Поради доаѓањето на студенти од Турција поскапеа кириите во Штип
Објавено во: Економија 17 Октомври, 2023
Поради напливот на студенти од Турција кои се образуваат во Штип има зголемување на цените на кириите.
Ова го забележуваат македонските студенти кои бараат сместување во Штип. Според нив, турските студенти можат да си дозволат да платат поскапо и тоа ја отежнува потрагата по стан. Во групите на социјалните мрежи многу турски државјани бараат сместување во градот под Исарот. Но, има и огласи каде издавачот оставил порака „специјално за турски студенти“.
„За детето еден месец баравме сместување. Има стари куќи кои се во лоша состојба, за кои газдите бараат по 200 евра. Можете да најдете една соба, за 4.000 денари месечно, ама тоа се најчесто во постари куќи. Турските студенти во групите на социјалните мрежи прашуваат за сместување, си бараат нови станови или куќи, некои бараат нешто полуксузно, пишуваат дека месечно можат да платат по 400-500 евра или едно лице да плати 300 евра. За нашиот стандард и според нашите плати, дури и 150 евра е скапо“, вели Билјана К. родител.
Студентите од Турција кои ги контактиравме, објаснуваат дека овдешните цени за нив се прифатливи, но тие не се драстично побогати од нас. Eмре Наир, 23 годишно момче од Истанбул вели дека Македонија им е поевтина опција за разлика од Турција.
„Македонија е поевтина од Турција. Јас барав сместување во Штип за друго лице, инаку јас студирам медицина. За нас е важно да имаме диплома од универзитет од странска земја“, рече тој.
Eда Сулак на свои 18 години, односно пред 5 години почнала со студии во Штип. Таа вели дека има секакви ситуации, затоа што не сите газди се коректни, како и потстанарите. Девојката објаснува дека за сместување, понекогаш им бараат однапред да платат за 2-3 месеци.
„Турците не доаѓаат овде бидејќи нивната економска состојба е многу добра, напротив, студирањето на факултет овде е подостапно од студирањето во Турција бидејќи ова е неразвиена земја“, рече Сулак.
Сефа Аклуман e студент по стоматологија 3-та година и веќе 5-та година е во Македонија.
„Имав 20 години кога дојдов во Македонија, сега имам 25. Првата куќа под кирија во Македонија ми беше во Сењак. Киријата за таа куќа беше 250 евра, и бев прв станар на куќата, дури ни кујната не беше наместена, сè беше незадоволително. Но, изгледа е невозможно да се најде куќа за 250 евра во тој дел, дури е многу тешко да се најде куќа за живеење за 250 евра во Штип. Алчните луѓе ги гледаат турските студенти како многу богати, но не секој што доаѓа е толку богат. Се разбира, меѓу нив има многу богати, но многу е погрешно да нè гледаат сите нас како богати, бидејќи економијата во Турција е многу лоша. Повеќето од семејствата што ги испраќаат своите деца овде, ги продаваат своите дуќани, куќи, автомобили“, вели ова момче.
Додава дека ако не најдат куќа или стан под кирија, ќе треба да престојуваат во хотели, апартмани или да се вратат назад, во Турција, но како што вели сите имаат соништа и не сакаат да им се поматат плановите. Кажа дека годишно доаѓаат 300-400 Турци студенти од цела Турција, не само од големите градови како Истанбул, Анкара, Елазиг, Измир, Анталија, Мугла, Дијарбакир, Газиантеп и Коња.
„Бидејќи не можевме да влеземе на катедрата што ја сакавме во Турција, доаѓаме во Македонија. Приватните универзитети во Турција се многу скапи во споредба со овие овде. Студирањето на универзитет во Македонија е попогодно од студирањето на факултет во Турција“, рече Аклуман.
Сопствениците на станови во Штип признаваат дека има корекција на кириите, но некои од нив сепак нудат пристапни цени.
„Јас преферирам да сместам македонски студенти, но ако нема, станот го издавам на Турци. Две лица ако се сместени, плаќаат по 100 евра, односно 200 евра заедно. По 2005 година поради дисперзираните студии поскапеа кириите во Штип, а претходно беа многу ниски. Доаѓаат студенти од Турција, тоа се млади чии родители се средна класа, секако има и побогати, а во помал процент има и деца кои потекнуваат од сиромашни семејства“, вели Драги Стојановски од Штип, кој издава стан.
Друга жена од Штип потврдува дека поради странските студенти има поскапување на кириите.
„Точно е дека Турците придонесоа да поскапат кириите, а од друга страна секој сака да земе повеќе пари ако може. Јас само еднаш имав сместено Турци, но плаќаа нормална кирија како и другите. Тоа беше во периодот на пандемијата“, додава штипјанка.
Младите кои се од другите градови, а одлучиле да го продолжат образованието во Штип, ако не најдат сместување, одлучуваат да патуваат со сопствени возила групирајќи се со своите колеги. Автобускиот превоз во делови од земјава не е на завидно ниво, затоа што линиите меѓу градовите или се ретки или воопшто ги нема.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/vecstock
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.