Посебна брошура за претставување на Охрид пред инвеститорите
Објавено во: Економија 13 Јуни, 2013
„Инвестирајте во Охрид“ е насловот на брошурата која општина Охрид почна да ја подготвувава преку Секторот за туризам и локален економски развој согласно новата програма за 2013 година.
Сите заинтересирани физички и правни лица, организации и здруженија сопственици на земјиште или други недвижности во Охрид, можат да поднесат проектни пријави кои опфаќаат разработени идеи од интерес за домашните и странските инвеститори.
Според раководителот на Секторот за ТЛЕР Ѓоко Апостолов, брошурата ќе биде наменета за сите заинтересирани инвеститори кои во голем број доаѓаат во Охрид.
- Сакаме да го олесниме пристапот до информации за заинтересираните страни во однос на тоа што ние како општина можеме да им го понудиме, без разлика дали станува збор за сопственост на општината или можеби приватна сопственост за која ние се јавуваме како посредници. Од друга страна, преку овој јавен повик сакаме да ги мотивираме луѓето односно заинтересираните страни кои имаат што да понудат во една од десетте тематски понуди, истакна Апостолов.
Проектните пријави, додаде, треба да опфаќаат разработени идеи од интерес за странски и домашни инвеститори во повеќе области меѓу кои, туризам, информатички и комуникациски технологии, агробизнис и преработка на храна, енергетика, градежништво, текстил, медицина и здравствена заштита, инфраструктура и машинска индустрија.
- Доколку некој сопственик на земјиште на кое согласно Урбанистичкиот план има дозвола за изградба на мал хотел, мотел или сличен угостителски капацитет и сака едноставно да го даде на инвеститор тоа земјиште, преку овој јавен повик ќе може да го пополни соодветниот формулар. Сите проектни идеи кои согласно критериумите ги исполнат условите, ќе се најдат во оваа брошура што ќе се дели на сите заинтересирани инвеститори кои ќе доаѓаат во Охрид, појасни Апостолов.
Брошурата „Инвестирајте во Охрид“ ќе се дели на сите заинтересирани домашни и странски инвеститори кои ќе го посетат Охрид, но и преку економските промотери на Република Македонија во странство. Ќе биде прикачена и на веб-страната на општина Охрид