Пописот покажа дека населението старее, а за неколку години ќе останеме без работници
Објавено во: Економија 11 Април, 2022
За 3 до 5 години Македонија ќе има сериозен недостиг на работна сила, вели Зоран Кочоски од Коузон, коментирајќи го фактот дека просечната возраст во земјава според пописот е 40.08 години.
Тој додава дека со овие трендови до 2025 години, земјава ќе нема работна сила, и смета дека многу бизниси ќе се затворат токму поради немање на кадар. Кочоски објаснува дека во Европа алармот е вклучен по ова прашање, затоа што има држави каде просечната возраст на населението е 44 или пак 47 години, но овие земји имаат политики за увоз на работна сила, нудат поволности за доселување и образование на странци. Смета дека во иднина во Македонија ќе треба да се олесни процедурата за увоз на работна сила.
„Македонија и сега нема работници. Истото се случува и во другите земји како Хрватска, Бугарија, Унгарија, па и Србија. Од 2011 година имаме поголем одлив на населението кое оди во странство. На брод изминативе години откако трае пандемијата годишно заминуваат по 700 до 800 луѓе, но тие не се иселени, туку се на привремена работа, додека поголем е бројот на оние кои заминуваат трајно од државата“, рече Кочоски.
Демографот Дончо Герасимовски објаснува дека пописот покажа дека населението старее и тоа треба да се гледа од повеќе аспекти. Вели дека на ова прашање не треба да се гледа политички, партиски или етнички, туку стручно и професионално. Стареењето во иднина ќе значи дека Македонија ќе нема работници, а и бројот на ученици и натаму ќе опаѓа.
„Населението во Македонија старее поради намалениот наталитет, зголемениот морталитет и миграцијата во странство. Тоа ќе се почувствува на пазарот на труд, на кој ќе нема работници, но треба да нѐ загрижува и образованието, затоа што бројот на ученици опаѓа и во основно и во средно, а многу подрачни училишта во селата ќе се затворат. Треба да се направи стратегија и да се донесат демографски мерки и политики. Источниот, Вардарскиот и Пелагонискиот регион демографски стојат многу лошо“, вели Герасимовски.
Тој додава дека цели 20 години имаме проблем со лошата демографска слика, и на прсти се бројат општините кои имаат позитивен природен прираст на населението. Додава дека ако годишно по 5.000 деца на наши иселеници се раѓаат во странство, и ако на тоа се додаде бројот на возрасните, нивните родители, тоа дава поцелосна слика за тоа колкав број граѓани губиме со иселувањето. Вели дека во државата постои Совет за статистика, и тој би можел да се произнесе по едно вакво важно прашање.
Сопствениците на фирми од различни сектори велат дека проблемот веќе го чувствуваат на своја кожа. Работници сѐ потешко наоѓаат.
„Многу тешко наоѓаме работници. Ако се работи за 2-3 лица наоѓаме од околните села, се распрашуваме дали некој сака да работи, но за вработување на повеќе лица е многу тешко и не може да се најде кадар. Последните 2-3 години многу луѓе од овој крај заминаа во Германија, Италија, Словенија, и овде останаа само старите мајстори“, објаснуваат од градежна фирма од Дебар.
За многу стручни профили и занаети, фалат работници. Тие заминуваат во странство поради подобри услови за работа и подобра заработка.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.