе пристапувам со еднакво внимание, не делејќи ги граѓаните според нивната етничка, верска, политичка или социјална припадност. Како претседател се обврзав дека секогаш ќе бидам особено внимателен кон оние кои се во малцинство или оние кои се во опозиција. Затоа што и тогаш и сега сметам дека улогата на претседателот не е да биде продолжена рака на владата и на владејачкото мнозинство, туку да биде контрола на власта која секако ги има сите механизми на политичката моќ. 

Се обврзав дека секогаш ќе бидам отворен за разговор со сите политички партии и дека ќе ги застапувам нивните легитимни барања со коишто се унапредува демократијата и заштитата на човековите права и слободи во нашата држава. Во изминатите пет години остварував и иницирав средби со сите политички чинители во нашата држава. Но, мојата активност не се сведе единствено на разговори со политичарите. За секое важно прашање се консултирав со граѓанските организации, со синдикатите, со коморите, со универзитетите, со 7 Стево Пендаровски неформални групи на граѓани и со поединци. 

Се среќавав со сите коишто сметав дека се засегнати со некоја политика или проблем, но и со сите коишто со своето знаење, искуство и вештини можеа да придонесат кон решавање на проблемите во нашето општество. Затоа, моето основно ветување кон граѓаните е дека ќе продолжам да бидам отворен за сите граѓани и нивните секојдневни проблеми. Во првиот мандат ги започнав моите проекти „Отворен Кабинет“ и „Лице в лице“ во рамките на кои се сретнав со илјадници граѓани, а секој граѓанин кој побарал средба наишол на отворена врата во претседателскиот кабинет. Во рамките на овие проекти иницирав решенија за многу навидум невидливи за пошироката јавност, но важни прашања за локалните заедници. Но, во проектите ги промовиравме и успесите и достигнувањата на многу млади и повозрасни херои на нашето општество. Луѓе кои својот талент и креативна енергија ја имаат посветено во помагање на заедницата, во промоција на нашите културни, научни и спортски достигнувања во државата и во светот. Посетувајќи ги нашите села и градови сакав да се запознаеме и да се потсетиме на богатството на нашата татковина, на нејзината единствена мешавина на традиции, култури и обичаи, но пред сè, да ги промовираме нашите луѓе и нивните животни приказни и постигнувања. 

Токму затоа, овие проекти ќе продолжат и во мојот втор мандат, а нивната содржина ќе се надополнува зависно од прашањата или потребите. 8 Во вториот мандат ќе продолжам да бидам гласот на сите граѓани. Да се биде глас на сите граѓани значи да се обединува, а не да се дели општеството. Секогаш ќе се залагам и ќе работам за решавање на проблемите и предизвиците на граѓаните и заедниците. Македонското општество е доволно поделено, нам ни треба обединување кое ги надминува етничките, верските, социјалните и политичките разлики. Нам ни треба граѓански, а не партиски претседател! Нам ни треба претседател кој никогаш нема да заборави на основната уставна обврска - да јa претставува државата и нејзините граѓани! Затоа мојата работа како претседател независен од партиите и посветен на граѓаните ќе продолжи и во вториот мандат. 

2. ПРОМОТОР НА ПРАВАТА НА МЛАДИТЕ, РАНЛИВИТЕ И МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ 

Претседателот е институција која треба да биде симбол на довербата на граѓаните во демократијата и во институциите. Едни од темелните вредности на нашиот Устав се токму хуманизмот и социјалната правда. Довербата на граѓаните во демократијата и во институциите ќе ја постигнеме доколку низ секоја политика што ја спроведуваме, низ секоја одлука што ја донесуваме, низ секоја изјава што ја даваме докажуваме дека сме посветени во борбата за изградба на хумано општество за сите граѓани што почива врз социјалната правда. Клучниот тест за нашата работа во оваа насока е токму односот кон најранливите меѓу нас, кон оние кои се маргинализирани, но и кон младите на кои им треба нашата поддршка за да ги реализираат своите потенцијали и таленти. Грижата за младите, ранливите и маргинализирани групи на граѓани е должност на секоја институција и на секој носител на јавна функција. Пред сè, таа е обврска на носителите на највисоките јавни функции, а тоа, секако, е претседателот на државата. 

Во изминатите пет години бев посветен во застапувањето на правата и борбата за достоинствен живот на лицата кои поради својата попреченост не се во можност во целост да ги остварат своите права без помошта од државните институции и од заедницата. Токму затоа мојот приоритет беа лицата со попреченост. Како претседател постигнав голем дел од моите активности да станат достапни за лицата со оштетен слух и вид. Исто така, се борев против стигматизацијата и дискриминацијата и се застапував 10 за правата на лицата со интелектуална попреченост. Ја поддржав борбата за достоинството и за правата наспроти присутната дискриминацијата на луѓето со различна сексуална ориентација. 

Во вториот мандат ќе продолжам да ја поддржувам работата на формалните и неформалните асоцијации на луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет. Мојата поддршка ќе биде јавна, како и досега, но и конкретна. Особено внимание ќе им посветам на превенцијата од дискриминацијата на овие луѓе и на негативната пропаганда против нив и нивниот начин на живот. Секој има право да му биде заштитено достоинството, на личен и семеен живот и на заштита на приватноста.

Ќе сторам сè што е потребно да ја поддржам работата на институциите чијашто основна работа е превенција и борба против дискриминацијата. Ќе продолжиме да ги вклучуваме сите групи на граѓани за заедно да ги надминуваме општествените пречки. Застануваме на страната на граѓаните во борбата со најголемите предизвици, а инклузивноста ќе покаже дека можеме да имаме подобри резултат ако работиме заедно. Во првиот мандат многу од моите активности беа насочени кон подобрување на положбата на младите. 

Свесен сум дека едни од најголемите проблеми на нашата држава се негативните демографски трендови и иселувањето на младите. Иселувањето на младите не е проблем единствено на нашата држава и општество. Миграциите се глобална појава и во глобализираниот свет ниту е возможно ниту е пожелно целосно да бидат запрени. Но, тоа не значи дека не се возможни национални политики за намалување на овој тренд. Националните политики за справување со овие предизвици треба да вклучат активна демографска политика, но и проекти со коишто државата ќе го задржи контактот со своите сограѓани кои заминале во странство и ќе создава услови за нивно повторно враќање во татковината. 

Преку зголемена грижа за нашата дијаспора максимално ќе го искористиме потенцијалот, за на сите кои живеат надвор од државата да им отвориме простор за поголема вклученост и придонес. Нашите успешни сограѓани во различни сфери, како што се уметноста, медицината, информатиката и други да не бидат само изолирани набљудувачи, туку преку структуиран начин да влијаат директно врз развојот на Северна Македонија. Во вториот мандат, ќе формирам посебно советодавно тело во рамките на мојот кабинет кое ќе работи на формулирање на современи и ефективни демографски политики со цел да се спречат негативните трендови со кои се соочуваме повеќе децении наназад. Во делот на политиките за младите кои привремено или потрајно заминале во странство ќе иницирам проект за изработка на централна база на податоци за сите млади кои се образуваат, доусовршуваат или своите знаења и вештини ги применуваат работејќи во странски компании и организации. 

На тој начин ќе можеме да го задржиме контактот со нашите млади за да ги користиме нивните знаења и вештини и да им понудиме услови да се вратат во својата татковина и дома да работат за нашата заедничка држава. Во вториот мандат, користејќи ги досегашните искуства и во соработка со надлежните институции, ќе се посветам на развивање на политики за нашите граѓани со попреченост, особено во сферата на образованието, пристапот и вклучувањето на пазарот на трудот и остварувањето на социјалните права. Ние не сме општество на милиони луѓе и токму затоа мораме да го искористиме потенцијалот на секој наш сограѓанин.  

3.ЗАШТИТНИК НА ДЕМОКРАТИЈАТА И СОРАБОТКАТА МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕ ВО МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО 

Во првиот мандат докажав дека улогата на претседателот не е да биде слика без тон и послушник на власта. Претседателот е заштитник на Уставот и контролор на законодавната и на извршната власт. Положбата на претседателот е ограничена со Уставот, но неговото право и неговата должност да укажува на проблемите, на недостатоците во работењето на институциите и на злоупотребата на власта не се ограничени. Напротив, на тој начин претседателот ја зајакнува демократијата и начелото на поделба на власта како основна демократска вредност. Како убеден легалист и демократ секогаш кога сметав дека некој закон е спротивен на интересите на граѓаните го искористив моето уставно право на вето или јавно изјавив дека ќе го употребам моето право на вето доколку биде донесен таков закон. Мојата одлука да предупредам или да го употребам правото на вето беше резултат на широки консултации со институциите, со експертите и со засегнатите страни. Досега, со разумна и навремена употреба на правото на вето, успеав да ги заштитам интересите на граѓаните за важни прашања што се однесуваа на различни области од функционирањето на нашето општество. Претседателот е гарант на правата на заедниците. Македонското општество е мултикултурно, а различностите во нашите верувања, традиции и обичаи се наша предност, а не недостаток. 

Гаранцијата на правата на заедниците ја зајакнува општествената кохезија. Слободното остварување на правата на заедниците не ја слабее, туку ја зајакнува лојалноста на заедниците кон заедничката држава. Политиките со кои се остваруваат правата на заедниците не смеат да бидат разбрани како политики со кои се фаворизира една заедница наспроти друга. Етничката исклучивост и национализмот нема да го зајакнат општеството како целина. Напротив, таквите политики ја поткопуваат стабилноста и се основа за конфликти. Сите заедници кои живеат во нашата Македонија се дел од заедничкото културно и историско наследство кое е основа за просперитетната иднина. Во првиот мандат особено се залагав за правата на Ромите како заедница која со децении е маргинализирана и за таа цел имав посебен советник за прашања поврзани со правата на Ромите. 

Во првиот мандат предупредив дека се соочуваме со раст на радикализмот и популизмот. Популизмот и силната политичка поларизација не се единствено македонски феномен. Насекаде во светот, дури и во развиените и етаблираните демократии во западните општества, гледаме раст на расизмот, ксенофобијата, опаѓање на довербата во демократските институции, недоверба кон професионалните медиуми наспроти раст на различните „теории“ за постоење на заговори. Овој тренд е особено присутен меѓу младите кај кои разочарувањето во функционирањето на демократските институции има загрижувачки размери. Честопати, за феноменот на популизмот се обвинуваат социјалните мрежи и пропагандата од антидемократските центри на моќ. Овие констатации не се без основа, за нивното постоење и дејствување има бројни докази за кои повеќепати посочував во мојот прв мандат. 

Но, борбата против манипулациите, лажните вести и дезинформациите, пропагандата против демократските институции и против концептот на човековите права и слободи не може да се добие со репресивни средства ниту со потценување на стравовите и несигурноста кај голем број граѓани. Демократијата е целосна тогаш кога секој може да го каже својот став без страв од негативни последици, а борбата против пропагандата и заблудите ја водиме со помош на вистината. Оние кои свесно или несвесно ја шират пропагандата и со тоа ја поткопуваат демократијата мораме да ги победиме со аргументи со кои ќе им ги презентираме на граѓаните доказите и вистината за нашите тврдења. Само така ќе покажеме дека демократијата на нашето тло е вкоренета и дека нејзината иднина е стабилна. 

Прашањето на пропагандата и дезинформациите го поттикнува и прашањето за безбедноста, особено кај младите, во дигиталната сфера, но и во јавниот простор. Ова е битка која ја опфаќа младата, но и повозрасната генерација. Во таа насока, во првиот мандат, започнав да спроведувам проект за политичко образование преку Школата за политики, со конференции и дебати за важни општествени теми што ги Во таа насока, во првиот мандат, започнав да спроведувам проект за политичко образование преку Школата за политики, со конференции и дебати за важни општествени теми што ги организираше Претседателскиот центар за политичко образование што работи под мое покровителство во рамките на Кабинетот. Центарот е резултат на соработката на Кабинетот на претседателот со реномирани странски фондации и организација на нашата дијаспора со цел да се пренесат искуствата во организација на политичкото образование во духот на демократските вредности од развиените и етаблирани демократии во нашето општество. 

