Последниот танц на Ахмети - Тактичко повлекување или политичка пензија
Објавено во: Анализа 04 Ноември, 2025 10:07
Стариот политички лисец Али Ахмети не планира да си поднесе оставка по изборниот пораз на ДУИ и коалицијата Национална алијанса за интеграција. Ахмети дури смета дека тие се и победници ако се гледаат гласовите на советничките листи.
Во соочувањето со поразот и во вториот изборен круг покрај Ахмети ги немаше двајцата коалициони партнери Зијадин Села и Арбен Таравари кои ги предводат двете крила на Алијанса на Албанците, ниту пак лидерите од помалите коалициони партнери да се соочат со камерите и прашањата како ги оценуваат овие избори.
Ахмети сепак, никогаш не смее да се потцени, дури и сега кога се соочува со втор пораз кој го турна во длабока опозиција и на централно и на локално ниво. ДУИ и НАИ ги изгубија изборите во општините со албанско население во Скопје, Тетово, Кичево, Дебар и Струга. Единствено интегративците победија во кумановскиот регион, во Пласница победија со коалициониот партнер Јахоски, и изненадија во општина Чашка која за првпат ќе ја предводи градоначалник со албанско потекло.
Ахмети на последните изборни циклуси има неколку битки - да остане лидер на ДУИ како доживотен претседател, да ја задржи релевантноста на интегративците на политичката сцена и тој лично да го одбере идниот предводник на партијата со седиште во Мала Речица.
За многумина Артан Груби беше очигледниот избор за наследник на Ахмети кој беше силно протежиран и во рамките на партијата и во претходниот владин состав. Вториот избор се гледаше во Бујар Османи, најперспективен политичар од албанско потекло, кој како министер за надворешни работи на Македонија се проектираше себеси како заштитник дури и на интересите на Албанците во регионот, на пример со лобирањето за признавање на независноста на Косово.
Сега едниот е во бегство во странство со сериозни предмети за корупција и злоупотреба на службената положба, а вториот беше принуден да се спушти од Самитот на ОБСЕ на локална кампања за дивоградбите во Чаир и најверојатно со политичка кариера во нокаут.
Во услови кога нема јасен наследник на Ахмети се повеќе ќе расте популарноста на ВЛЕН како реформско крило на ДУИ и дестинација за незадоволните, но и на клиентелистите кои до вечера уживаа во државните бенефиции.
Ако Ахмети веќе знаеше дека ќе изгуби и реши да отстапи на коалиционите партнери повеќе градоначалнички позиции, сега и одговорноста за поразот полесно може да ја префрли на нивен товар.
Зијадин Села не успеа да донесе победа на неговиот терен во Струга каде победи независниот кандидат и бизнисмен Менди Ќура поддржан од ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ, а Арбен Таравари на негов терен во Гостивар и Врапчиште иако убедливо водат неговите кандидати за градоначалници сепак, не успеа да го исполни цензусот и изборите во овие општини ќе мора целосно да се повторат.
ДУИ во највисокото раководство имала луѓе од Тетово кои биле градоначалници на Тетово, но повторно немаа сила да му се спротистават на Билал Касами, поранешен интегративец од пониските ешалони кој се етаблираше како лидер на БЕСА и еден од највештите албански политичари во Македонија во последните речиси десет години.
Можеби иден лидер на ДУИ ќе се бара од кумановско-липковскиот регион кој постојано испорачува победи за Ахмети во последните изборни циклуси и покажува највисока стапка на лојалност.
Меџити кој ја запали искрата со Огнената група сега има апсолутно победничка позиција иако човек кој се обидел да го смени ДУИ одвнатре но, откако не бил послушан, финалниот удар го задал однадвор. Тој по изборите порача дека сега ДУИ ќе оди во историја, и дека дел од НАИ најверојатно ќе се приклучи кон ВРЕДИ и владејачкото мнозинство.
Можеби по повеќе од 20 години навистина бевме сведоци на последниот танц на Ахмети на македонската политичка сцена, идолот на Христијан Мицкоски во политиката и вечниот лидер на Албанците во Македонија. Но, како и секогаш стариот лисец се додека не каже дека дефинитивно се повлекува, треба да почекаме дали има уште некој ас во ракавот.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





