ПОСКАПЕ РУСКИОТ ГАС ВО МАКЕДОНИЈА, ИЛИ НЕ?
Објавено во: Економија 08 Ноември, 2023
Потрошувачите и натаму се во неизвесност дали рускиот гас ќе поскапе во Македонија со воведената дополнителна такса од 10 евра за мегаватчас за транзит преку Бугарија. Бидејќи најголем дел од гасот кој се користи во Македонија доаѓа од Русија, експертите велат дека ова ќе значи негово поскапување за нешто повеќе од 17 отсто, што би било тешко подносливо за македонската економија.
Вчера министерот за економија Крешник Бектеши излезе со тврдење дека гасот кој доаѓа од „Газпром“ веќе е поскапен во земјата, на што „Макпетрол“ веднаш се јави со демант..
– Снабдувачот кој има директен договор со „Газпром“ започна со зголемување на цените за 10 евра со вградување на таксата која е воведена во Бугарија. Такви снабдувачи во државата имаме двајца -еден е фирма ќерка на ТЕ-ТО, а другата е фирма во Македонија која користи целосно руски гас. Тие веќе стануваат неконкурентни на македонскиот пазар со снабдување на рускиот природен гас, рече Бектеши.
Од „Макпетрол“ тврдат дека, како клиенти на „Газпром“ со кого имаат годишен договор, немаат наметнато поскапување и дека рускиот доставувач останува на тоа што е договорено, независно од тоа што се случува помеѓу една од најголемите енергетски компании во светот и Бугарија.
„Макпетрол децидно демантира дека цената на природниот гас за своите потрошувачи ќе биде зголемена“, гласи категоричниот демант на „Макпетрол“, од каде не ни очекуваат во иднина да ги зголемат цените.
Трговецот Митко Андреевски вели дека од она што може да се види со голо око е дека цените на гасот за транспорт во малопродажба се зголемени од 64 на 71,5 денари, додека билатералните договори со индустријата се тајни и таму не може да се види дали има промени.
- Ако не сега, од 1 декември очекувам да има поскапување. Сепак не треба да бидеме сигурни дека и тековните договори за ноември нема да бидат поскапи, затоа што може дополнително да бидат фактурирани со т.н. „форс мажор“ (виша сила), вели Андреевски како познавач на приликите.
Од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, чиј систем е еден од најголемите потрошувачи на руски гас, велат дека засега цените остануваат непроменети, односно дека нема големо поскапување.
- Ние имаме месечни договори и нема зголемување на цената на тој што го потпишавме за месец ноември, додека за декември останува да видиме што ќе се случи, брифираат од ТИРЗ.
Со ЕСМ не успеавме да стапиме во контакт за коментар за цената по која се купува гасот за топланите. Како што е познато, од таму се склучуваат месечни договори кои во последно време ги добива бугарски оператор.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.