Во вториот мандат, независно од тоа кои партии ќе бидат во владата, а кои во опозиција, ќе предупредувам или ќе го употребам правото на вето секогаш кога низ консултации со засегнатите страни и со експертите во релевантните области ќе оценам дека предложените закони се спротивни на интересите на граѓаните, на нивната благосостојба и на нивните права и слободи. Конструктивната употреба на правото на суспензивно вето од страна на претседателот не е спротивно на потребата за соработка на институциите ниту претставува кочење на нивната работа. Тоа е уставна алатка во рацете на претседателот чијашто основна вредност е токму унапредување на квалитетот на политиките преку систем на контрола меѓу различните гранки на власта. Во вториот мандат ќе продолжам да работам за правата на сите заедници. Особено ќе се фокусирам на правата на помалубројните заедници и затоа ќе формирам посебно советодавно тело во мојот кабинет што ќе предлага политики и мерки за правата на помалубројните заедници. Советодавното тело ќе го сочинуваат претставници од политиката, но и од граѓанските организации на помалубројните заедници со цел политиките за правата да не станат заложник на тесните партиски интереси. 

Во вториот мандат ќе продолжам да организирам политичко образование во рамките на Претседателскиот центар за политичко образование во духот на демократските вредности. Но, во вториот мандат ќе иницирам промена на наставните програми со цел воведување на демократското политичко образование во формалниот образовен систем односно во нашите средни училишта. На демократијата ѝ се потребни демократи, а наша задача е да создаваме идни генерации на демократи како најдобра гаранција за просперитетот на нашата држава и општество. 

4.БОРБА ЗА ПРАВНА ДРЖАВА ОСЛОБОДЕНА ОД КАНЏИТЕ НА ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈАТА 

Функционалната правна држава е основа на демократското политичко уредување. Темелна вредност на нашиот Устав е владеењето на правото. Без владеење на правото не може да кажеме дека имаме држава во која сите се еднакви пред Уставот и законите. Секој граѓанин е должен да ги почитува Уставот и законите, но обврската на политичарите е преку своето поведение да дадат пример за сите граѓани. Јас не бегам од критиката дека нашата држава во изминатите години не успеа да ги демонтира криминалните мрежи кои во изминатите децении нè доведоа до состојба да имаме заробена држава. Никој не може да ги негира чекорите коишто беа преземени во оваа насока во изминатите години ниту да го игнорира фактот дека во периодот на претходниот режим беше создадена држава на мафијата којашто ги зароби сите институции на централно и локално ниво. 

Во првиот мандат без задршка јавно настапував против организираниот криминал и корупцијата, а во заштита на правната држава. Не постои поважен приоритет за правната држава и функционалните институции од борбата против криминалот. Сметам дека моќта на организираниот криминал беше потценета, а жалам бидејќи немаше доволно храброст и упорност во борбата со организираниот криминал и корупцијата. Не смеат да се прикриваат ниту сомнежите или докажаното криминално поведение на функционерите на актуелната власт, а тие примери се уште еден доказ дека организираниот криминал и корупцијата се присутни насекаде. Но, изразувањето жалење не е доволно. Изминатите години се искуство и лекција за иднината. 

Канџите на криминалните мрежи мораат да бидат тргнати од нашите институции. Од минатите години сфатив дека само носењето нови закони и други прописи не може да биде доволен лек во борбата со ова зло во нашата држава. Следејќи ги судските процеси во повеќето големи случаи на организиран криминал и висока корупција, сфатив дека клучно оружје во битката со него се луѓето. Тука, пред сè, мислам на политичарите, но и на судиите, јавните обвинители и високите функционери во нашиот правосуден систем. Ние можеме да донесеме какви сакаме закони, но доколку вистинските луѓе кои чесно и бескомпромисно ќе ги спроведуваат законите не се на вистинските места тогаш борбата нема да го даде посакуваниот резултат.

