ПО ПОВОД ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА: Се собраа Македонците од Србија во Амбасадата во Белград
Објавено во: Македонија 09 Септември, 2024
Се собраа Македонците од Србија во Амбасадата во Белград, по повод 8-ми Септември, денот на независноста на Македонија.
Преставници на македоските здруженија од цела Србија, од Врање, Ниш, Белград, Нови Сад, Пландиште, Сомбор, истакнати писатели Македонци, преставници на македонските партии во Србија, денеска се собраа во македонската Амбасада во Белград на прием на кој беше одбележан Денот на независноста на Македонија. Најнапред се интонираше државната химна на Македонија, а потоа свое обраќање имаше амбасадорот Никола Тупанчески, кој го истакна значењето на Денот на независноста како и за пораките на премиерот Христијан Мицкоски од неговото вчерашно обраќање на Свечената академија во Скопје.
„Од десетте принципи кои беа споменати во говорот на премиерот на нашата држава, посебно би ги издвоил двата принципи кои се однесуваат на нашето единство од една страна и исто така на запирањето на иселувањето на граѓаните од нашата држава. Во таа насока ова се фундаментални принципи кои сериозно можат да придонесат во остварувањето на поквалитетен живот“, рече Тупанчески.
Македонците од Србија упатија пораки до Македонија.
„Многу е важно македонската национална заедница и македонскиот национален совет да ги возобновиме односите со матичната држава и заеднички да го прославуваме нашиот најголем празник“, изјави Зорица Митровиќ, претседателка на Македонскиот национален совет во Србија.
По повод одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста, во Ниш од денеска Здружението на граѓани на македонското национално малцинство од Нишавскиот округ Вардар Ниш, ќе ја започне манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Галеријата на Центарот за култура Ниш со изложба на авторката Мирјана Крстева Масети од Гевгелија.
Наредните денови во рамки на манифестацијата ќе се одржи концерт на изворни македонски народни песни на оркестарот на Општинското основно музичко-балетско училиште „Лазо Мицев – Рале“ од Кавадарци, книжевна вечер со поетот Игор Трпчески од Прилеп и љубовната монодрама „Лидија“ во Нишкиот куклен театар, како и Македонска филмска вечер во Центарот за култура во Ниш.
Фото: Амбасада