30 Април, 2024
0.0252

Плата со слатко-кисел вкус!

Објавено во: Економија, Колумни 30 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Плата и цени. Единствените две економски категории кои го интересираат обичниот граѓанин. Тој наутро не се буди со помислата колку субвенции им дала државата на странските инвеститори за да отворат фабрика во зоните туку колку џепарлак ќе успее да им даде на своите деца. Од чантата, која со извежбана рутина ја сместува на совозачкото седиште од сè уште неисплатениот автомобил, не ѕирка последната ранг листа на Doing Business туку листата со неплатени сметки. Кога носи одлука каде да испазари, низ мозокот не му се мотаат бројките за растот или падот на индустриското производство туку прашањето во кој маркет зејтинот беше поевтин за три денари. Ноќе, не го будат кошмари за јавниот туку за сопствениот долг. Одговорот на сите овие дилеми е запишан со ситни бројки во единствената графа која ја читаме во ливчето за личен доход. Нето плата. А, платата на просечниот Македонец е како сос во кинески специјалитет. Има слатко – кисел вкус. Слатко е само сознанието дека сте ја добиле, но кога ќе се сетите на нејзината висина и колку дена ќе трае, рефлексно се создава кисел вкус во устата. Сепак, од кулинарско – психолошка опсервација да преминеме на бројки. Имено, граѓаните кои живеат од плата се посиромашни за разлика од пред пет години. Статистиката покажува дека денес со просечна плата може да се купи помалку во споредба со 2010 година. Според податоците за просечната нето плата во државата, кои секој месец ги објавува Државниот завод за статистика, во декември 2010 година таа изнесувала 21.454 денари. Пет години подоцна или во декември 2015 година просечната плата во државата е на нивото од 22.715 денари. Тоа значи дека за пет години месечната заработувачка на просечниот Македонец пораснала за 1.261 денар или во поразбирлива валута, за 20 евра. Во истиот период (декември 2010 – декември 2015) минималната потрошувачка кошница, која ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија, се зголемила од 29.199 денари на 32.233 денари односно за точно 3.034 денари или во поразбирлива валута, за 50 евра. Што значи ова? Доколку во едно четиричлено семејство се вработени и таткото и мајката, при што и двајцата земаат просечна плата, тоа семејство на месечно ниво има 10 евра или околу 600 денари помалку за трошење за разлика од пред пет години. Можеби оваа бројка нема да Ве помести од фотељата ама имајте предвид дека ова се случува во период кога Владата се фали со една од највисоките стапки на економски раст во Европа, која очигледно не го здебелува паричникот во џебот на граѓанинот. Ниту еден децибел од громогласно извикуваниот економски успех на владината пропаганда не стигнува до „ушите“ на домашниот буџет на просечниот граѓанин. Сега, да се вратиме на потрошувачката кошница на ССМ. Со цел, сликата да биде појасна, мора да објасниме што точно таа опфаќа. Прво, важно е да се потенцира дека трошоците содржани во синдикалната минимална кошница се однесуваат на четиричлено семејство, кое живее во стан од 50 метри квадратни и нема автомобил. Доколку ова семејство заработува околу 32.000 денари, не би имало пари за образование, летувања и зимувања, посета на угостителски објекти, семејни прослави, со оглед на тоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци. Таа ги опфаќа следните категории: храна и пијалоци (13.374 денари), трошоци за домот и за сметки (10.422 денари), хигиена (2.223 денари), превоз (2.340 денари), облека и обувки (2.126 денари), култура (1.070 денари) и одржување на здравјето (677 денари). Тука слободно може да го поставиме и прашањето колку овие трошоци навистина ги задоволуваат минималните потреби на едно четиричлено семејство. На пример, за превоз се предвидени средства кои се доволни за купување на само два месечни автобуски билети. За храна ова семејство би имало на располагање само 430 денари дневно. Значи, оваа кошница не ги одразува трошоците на живот туку трошоците на преживување. Мирко Трајановски  (авторот е новинар) п.с. Всушност, сето ова е доказ на правилото дека она што во развиените земји е виц, во Македонија е реалност. Како беше оној? „Платата е како менструација. Доаѓа еднаш месечно и трае пет дена.“

Можеби ќе ве интересира

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ПУТИН ПЛАНИРА ГАСЕН ЦЕНТАР ВО ТУРЦИЈА: Анкара пак размислува за најде замена за рускиот гас

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ЦРНА ГОРА: Наскоро воведуваат седумчасовно работно време

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

ПАК НА ПРОТЕСТИ: Вработените во Фондот за здравство бараат повисоки плати

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

Чилеанците не можат да издржат, го намалија бројот на работни часови

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

АЛКАЛОИД СО НОВ УСПЕХ: продажбата за првите три месеци се зголемила за 13 проценти, инвестиции од 4,8 милиони евра

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

За да увезуваме возила сме платиле многу поголем данок

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

КОИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ МОЖАТ ДА СЕ ПОФАЛАТ СО ДЕБЕЛИ ПЛАТИ – се жалат дека им фалат колеги, многумина би сакале да се на нивно место

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи

ПРОДАВАЧКА ДОБИЛА ОТКАЗ ПОСЛЕ 68 ГОДИНИ РАБОТА - поради работата не одела ни на меден месец, граѓаните во солзи