ПОЧНУВА МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА: Спортските сали се спремни, само во првата недела ќе бидат вакцинирани 35.000 граѓани
Објавено во: Македонија 04 Мај, 2021
По
пристигнувањето на 200.000 кинески вакцини од компанијата Синофарм, од денеска
во Македонија почнува масовната вакцинација на голем број пунктови во повеќе
регионални центри, и тоа во Битола, Штип, Охрид, Кавадарци, Тетово, Куманово и
Охрид. Дел од градоначалниците во текот на вчерашниот ден објавија дека
вакцините се пристигнати во нивните градови и дека се распоредени на
вакциналните пунктови.
-Во регионалниот центар за вакцинација во спортската сала „Билјанини Извори“ утре ќе започне масовна вакцинација на граѓаните од општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Вакцинирањето ќе се одвива според протоколот за имунизација утврден од страна на Министерството за здравство и согласно закажаните термини. Денеска пристигна првата пратка од 7200 вакцини од производителот "Синофарм". Дистрибуцијата на предвидените дози наменети за регионалниот центар ќе се одвива последователно во зависност од капацитетот и условите за чување, напиша во неговата објава на Фејсбук, охридскиот градоначалник Константин Георгиевски.
Во петокот во
Битола пак беше изведена подготовка на луѓето вклучени во спроведувањето на
вакцинацијата, а градоначалничката Наташа Петровска објави дека во медицинското
училиште е подготвена спортската сала каде ќе се одвива масовната вакцинација.
-Целосно ја
подготвивме спортската сала (простории, паравани, компјутери и друга опрема) во
медицинското училиште како регионален центар за вакцинација.
Во петокот е изведена и симулација односно подготовка на луѓето вклучени во
спроведувањето на вакцинацијата. Денес пристигнаа и вакцините. Нека ни е со лесно
целиот процес и исполнета желбата што побрзо да излеземе од пандемијата,
наведува Петровска во објавата на Фејсбук.
Масовната имунизација со кинеските вакцини за граѓаните од штипскиот и струмичкиот регион почнува исто така денеска во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип каде во текот на вчерашниот ден беа дистрибуирани првите 5.000 вакцини на Синофарм. Таму ќе се аплицираат до 2.000 дневно на 22 вакцинални пунктови.
Во Скопје, пак тече ревакцинацијата во Спортскиот центар А1 Арена„Борис Трајковски со вакцините на Спутник V, а дистрибуирани се вакцини од Синофарм со кои ќе почне масовната вакцинација. Во поликлиниките на Здравствен дом Скопје се аплицираат и вакцини од Фајзер и од АстраЗенека, но граѓаните немаат право на избор.
Во петокот, односно на 30. април во Македонија пристигнаа 200.000 од Синофарм, а денеска во посета на земјава пристигнуваат еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер по повод распределбата на вакцините од Европската Унија за Западен Балкан, од кои Македонија треба да добие 119.123 вакцини од компанијата Фајзер/БионТек.
Како што посочуваат од Министерството за здравство, масовната имунизација продолжува според старосната граница, критичната инфраструктура, но и сите лица кои се пријавиле на сајтот vakcinacija.mк, а вкупно на број се околу 170.000 граѓани. Вакцината на Синофарм ќе ја прими и министерот за здравство, Венко Филипче кој уште минатава недела изјави дека со тоа сака да даде пример дека сите вакцини се безбедни по здравјето на граѓаните.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.