Во вториот мандат ќе бидам ПРЕДВОДНИК на иницијатива за ЦЕЛОСЕН ВЕТИНГ ВО ПРАВОСУДНИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ВО ПОЛИТИКАТА. Мораме преку соодветни посебни закони да извршиме проверка на сите судии, обвинители, високи функционери во правосудството, но и на сите политичари. Проверката ќе се однесува на потеклото на нивниот имот, на имотот на членовите на нивните семејства и на оние кои со нив се блиску поврзани односно се во семејни односи или имаат поранешни деловни односи. Проверката мора да биде длабинска, а процесот целосно транспарентен. Со цел да се обезбеди доверба во процесот, тој процес треба да биде спроведен со поддршка на сите релевантни политички структури, во неговото спроведување да учествуваат домашни, но и странски експерти во оваа област, а резултатите од проверката да бидат еден од клучните услови за извршување на политичка или правосудна функција. Свесен сум дека ова ќе биде тежок и долг процес, но знам дека клучниот проблем не се законите, туку луѓето кои ги спроведуваат законите. Затоа сите оние кои нема да го поминат ова прочистување нема да смеат да ја делат правдата или да учествуваат во политиката. Време е силно да удриме врз криминалците бидејќи тие ќе ја уништат нашата држава и општество. 

5.ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА КАКО ДВИГАТЕЛ НА ЦЕЛОСНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА

Целиот свој работен век сум бил и ќе останам убеден приврзаник на европската и евроатлантската интеграција на македонската држава. Членството во Европската Унија е најдобра гаранција за просперитетот и благосостојбата на сите наши граѓани. Во првиот мандат станавме полноправна членка на НАТО и ги започнавме пристапните преговори за членство во Европската Унија. Членството во НАТО беше наша стратешка определба скоро три децении за којашто имавме целосен политички консензус за време на различните парламентарни состави и влади. Во време на ужасна војна којашто се води на истокот на нашиот континент предизвикана од руската агресија врз Украина, токму членството во НАТО е тоа што ни овозможува да се чувствуваме многу посигурни како дел од најмоќниот воен и политички сојуз во историјата. Со членството во НАТО докажавме дека кога имаме визија и правилна политичка стратегија можеме успешно да ги оствариме нашите стратешки цели. 

Во изминатите години на нашиот пат кон Европската Унија остваривме значајно поместување, но, за жал, се соочивме и со проблеми за кои како држава и граѓани немаме вина. Свесен сум за сите разочарувања и неправди што ги доживеавме и ги доживуваме на нашиот пат кон ЕУ. Тие неправди доведоа до пораст на скепсата кон можноста да станеме полноправна членка на ЕУ во догледен период, а беа искористени и од антидемократски центри на пропаганда кои користејќи 22 го оправданиот револт на граѓаните се обидуваат да ја поткопаат нашата европска интеграција, односно да го спречат остварувањето на нашата стратешка цел. 

Деструктивните акции на овие центри се единствено во нивна полза, а се целосно спротивни со интересите на македонските граѓани. Токму поради тоа неправдите и разочарувањата не смеат да нè поколебаат во остварувањето на нашата цел. Конечно, придобивките од постепената интеграција најсилно ќе се почувствуваат кај младите особено во образовните политики, технолошкиот развој и социоекономските политики за подобрување на нивниот социјален и економски статус и во намалувањето на емиграцијата. Со новата државна стратегија ќе овозможиме европската интеграција да биде двигател на целосна трансформација на општеството со што нашата држава подготвено ќе го дочека полноправното членство во Европската Унија. 

Во вториот мандат ќе се посветам на градење на политика на нов реализам на нашиот пат кон ЕУ. Новиот реализам значи дека како држава ќе инсистираме преговорите да ги водиме согласно со важечката методологија за сите држави кандидатки и само за прашања што се во согласност со европските вредности. Новиот реализам подразбира градење на стратегија и државни политики за користење на сите придобивки во рамките на постепената интеграција во Европската Унија, а пред сè ефикасно користење на средствата за економски и социјален развој од новиот „План за раст на Западниот Балкан“ на ЕУ. Исто така, особено ќе се посветам на унапредување на соработката со институциите на Европската Унија во делот на развојот на инфраструктурата, земјоделската политика, зелената транзиција и заштитата на животната околина и справување.

Фото: Програма

Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име

Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор

Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор

Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него

Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него

ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието

ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието

ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти

ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти

Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки

Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки

Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица

Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица

СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината

СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината