По 20 години берзанско тргување: се формира инвестициски фонд што ќе вложува во акциите од МБИ-10
Објавено во: Економија 27 Март, 2017
Фондот ќе вложува во десетте најликвидни акции на
нашата берза, ќе стартува со 300.000 евра капитал и од 22 март започна процесот
на вложување во удели на фондот
За прв пат во дваестгодишната историја на тргување со хартии од вредност во Република Македонија ќе почне да работи отворен инвестициски фонд кој ќе вложува во најтргуваните десет македонски акции кои го сочинуваат најпознатиот берзански индекс МБИ-10.
Решението со кое Комисијата за хартии од вредност го одобри основањето, организирањето и започнувањето со работа на овој инвестициски фонд е објавено во „Службен весник“ 32 од 2017 година. Друштво што ќе управува со овој инвестициски е КБ Публикум кое досега управува со три отворени инвестициски фондови, формирано е 2009 година и на македонскиот пазар на капитал опстојува осум години.
Јавниот повик за купување на удели во КБ Публикум - МБИ 10 е објавен на 22.3.2017 година. Со тоа е отпочната законски предвидена процедура за прибирање на минимално потребните средства во износ од 300.000 евра во денарска противредност во наредните 2 месеци. Фондот ќе отпочне со редовна работа и порано во моментот на обезбедување на минимално потребните средства, најави Горан Марковски, главен извршен директор и член на одборот на директор на КБ Публикум, друштовото што ќе управува со инвестицискиот фонд МБИ-10. На прашањето од „Фактор“: дали цел на купување ќе бидат само акции во МБИ-10 на Македонската берза Марковски одговори:
Да , ова е неговата инвестициска политика: фондот има за цел
реплицирање на македонскиот берзански индекс МБИ 10. Тоа значи дека најголемо
учество во имотот на Фондот ќе имаат сопственичките хартии од вредност на
домашните издавачи, односно ќе доминира изложеноста кон домашниот пазар на
капитал. За постигнување на целта Фондот ќе користи пасивна стратегија на
вложување. МБИ 10 ќе се користи како репер за споредба на приносот од
вложувањата во Фондот. Со цел лимитирање на трошоците, друштвото ќе врши
усогласување на изложеноста кон поединечни издавачи кои се составен дел од МБИ
10 доколку дојде до промена во структурата на МБИ 10 како резултат на
периодичната ревизија на индексот од страна на Македонска берза.
Марковски рече дека за фондот не постојат законски пречки ниту ограничувања да вложува во акции на Комерцијална банка иако таа е депозитарна банка на овој инвестициски фонд.
На прашањето кој е првичниот капитал што друштвото ќе го вложи во акции од МБИ-10 Марковски одговори:- Минимално потребниот износ за почеток со работа на фондот е 300.000 евра во денарска противредност. По завршување на јавниот повик за купување на удели од КБ Публикум МБИ 10, ќе имаме и конкретна сума која што ќе биде предмет на инвестирање. Согласно проспектот на фондот, најмалку 90 отсто од нето имотот на фондот ќе се вложува во акциите кои го сочинуваат МБИ 10.
Домашната инвестициска јавност го поздравува потегот на КБ Публикум за отворање и управување со инвестициски фонд што ќе вложува во најтргуваните македонски акции. Ова е прв институционален инвеститор специјализиран за најтргуваните македонски акции. Домашните инвеститори кои тргуваат со акции на нашата берза позитивно гледаат на појавувањето на овој фонд и очекуваат да даде придонес за зајакнување на македонскиот пазар на капитал и да ги подобри позициите на малите акционери во остварување на нивните права на акционерските собранија на компаниите чии акции се најтргувани на нашата берза.
Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.