26 Април, 2024
0.1826

ПОСВЕТЕНО РАБОТИ НА ВИДЕО ЛЕКЦИИ: Наставничка од Тетово е убедена дека со ентузијазам и труд ќе имаме успешно онлајн учење

Објавено во: Македонија 28 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Соња Трифуновска, одделенски наставник од основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово со голема посветеноста работи на снимање на видео лекции и презентации, и верува дека ако сите вложат труд и работат со ентузијазам, оваа учебна година ќе биде успешна и покрај пандемијата на коронавирусот.

Многу ученици во државата ќе учат онлајн за да се избегне ширењето на коронавирусот. Онлајн наставата е нужна опција која треба да обезбеди континуитет во воспитно-образовниот процес во ова време на пандемија во многу училишта во кои нема услови за одвивање на наставата со физичко присуство, вели Трифуновска.

„Многу е јасно дека таа во никој случај не може да го замени живиот збор на наставникот, бидејќи училницата е место во кое се случуваат многу значајни процеси со непосредно учество на инволвираните страни во воспитно-образовниот процес: социјализација на учениците, адаптација во училишната средина, создавање на работни навики, интеракција наставник-ученик и ученик-ученик во која секојдневно се случуваат воспитни ситуации во кои наставникот дава насоки како тие да се разрешат и на тој начин воспитно делува врз учениците и врз формирање на нивната личност. Сите овие процеси се дел од воспитниот елемент кој треба да го обезбеди наставата, а многу малку можат да се реализираат преку учењето на далечина. Во однос на образовниот елемент ситуацијата е малку подобра бидејќи со онлајн наставата наставникот успева да пренесува знаења, да воспостави двонасочна комуникација со учениците и да добие повратна информација за совладаноста на наставниот материјал“, објаснува Трифуновска.

Вели дека од месец март кога започна корона кризата целиот образовен систем беше затечен од ситуацијата и увиделе колку малку се подготвени за примена на учење на далечина. Сето тоа им укажало дека во изминатите години не се адаптирале како образовен систем на модерните технолошки трендови кои се случуваат во светот. Оваа наставничка вели дека наставниците беа доведени во ситуација да се снаоѓаат сами во обезбедување на онлајн настава за учениците.

Наставниците кои беа подготвени за примена на ИКТ во наставата веднаш воспоставија двонасочна комуникација со учениците преку различни образовни платформи и наставниот процес непречено се одвиваше.  Мое мислење е дека ова се однесува на помал процент од наставниците. Повеќето испраќаа образовни материјали и добиваа изработени домашни задачи од учениците. Денес светла точка во целата ситуација гледам во Националната платформа. Таа е унифицирана и дава можности на сите наставници за користење на образовни ресурси, креирање на активности и организирање на часови со видео-конференциска врска. Обуките за имплементирање на оваа новина поминаа добро, иако времето е премногу кратко за да се подготвиме како што е потребно. Сепак  наставниците работат со поголем елан свесни за ситуацијата во која се наоѓаме. Ова го зборувам како училишен обучувач за Националната платформа во моето училиште. Имам голема надеж дека платформата ќе заживее и дека континуирано ќе се развива согласно потребите на наставниците“, додава Трифуновска.

Но, таа вели дека проблем е што многу училишта, но и учениците дома немаат стабилна интернет конекција.  Друг проблем кој се јавува е што семејствата немаат доволно уреди за сите деца.

„На пример јас имам четири деца, три од нив се на училишна возраст и на нашето семејство му се потребни четири дигитални уреди  за да се вклучиме сите во онлајн наставата. Ова е голем проблем кој мора постепено да се решава. Се надевам дека државата ќе започне повеќе да вложува во образованието, бидејќи тоа е темелот на една држава и дека МОН ќе изработи стратегија за континуиран професионален развој на наставниците со акцент на развивање на дигиталните компетенции и можност за кариерен напредок на наставниците за да бидеме во чекор со светскиот развој на образовен план. На почетокот на учебната година сигурно ќе имаме потешкотии да работиме на платформата, но со тек на време и со поддршка на обучувачите за платформата би требало овие проблеми да се решат. Генерално земено мислам дека успешноста на онлајн наставата ќе биде поголема за разлика од минатата учебна година“, рече Трифуновска.

Дел од повозрасните наставници излегоа со поплаки дека тешко ќе се снајдат со онлајн предавањата, затоа што не ги познаваат доволно современите технологии. Трифуновска вели дека со помош на колегите и обучувачите, и тие ќе можат успешно да ја реализираат наставата, а нејзин совет е во платформата да ги користат само најнеопходните алатки.

„Според мене најважно е да се организира час со видео конференциска врска, да се испрати домашна задача и да се прегледа истата и оцени, а останатите алатки можат тековно да се учат. На учениците им препорачувам  да бидат редовни на онлајн часовите, континуирано  да учат и навремено да ги извршуваат зададените задачи. Во слободно време да бидат во природа, да се занимаваат со корисни активности кои ги исполнуваат и да го зачуваат така своето здравје  и добрата психичка состојба. Сите учесници во воспитно-образовниот процес треба многу да се вложуваат  за да го извлечеме максимумот од овие неповолни услови за изведување на наставата“, објаснува наставничката.

Трифуновска снимила осумнаесет лекции за Едуино, но исто така има снимено и видео презентации за скоро секоја наставна содржина за учениците од нејзината паралелка. Нив ги споделила и во одделенските Фејсбук групи за да бидат достапни на сите наставници.

Дел од учениците во внатрешноста веќе најавија бојкот на наставата ако не им се обезбеди физичко присуство.

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Анкетата на МКД.мк и Маркет најпрецизна за првиот круг претседателски избори

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

Таравари по телефонскиот повик од Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ разбира колку „тежиме“

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

ПОПЛАВА ВО ТОКСИКОЛОГИЈА: Пукнала цевка за парно, поплавени биле повеќе делови на клиниката

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

МАСКИРАН СО „ФАНТОМКА“ ВЛЕТАЛ ВО КАЗИНО СО АВТОМАТСКА ПУШКА - украл над 300 илјади денари, еве ги деталите

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

„АРТАН, ТЕРАПИЈАТА ТИ ЈА ПРЕПИШУВА Д-Р АРБЕН, ЌЕ ЈА ПРИМИШ НА 8 МАЈ“: Ганиу му се обрати на Груби

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица