Полицијата приведе скопјанец за дојавите за бомби
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2022
Приведено e едно лице во врска со заканите за бомби во училишта во Скопје, соопшти полицијата.
Полициски службеници од СВР Скопје денеска (02.11.2022) го приведоа Н.Н. од Скопје, поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје.
„Во координација со надлежното обвинителство се преземаат мерки за расчистување на случајот. Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста и дека завршија антитерористичките проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје на електронските адреси добиле порака со закана за поставена бомба и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Најнапред околу 14.30 часот во СВР Скопје беше добиена пријава од шест училишта, потоа околу 15 часот уште од две училишта и потоа од уште едно училиште во Скопје. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите девет училишта, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од полицијата.
Минатата недела три дена по ред имаше дојави за бомби во скопските училишта, а истото се случи и денеска.