Политички оценки од „Стандард и Пурс“ или патоказ за инвеститорите да бидат претпазливи со Македонија?
Објавено во: Економија 25 Мај, 2013
“За разлика од некои други меѓународни финансиски институции, агенциите за утврдување на кредитниот рејтинг на поодделни земји се натпреваруваат на меѓународниот пазар. Бидејќи исправноста на кредитниот рејтинг е мерлива со текот на времето, а потенцијалните инвеститори внимателно следат која агенција за утврдување на кредитниот рејтинг најдобро ја сработила работата, овие агенции не смеат да си дозволат да дадат непрецизни или неаргументирани оценки за некоја земја. Кога би направиле нешто такво би имале директна штета за сопствениот углед како агенција и би имале негативни финансиски последици заради тоа“ – смета Зоран Јовановски од СДСМ.Тој посочува дека Владата не треба да има двојни стандарди во толкувањето на оценките, односно кога се позитивни да ги потенцира, а кога се негативни – да ги напаѓа. “Стандард и Пурс“ само потврди дека економската состојба во земјава се влошува и дека не е “розова“ како што ја прикажува Власта, сметаат од ЛДП и побараа од министерот за финасии Зоран Ставрески да си поднесе оставка.
“Македонската економија секојдневно се повеќе и повеќе се доближува до амбисот. Она на што постојано повикуваше ЛДП денес го потврди и Кредитната агенција “Стандард и Пурс“, која кредитниот рејтинг на Македонија го намали за едно ниво. Агенцијата само потврди дека Владата има неадекватни контролни механизми заради што има зголемување на скриените трошоци на јавните инвестиции како и дека постојано се вложува во непродуктивни добра. Покрај другото, сметаат дека бизнис климата е помалку охрабрувачка за домашните мали и средни компании. “ – оценува Дејан Блажевски од ЛДП.Според Блажевски спорни се неколку точки: начинот и темпото на трошење на буџетскиот дефицит, цената на идните задолжувања и вкупната состојба со долговите на земјата. “Стандард и Пурс “ го намали кредитниот рејтинг на Македонија од ББ на ББ минус. Како причини за намалувањето од Агенцијата ги посочуваат зголемената јавна потрошувачка за непродуктивни работи, тешкотиите во управувањето со владините финансии, потоа економските притисоци , но и стеснетиот простор за странците кои се сопственици во македонските банки.
„Според наше мислење, политичките институции на Македонија имаат неадекватни контролни механизми, додека заостанатите плаќања на Владата претставуваат предизвик за резултатите од фискалната политика“ пишува во извештајот на Агенцијата во кој се посочуваат и настаните од 24 декември, кои беа и иницијална каписла и за генерирање на политичка криза.Дел од експертската јавност уште тогаш алармираше дека начинот на кој се усвои Буџетот за годинава во пакет со Законот за задолжување на Македонија кај Дојче Банк, ќе има сериозни последници по имиџот и угледот на земјaва, но и за транспарентноста во усвојување на Буџетот. Министерството за финасии излезе со остра реакција по Извештајот на “Стандард и Пурс“.
„Агенцијата со својот извештај си дозволува и да се меша во внатрешната политика на земјата зборувајќи за случувањата во Собранието околу носењето на Буџетот за 2013 година и сосема несоодветно зазема страна споменувајќи дека „членови на опозицијата биле отстранети од Собранието за да се избегне дискусија за зголемените расходи на владата. На тој начин се прејудицираат случувањата од 24 декември кои се предмет на испитување на Анкетната комисија, а агенцијата грубо се меша во внатрешната политика на земјата“, посочија од Финансии.Во светот на економијата и бизнисот, извештаите на ваквите агенции се користат како своевиден патоказ, за инвеститорите или банките при нивните одлуки за вложување во некоја земја или за каматите по кои би ги давале кредитите. Сепак, за истакнување е дека и други земји, поголеми од Македонија, не ретко имале судири со вакви или слични рејтинг агенции. Редакција Фактор Утре: Кои земји и зошто имале судири со рејтинг агенциите?
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.