ПЛАСТИКА, СТАКЛО, ПА ДУРИ И ХИРУРШКА РАКАВИЦА – граѓаните се жалат, АХВ тврди дека храната што ја јадеме е безбедна
Објавено во: Македонија 06 Април, 2021
Да не беше пандемијата со коронавирусот, ужасните бројки на починати, како и најавите за полициски час и затворање на угостителските објекти, можеби вест број еден ќе беше пронајдениот глушец во пакување со смрзнат зеленчук во еден од нашите маркети, за кој алармираше преку фејсбук граѓанинот кој морал да се соочи со ова непријатно искуство.
Сето ова повторно го наметнува прашањето – каква храна всушност јадеме. Дали и колку таа редовно се контролира, што се открива при контролите, но и како да се спречат ваквите, во најмала рака, згрозувачки појави. Или, подобро речено, дали и кој ги штити нашите потрошувачи од појава на несакани „гости“ во храната што тие ја купуваат, а потоа и консумираат.
Фактор на оваа тема разговараше со Агенцијата за храна и ветеринарство, која е задолжена за безбедноста на храната. Оттаму уверуваат дека контролите се вршат редовно, и тоа од фазата на производство, па се до продажбата на конечните потрошувачи. Се вршат и вонредни контроли, често и по претставки на граѓани. Вакви немили настани и порано се случувале, па на пример, според граѓанските претставки, биле забележани пластика, стакло, па дури и хируршка ракавица во некои од купените производи.
„Агенцијата за храна и ветеринарство врши континуиран надзор над операторите во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и храната за животни, како и за заштита на правата на потрошувачите врз основа на воспоставениот систем за контрола на безбедноста на храната и храната за животни. Контролите се вршат во сите фази на производство, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна и храна за животни. Покрај редовните, се вршат и вонредни контроли, како и контроли постапувајќи по претставки поднесени од страна на граѓаните“, велат за Фактор од АХВ.
Оттаму нагласуваат дека редовно се контролира и храната која се увезува во земјава, како и дека македонскиот систем за контрола на безбедноста на храната и храната за животни, е хармонизиран со европскиот.
„Во рамки на инспекциските контроли Агенцијата проверува дали операторите ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната дефинирани во законските и подзаконските акти. Во одредени случаи, инспекциските служби на АХВ постапуваат во координација и во соработка со инспекциските органи и на други државни органи“, објаснуваат од Агенцијата со која раководи директорот Николче Бабовски.
Според АХВ, досегашните контроли потврдуваат дека безбедноста на храна која се консумира во државава е на високо ниво, но, како што тврдат, секогаш се можни и постојат исклучоци. Во најголем дел, нагласуваат, операторите со храна ги почитуваат дефинираните критериуми за безбедност на храната.
Податоците говорат дека во 2020 година, официјалните ветеринари и инспекторите за храна на АХВ спровеле вкупно 54.382 инспекциски надзори, од кои 29.031 редовни, 4.505 контролни, односно корективни контроли и 20.846 вонредни инспекциски надзори. Изречени се вкупно 8.605 инспекциски мерки, издадени се вкупно 6.572 решенија, и спроведени се 1.833 едукации.
Минатата година, како што информираат од АХВ, биле поднесени 290 прекршочни пријави. Додека, пак, не била поднесена ниту една кривична пријава.
А, граѓаните не молчат кога ќе забележат дека храната што ја купиле, не е безбедна, или, пак, има некои други пропусти. На пример, во првите три месеци од годинава, до АХВ имало дури 98 претставки, од кои девет се однесуваат на присуство на контаминирачки работи.
„Во Базата на податоци на Одделението за заштита на потрошувачите при Агенција за храна и ветеринарство, од почетокот на годинава заклучно со 31 март евидентирани се вкупно 98 претставки поднесени од граѓани. Според наводите, за присуство на контаминенти евидентирани се вкупно девет претставки. Од нив, две се однесуваат за пронајдено парче пластика во производ , а по една претставка поднесена е за наводно присуство на парче стакло, шајка и хируршка ракавица во храна. Останатите четири претставки се однесуваат за присуство на мувли во производите“, објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Други наводи на граѓаните во претставките се однесувале на продажба на производи со поминат рок на употреба (четири претставки), производи со променети органолептички својства (осум), непочитување на правилата на добра хигиенска и добра производствена пракса (шест), сомнеж во безбедноста на производите (две), неодговорно сопствеништво (23) и претставки кои се однесуваат на напад и каснување од куче (17).
„Во 2020 година евидентирани се вкупно 416 претставки. Бројот на претставки и предлози по кои е постапувано од страна на Агенцијата изнесува 327. Најголем број од нив во 2020 година се од областа на ветеринарството. Имало 158 претставки што се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните, а 131 претставка на храна од неживотинско потекло. Најмал е бројот на претставки кои се однесуваат на храна од животинско потекло и нивниот број во 2020 година изнесувал 38. Не е постапувано по 89 претставки, како што се претставки кои се во надлежност и се препратени до други институции, отфрлени претставки и слично“, објаснуваат од АХВ.
Како што веќе пишуваше Фактор, во еден од маркетите во земјава, во пакување со смрзнат зеленчик, покрај морковот, карфиолот и брокулата, купувачот нашол и смрзнат глушец. Ова страшно непријатно искуство тој го сподели на својот фејсбук профил. Објави и фотографии од непријатната глетка во неговата тава.
Многу брзо реагираше АХВ, од каде соопштија дека пакувањата со замрзнат зеленчук, од кои еден наш сограѓанин пронајде глушец, се повлечени од продажба.
„Поради сомнеж за физичка контаминација ( присуство на страно тело - глушец) во замрзнат зеленчуков микс ‚Сани фантази- Царски микс' по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава. Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на цела држава“, соопштија од АХВ.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.