Поради одморите има „мртов“ период на зелените пазари
Објавено во: Економија 23 Август, 2022
Во повеќе градови во внатрешноста, трговците велат дека имаат „мртов“ период на зелените пазари, односно намален е бројот на муштерии, затоа што луѓето одат на годишни одмори, печалбарите постепено се враќаат на Запад, а и горештините имаат удел и придонесуваат за помала фреквенција. Додека имаме топлотни бранови, дел од населението купува овошје и зеленчук во најблиската продавница или маркет, наместо да оди до пазар.
„Продавам пиперки на пазарот во Куманово, и забележувам дека месецов е послабо, така што поголеми количини не можам да продадам во еден ден. Aко една разработена тезга на пазар која има редовни купувачи и повеќе видови на производи, продавала 100 килограми пипер дневно, сега продава по 60 колограми“, вели земјоделец од кумановско.
Од јавното
претпријатије „Пазаришта“ од Куманово објаснуваат дека сега се во еден вакуум
период кој трае нешто повеќе од 20 дена. Се забележува дека има помалку народ
на пазарот од вообичаено.
„Од 15 август до
10 септември имаме помалку купувачи, затоа што граѓаните се по одмори,
печалбарите си заминуваат, а и топлото време придонесува луѓето да не одат на
пазар. Зборуваме за периоди кога има екстремни температури, било да е топло или
ладно. Исто и во зима, јануари и февруари се тешки месеци, затоа што луѓето
помалку одат на пазар, може да се случи робата да измрзне, и во тој период 5
до 10 отсто од трговците избегнуваат да закупуваат тезги, тоа не одговара со
нивните пресметки. Тие се директно погодени, а и ние индиректно затоа што ќе
имаме помалку приходи“, вели Гзим Кадрији, директор на ЈП„Пазаришта“.
Што се однесува до струмичкиот пазар, наведуваат дека претходно имало наплив на гастарбајтери, и прометот бил добар, но последнава недела како што велат е статус кво.
На пазарот во Гевгелија од 15 јули до септември опаѓа работата.
„Најфреквентен период на пазарот е кога ќе излезат раноградинарските култури, потоа преку летото прометот е помал, исто и во зима. Гевгелија е погранично гратче, имаме туристи кои доаѓаат на еден ден, Грци, поминуваат Срби, Романци, градот е полн, но на пазарот преку лето е помалку фреквентно“, додаваат од ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија.
Лоша е состојбата и во малото гратче на Истокот, Берово. Објаснуваат дека имаат 80 тезги на пазарот, но само дел или околу 50 се даваат под закуп, а другите стојат празни затоа што нема интерес.
„Се чувствува дека нема купувачи, но тоа не е само поради одморите, туку поради иселувањето. Се намали бројот на населението. И зимските месеци, околу празниците, Нова година, Божиќ се тешки“, велат од ЈПКР „Услуга“ Берово.
Од јавното претпријатије „Комуналец“ од Крива Паланка објаснуваат дека поради одморите 5 до 10 отсто има пад на работата на пазарот.
„Но, од друга страна во саботите повремено има и посетители од Бугарија и на тој начин дел се компензира. Сега на пазарот луѓето изнесуваат мали количини од овошјето и зеленчукот кое е нивно производство на отворено“, велат од „Комуналец“ од Крива Паланка.
Од „Зелен Пазар“ во Скопје велат дека не забележале некои поголеми осцилации Но, од другите градови трговците и земјоделците се свесни дека Скопје едноставно е голем град, и функционира поинаку во сите сфери на општественото живеење.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/dragana_gordic